СП Колаж / Украина Русија

Русија планира пролетната офанзива во Украина да ја искористи како силен нов аргумент во преговорите?

Иако зимската руска офанзива донесе високи загуби за минимални територијални придобивки, безбедносните проценки сугерираат дека Кремљ не се откажал од плановите за решавачки воен притисок врз Украина.

Напротив, според украински и меѓународни аналитичари, Москва интензивно собира луѓе и опрема за нова масовна офанзива која би можела да започне кон крајот на пролетта или почетокот на летото, со цел да ја скрши украинската одбрана и да наметне мировни услови од позиција на сила, пренесува „Киев пост“ повикувајќи се на последните извештаи на Американскиот институт за проучување на војната (ISW)

Планови за голема офанзива

Според Роман Похорилиј, коосновач на украинската воена истражувачка група „Дип Стејт УА“, Русија во моментов гради стратешки резерви за офанзива со широк обем, чиј главен удар би бил насочен кон Источна Украина. Главни цели, според него, се Славјанск и Краматорск – клучни градови во Донецката област, чиј пад би ѝ овозможил на Москва да ги вовлече главните копнени сили на Украина во исцрпувачка фронтална битка.

Како дополнителен, одвлекувачки маневар, на почетокот на летото се предвидува помошен напад кон југот, со фокус на Запорожје и Орихив. Целта е да се растегнат украинските резерви и да се намали отпорот на главниот источен правец. Според проценките на Руслан Микула од „Дип Стејт“, бројот на руски војници собрани за главниот удар може да надмине 100.000.

Реалните способности на руската армија

И покрај амбициозните планови, украинските аналитичари предупредуваат дека постои голем јаз меѓу сликата што Москва ја проектира и нејзините вистински борбени капацитети. „Дип Стејт“ потсетува дека украинската армија веќе повеќепати докажала дека може да ги сопре руските офанзиви, дури и кога тие се изведуваат со значителна бројна надмоќ.

Во анализата се нагласува дека руската армија, под притисок на украинските беспилотни летала и прецизната артилерија, беше принудена речиси целосно да се откаже од масовна употреба на тенкови и оклопни транспортери. Наместо тоа, Кремљ се префрли на пешадиски инфилтрации со мали групи – тактика што овозможува ограничен напредок, но со огромни човечки загуби, пишуваат регионалните медиуми.

Како што цинично забележуваат украинските аналитичари, руската логистика и тактика се сведоа на импровизации кои не одговараат на имиџот на „втората најмоќна армија во светот“.

Западни проценки: офанзива да, пробив тешко

Поранешниот директор на ЦИА и генерал Дејвид Петреус смета дека руските напади веќе се во тек на одредени правци, но дека украинската одбрана има капацитет да издржи и поширока пролетно-летна офанзива. Според него, клучниот фактор останува моралот и отпорноста на украинското општество, зад кое стои армијата.

Слична е и оценката на украинскиот воен новинар Андриј Каплиенко, кој предупредува дека Русија се подготвува за ескалација, а не за дипломатија, но истовремено прогнозира дека новата офанзива ќе наиде на истите структурни проблеми како и претходните.

Офанзива е веројатна, решавачки пресврт малку?

Сите достапни индикации укажуваат дека Русија навистина ќе се обиде да започне нова голема офанзива со значителен број војници, најверојатно кон крајот на пролетта или во текот на летото. Сепак, аналитичките проценки сугерираат дека Москва влегува во таа операција со сериозно ослабени борбени капацитети, ограничена техника и економија под притисок.

Наместо брз и одлучувачки пробив, најреалното сценарио е повторување на веќе виден модел: минимален територијален напредок, проследен со максимални човечки и материјални загуби. Во тој контекст, новата руска офанзива повеќе изгледа како обид да се одржи воениот притисок, отколку како стратегија што може суштински да го смени текот на војната.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот