Росица Мршиќ, дизајнерка: Нова колекција како одговор на новата реалност

Тоа што вистински зборува за модна освестеност е градење на сопствен стил и имиџ, кој соодветствува со силуетата, годините, изгледот и најважното, да се даде предност на правилото „помалку е повеќе“.

Модната дизајнерка Росица Мршиќ создава мода по мерка, која придонесува кон одржливоста на модната индустрија, се грижи за животната средина и создава космополитски модни парчиња во кои секој ќе биде забележан. Неодамна ја претстави својата најнова колекција насловена „Колорскејп“ (Colorscape), работена во вонредни услови на изолација, која носи нов свеж бран на бои и форми. И со оваа, 23-та колекција, Мршиќ континуирано од 2009 година, доследно ја пласира и ја усовршува нејзината естетика со своите лимитирани, современи и автентични колекции на домашниот и интернационалниот пазар, обраќајќи им се на вистинските љубители на дизајнот. Станува збор за облека со емотивна вредност и трајно квалитетни парчиња, а стилот излегува од рамките на трендовите и диктира нови храбри изрази.

Активна сте на модната сцена од 2009 година, колку модата во Македонија се менуваше оттогаш до денес?

– Модата се движи во циклуси низ годините и децениите, и очекувано е да има промени како во естетиката и изразувањето на дизајнерите, така и кај потребите на модната публика. Модата во минатата деценија повеќе се обраќаше кон формален и луксузен изглед, кој постепено се менуваше кон полежерен, спортски и кежуал изглед. Во овие промени и работата и колекциите на дизајнерите трпеа трансформации, па очекувано е и самата сцена да се менува. На почетоците на модната марка „Росица Мршиќ“ во 2009-та година, македонската сцена скоро и да не постоеше. Сè се сведуваше на мали, индивидуални дизајнерски храбри чекори во обид да се пласира нова идеја и естетика. Во изминатите неколку години, веќе се направија поголеми и значајни претставувања на дизајнерската работа преку организирани настани, ревии и промоции на дизајн, кои создадоа основа за градење на сцената и поттик за младите дизајнери да се приклучат. Во сите трансформации и промени низ годините, потребите на следбениците на брендот „Росица Мршиќ“ останаа исти: автентични модни парчиња, кои се внимателно изработени од висококвалитетни материјали, имаат софистицирана космополитска естетика, безвременски се и се носат со години.

Колку сме еманципирани и модно освестени?  

– Македонската сцена во последните неколку години е раздвижена и ме радува што сите присутни дизајнери придонесуваат за развојот. Верувам дека преку сè поактивната модна сцена и квалитетна дизајнерска понуда можеме да ја унапредуваме еманципираноста и да градиме однос кон визуелната култура и естетика. Модната публика кај нас најчесто е насочена кон следењето на актуелните трендови од присутните „хај стрит“ брендови, но тоа што вистински зборува за модна освестеност е градење на сопствен стил и имиџ кој соодветствува со силуетата, годините, изгледот и најважното, да се даде предност на правилото „помалку е повеќе“. Ни недостасува храброст во тоа да бидеме свои, да имаме сопствен јазик и индивидуалност во модното изразување, за чие градење и усовршување се потребни години.

Што за Вас значи една жена да има стил? 

– Стилот не е врзан само со облеката и модата. Стилот е личниот избор и став кон сè она што го исполнува нашето секојдневие: како го уредуваме домот, како се однесуваме, што јадеме и како го градиме односот со опкружувањето. Облеката и модата се само мал дел од целата приказна. Жена со стил е жена која се познава себеси и на најдобар начин визуелно се претставува, преку внимателно и соодветно избрани модни парчиња и модни додатоци, кои создаваат балансиран и рафиниран имиџ.

ЗА КОЛЕКЦИЈАТА

Новата колекција „Колорскејп“ (Colorscape) е инспирирана и разработена по принципите на апстрактниот класицизам или „хард ејџ“ (hard-edge) сликарство, чии зачетоци се во 50-те години во Калифорнија, САД. Колекцијата е одговор на новата реалност и потребите што ги живееме: нуди ведро и позитивно чувство, отсликува релаксираност и потреба за разиграност, а ја носи препознатливата лесна софистицираност на дизајнерката. Силуетата е опуштена и мека, изработена од фини и деликатни материјали, носи графичност и апстрактни форми во својот крој, како и јасно дефинирани геометриски линии преку кои се спојуваат контрастните бои во планирана композиција. Акцентот е ставен на „стејтмент“ (statement) фустани, по кои е препознатлива дизајнерската работа на Мршиќ. Колекцијата се состои од различни комбинации за дневни и вечерни излегувања, кои можат да бидат стилизирани во повеќе насоки: спортски, елегантни и софистицирано „кежуал“. Дизајнерката се охрабри да внесе колорит во оваа колекција и да создаде изглед кој лесно и удобно се носи. За дополнување на изгледот изработени се марами со комбинирани впечатливи бои со авторски принт на дизајнерката, кои ја заокружуваат идејата на колекцијата.

Фотографија: Бисера Поповска

Модел: Софија Симоновска/ Моделс Ин
Мејкап: Јована Коциќ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот