РСЕ: Европската комисија претстави идеи за прием на нови држави во ЕУ – членките резервирани
Европската комисија им претставила на земјите членки на Европската унија низа идеи за тоа како да се пристапи кон членството на идните држави во европскиот блок, објави Радио Слободна Европа (РСЕ).
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Сепак, се чини дека земјите членки не се подготвени да ги менуваат правилата на игра во процесот на проширување, иако некои земји од регионот веќе изразија подготвеност да се приклучат во ЕУ без целосни права како останатите членки, дознава РСЕ од дипломатски извори во Брисел.
На 4 март се одржала вечера меѓу амбасадорите на земјите-членки на ЕУ и Бјорн Зајберт, шеф на кабинетот на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, на која тој ги изнел можните опции за тоа како Унијата би можела да продолжи со процесот на прием на нови членки.
Како што за РСЕ потврдиле извори упатени во расправата, Зајберт претставил три можни сценарија.
Првото сценарио е таканаречениот статус кво. Тоа подразбира задржување на постојните правила и членство во ЕУ врз основа на заслуги.
Второто сценарио, според идеите од кабинетот на претседателката на Европската комисија, би подразбирало систематска и постепена интеграција.
Во оваа опција се споменуваат таканаречени нови интеграциски пакети, како што се единствениот пазар или заедничката надворешна и безбедносна политика. За време на вечерата било нагласено дека оваа опција би подразбирала поврзување на преговарачките кластери, а предлогот вклучува и пресвртни точки, што значи постепено вклучување во одделни европски политики во согласност со напредокот што го постигнуваат државите.
Сепак, Бјорн Зајберт предупредил дека за оваа опција би била потребна нова правна основа во рамките на ЕУ.
Третото сценарио во жаргон се нарекува „обратно членство“ или, како што некои европски претставници сакаат пооптимистички да го нарекуваат, „постепено членство“.
Оваа опција предвидува две фази за идните членки на ЕУ: првата вклучува членство и интеграција во одделни политики, додека втората фаза би опфатила постепено проширување на правата и обврските на таа членка.
Како што за РСЕ пренеле извори, идејата за обратно или постепено членство веднаш наишла на одбивање од мнозинството земји-членки на ЕУ.
Изворите на РСЕ наведуваат дека некои земји не ја отфрлиле веднаш втората опција, сугерирајќи дека би биле подготвени на идните членки на ЕУ да им овозможат пристап до одредени водечки проекти, како што се енергетиката или европскиот систем за плаќања во евра (СЕПА).
Пристап до СЕПА
Откако американски претставници неофицијално навестиле дека забрзан прием на Украина би можел да биде дел од мировен пакет, во бриселските кулоари започнала расправа за тоа како да се забрза процесот на членство на Украина дури и ако земјата не ги исполнила сите критериуми.
Расправа на 4 март меѓу шефот на кабинетот на претседателката на Европската комисија и претставниците на земјите-членки главно се однесувала на Украина.
Ова дополнително било нагласено со разговорот за пристап до СЕПА, каде што веќе некои земји од регионот се дел од системот иако не се членки на ЕУ.
Албанија и Црна Гора се приклучија на СЕПА системот во ноември 2024 година, Македонија во март 2025, Србија во мај истата година, додека целосна оперативна подготвеност на банките се очекува до мај 2026 година.
Македонија дел од СЕПА, плаќањето во евра кон странство поевтино и за граѓаните и бизнисот
Сепак, овие идеи, доколку се формализираат, сигурно ќе влијаат и на земјите од Западен Балкан, од кои некои веќе се далеку во процесот на членство. Меѓу нив, Црна Гора предничи бидејќи се наоѓа во завршна фаза од преговорите за членство.
Клучен елемент на овие идеи е укинување на правото на вето што го има секоја постојна членка на ЕУ.
Оваа идеја отворено ја поддржаа претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама.
Во заеднички текст за германскиот весник „ФАЗ“ тие изразија подготвеност да се откажат од полноправно членство во првата фаза и предложија земјите кандидати најпрво да добијат пристап до европскиот единствен пазар и Шенген зоната.
Сепак, за Црна Гора моделот на постепено членство би бил помалку поволен, бидејќи државата со години се ангажира во сложениот процес на интеграции со цел полноправно членство, како и останатите држави кои денес се дел од ЕУ.
Црна Гора е најизвесната следна членка на ЕУ
Според РСЕ, Црна Гора е најизвесно дека би можела да влезе како членка во семејството на Европската унија.
Останатите земји кои значително заостануваат во процесот би имале можност да излезат од ќор-сокак.
На пример, Македонија би можела евентуално да ги надмине постојаните блокади од земјите-членки, најпрво од Грција, а потоа и од Бугарија, додека Босна и Херцеговина и Косово би имале можност да се приближат до европските структури иако не би ги исполниле сите услови, наведува РСЕ.
РСЕ веќе објави дека европската комесарка Марта Кос силно се залага за алтернативен прием на идните членки, но дека нема целосна поддршка од Европската комисија.
Нејзината шефица Урсула фон дер Лајен, според сознанијата на РСЕ, би ја поддржала таа идеја доколку зад неа застанат земјите-членки.
Вечерата одржана на 4 март била тест за подготвеноста на 27-те земји. Изворите на РСЕ потврдуваат дека бројот на амбасадори кои побарале збор бил голем.
Сепак, впечатокот е дека расправата главно покажува дека правилата на игра засега остануваат исти.


