Роналдињо отвора нов бизнис, а за првиот голем проект инспирација ќе му биде Мундијалот
Бразилската фудбалска икона Роналдињо е на чекор од нов предизвик, бидејќи според најавите подготвува лансирање на сопствена музичка издавачка куќа. Првиот проект веќе е во најава и ќе биде инспириран од претстојното Светско првенство ова лето.
Препорачано
Легендарниот освојувач на Мундијалот од 2002 година, кој остави длабока трага во светскиот фудбал, сега има амбиција да се докаже и во музичката индустрија. Како што се посочува, седиштето на новата компанија ќе биде во Мајами, со идеја на едно место да се спојат различни култури и музички пазари.
Роналдињо потенцира дека ваквиот чекор доаѓа сосема природно, имајќи ја предвид неговата долгогодишна поврзаност со музиката и ритамот, кои отсекогаш биле дел од неговото секојдневие.
„Музиката отсекогаш имала посебно место во мојот живот, беше присутна и во најважните моменти на теренот и надвор од него. Сега сакам таа енергија да ја споделам со светот, да поврзувам култури и да отворам нови можности за уметници од различни краеви“, изјави Бразилецот.
Првиот голем проект на новата издавачка куќа ќе биде албум инспириран од Светското првенство, со цел да ја долови атмосферата и глобалната еуфорија што традиционално го следи турнирот, кој ова лето ќе се одржи од 11 јуни до 19 јули.


