Рускиот бизнисмен Самсоненко ги продаде акциите во Жито Полог

сергеј самсоненко
Сергеј Самсоненко, Фото: Архива

Самсоненко на Јосифовски му продал 11.119 акции во Жито Полог, што претставува удел од 19,86 отсто, соопшти компанијата на Македонската берза во вторникот

Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко го продаде целиот свој удел во Жито Полог, компанија која произведува мелнички производи, поседува сместувачки капацитети за житни култури, како и сопствена малопродажна мрежа на индивидуалниот инвеститор Тони Јосифовски, соопшти Жито Полог, објави СЕЕ-Њуз.
Самсоненко на Јосифовски му продал 11.119 акции во Жито Полог, што претставува удел од 19,86 отсто, соопшти компанијата на Македонската берза во вторникот. Вредноста на трансакцијата не беше откриена.

Инаку на почетокот на јуни годинава, Сергеј Самсоненко стана сопственик на нови 2.469 обични акции со право на глас во „Жито Полог“. Информацијата ја сподели тетовската компанија која во најавата ја опиша како „ценовно чувствителна“, со што рускиот бизнисмен поседувал вкупно 11.119 обични акции или 19,86 отсто во структурата на „Жито Полог“ АД.

Акциите на Жито Полог последен пат се тргуваа по просечна цена од 2.266 денари (40,1 долари/36,7 евра) на берзата во Скопје на 6 јуни. Акционерскиот капитал на Жито Полог е поделен на 55.997 акции со номинална вредност од 51,13 евра (55,9 долари).

Според годишниот извештај за работата на компанијата за 2022 година, а објавен во март годинава, моментално Жито Полог АД брои 87 вработени, а нето финансиската добивка на 31 декември изнесувала 14.940.468 денари.

„Во согласност со член 457 од Законот за трговски друштва, во извештајниот период од 01.01.2022 до 31.12.2022 година се реализирани зделки со заинтересирана страна и тоа договори склучени во рамките на редовното деловно работење (купување, продавање, користење на услуги, аванси, кредити, гаранции, земање и давање на краткорочни парични позајмици, шпедиција, дистрибуција ) по тековни пазарни услови за слични видови на трансакции помеѓу Жито Полог АД со ОРКА Холдинг АД – Скопје и друштвата во кои ОРКА Холдинг АД –Скопје се јавува како сопственик на удел и тоа: ОК СЕКЈУРИТИ ДООЕЛ – Скопје, ОК МЕДИА ДООЕЛ – Скопје , О.К ИДЕА ДООЕЛ – Скопје , МОНТ ДООЕЛ – Скопје, КАРА ДООЕЛ- Скопје , ОРКА ХОТЕЛ ДООЕЛ – Скопје, ОК ТРАНСПОРТ ДООЕЛ – Скопје, БЕТОН ШТИП ДОО –Штип.

Зделките се одобрени со одлука од Собрание на акционери одржано на 04.05.2022 година. Вредноста на секоја од погоренаведените зделки поединечно или кумулативно за период од 12 месеци од денот на донесувањето на одлука до денот на одржување на следното годишно собрание не надминува 45.000.000 денари која вредност изнесува 7,8 отсто од од сметководствената вредност на имотот на Жито ПологАД- Тетово определена врз основа на последните ревидирани финансиски извештаи на друштвото“, стои во годишниот извештај.

Во 2019 година медимумите информираа дека е отворена стечајна постапка за фирмата „Сис инвест груп“ и дека се јавиле 14 доверители кои побаруваат вкупно 9,5 милиони евра. Тогаш, изјави во јавност даваше и Самсоненко кој тврдеше дека има сомнеж за организирана шема со цел превземање на неговиот имот. Фирмата „Сис инвест груп“ ги поседуваше недоизградениот хотел „Мериот Кортјард“, невселениот Офицерски дом, како и недоградената Руска црква.

Инаку, првата Мелница во Полошкиот регион која датира од далечната 1903 година е зачеток на денешната Компанија Жито Полог АД – Тетово. Во почетокот на шеесеттите години, изградени се првите силосни ќелии за пченица и објектот на Мелницата, на сегашната локација на компанијата. Во 1998 год. извршена е комплетна реконструкција на Мелницата, при што е инсталирана најсовремена БУХЛЕР технолошка опрема. Во текот на шеесеттите години започнува со работа индустриската Пекара. Опремена е со 2 индустриски линии, Mинел и Гостол (инсталирани во 2000 год.).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот