Романот „Заборав“ од Томислав Османли имаше промоција во Шибеник
Промоции на книги, трибина, ликовна изложба, музички настапи беа дел од содржините што се реализираа од 4 до 7 септември 2024 година во Шибеник и на Зларин во Хрватска во рамки на Деновите на македонската култура и Меѓународната средба на писатели, публицисти и новинари, со што беше одбележан Денот на независноста на Македонија – 8 Септември.
Меѓу другите настани, во градската библиотека „Јурај Шижгориќ“ во Шибеник беше промовиран романот „Заборав“ на реномираниот македонски книжевник, драмски писател и новинар, Томислав Османли. Ова е прва промоција на неговиот роман, а книгата ја претстави проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска од Филолошкиот факултет во Скопје.
Темата на романот, кој говори за феноменот на заборавот и како индивидуален, медицински феномен, но и како социјална дијагноза на современата цивилизација, промоторката ја започна, а во текот на промотивниот исказ и ја надградуваше, со бројни уметнички и книжевно-теориски компаративи од Платон, Шилер, Џорџ Орвел, Реј Бредбери, Умберто Еко, Георги Господинов, но и на теоретичарите Томас Карлајл, Манфред Остен и Клаус Улрих.
Промоцијата на романот на Османли се одржа во присуство на бројни членови на „Хрватско-македонска тангента“, организатор на настаните, меѓу кои беа и третиот хрватски претседател, проф. д-р Иво Јосиповиќ и македонскиот амбасадор проф. д-р Милаим Фетаи.
Фрагменти од романот во превод на хрватски јазик читаше поетот, новинар и водител Никола Урукало, кој беше и модератор на настаните.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 247, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15.09.2024)