Росана Сариќ – Тодоровска разочарана: Пензионерите во театарот треба да се испратат достоинствено, а не со решение од портирница
Росана Сариќ – Тодоровска вели дека е разочарана од статусот кој го имаат пензионираните актери кај нас, кои биле на театарската сцена повеќе децении.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Таа му е сопруга на познатиот актер со долгогодишна успешна кариера Ѓорѓи Тодоровски – Трупче и вели дека актерите достоинствено треба да се испратат со претстава, а не да го земат решението за пензија од портирница. Пејачката одговори на објава на актерот Сашо Тасевски, кој на Фејсбук објави слика со неговиот колега, министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Во свој препознатлив шеговит стил, Тасевски ја опиша „средбата“ со министерот: „Симни се пред зграда, му викам на министерот. Не се симнувам. Симни се бе. Ќе се симнам, ама со кучето, ми вика. Симни се ако сакаш и со лавот од зоолошка. Се симна со тоа доберманот. И тука пред зграда ко се фативме… Држ не дај. Он каса, кучево каса… ама и ја касам.“
Покрај хуморот, актерот испрати и јасна порака за реформите што ги очекува: „За културата, за глумците, театрите… колективниот, унапредувањата… Разбира, има одврзани раце да расчисти многу глупости што ги плаќа министерството со години. Да редуцира одредени нешта, не може некој да е во странство со години, а да зема плата од министерството… или некој во Дом за култура во некое гратче и да зема 85.000 плата. Или да зема пари за претстава што ќе се одигра само еднаш. Не може. Тогаш би имало повеќе за сите останати, за унапредувања, за проекти. Па да видиме. Очекувам сериозно да засука ракави.“
Тој додава дека директниот пристап, според него, е најефикасен: „Јас претпочитам вака, на улица. Поефикасно ми се чини. Му застанеш под балкон на министерот и му викаш: Симни се. И шо ќе прај. Ќе се симне.“
На оваа објава реагираше и пејачката Росана Сариќ-Тодоровска.
„Па да, не можат многу работи… Кој на кого кум, пријател со години, брат, братучед, колега по бифе со седење и алкохол, таму и во повеќе случаи се доделуваат улоги, овој на оној, во последниве години партиска припадност и ред други нешта за кои се знае… Дајте можност да играат сите вработени во театрите за да нема ситуации „зимај плата – клати врата“… Е тогаш ќе има прави и вистински вредности…“
Таа посочува и на долгогодишни проблеми со неактивни вработени и распределба на средства: „Тој, таа кои не живеат тука, а земаат плата и не заиграле воопшто, тоа е проблем кој не е од вчера, бидејќи тој или таа биле тие некои или на некого… Одамна многу работи не функционираат како што треба и тоа така и се провлекува…“
Во однос на пензионирањето во театарот, Сариќ-Тодоровска додава: „А што се однесува до пензионери во театарот, треба да се научи дека достоинствено треба да се испратат со претстава од истиот, со оглед дека 40 години биле таму и имале улоги – кој повеќе, кој помалку… Земајќи решение за некои актери од портирница е повеќе од срамно.“
Таа повикува на целосна транспарентност и деполитизација: „Дајте веќе еднаш, без било каква партиска припадност, отворете ги картите и кажете се онака како што е, транспарентно и без маски. Доста веќе завивање во чорапи и јазол… Сè е овој на оној… Смешно.“
Сопругот на Росана, актерот Ѓорѓи Тодоровски – Трупче, во Драмски театар ја одигра последната претстава и замина во пензија во 2022 година. Веста ја сподели Росана, која објави и фотографија од претставата во неговиот матичен театар, каде што е од 1981 година.
„Ти благодарам што ме научи да го сакам театарот, ти благодарам за секојпат кога бараше совет од мене при градењето некој лик. На тој начин и јас барем малку се чувствував како да ја исполнувам мојата неостварена актерска игра“, напиша ќерка му Ивана.


