Русија користела ракета поради која Трамп се повлече од нуклеарниот договор, тврди Киев
Русија во последниве месеци нападнала цели во Украина со крстосувачка ракета, чиј таен развој го натера претседателот на САД, Доналд Трамп да се повлече од договорот за контрола на нуклеарното оружје со Москва во неговиот прв претседателски мандат, изјави украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.
Препорачано
Коментарите на Сибиха се прва потврда дека Русија ја користела копнената ракета 9М729 во борба, било во Украина или на друго место. Русија ја истрелала оваа ракета кон Украина 23 пати од август, изјави висок украински претставник за „Ројтерс“. Украина, исто така, забележала две лансирања на 9М729 во 2022 година.
Ракетата 9М729 беше причината поради која САД се повлекоа од Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (INF) во 2019 година. Вашингтон тогаш тврдеше дека ракетата го прекршува договорот, бидејќи може да лета многу подалеку од дозволените 500 км, иако Русија тоа го негираше.
Според веб-страницата „Missile Threat“ на Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон, ракетата може да носи нуклеарна или конвенционална бојева глава и има дострел до 2.500 км.
Воени извори тврдат дека една 9М729 истрелана од Русија на 5 октомври прелетала над 1.200 км пред да удри во цел во Украина.
„Употребата на 9М729, ракета забранета со договорот INF, од страна на Русија во последниве месеци, го покажува непочитувањето на Путин кон Соединетите Држави и кон дипломатските напори на претседателот Трамп за завршување на руската војна против Украина,“ изјави Сибихa.


