Родителите со отворено писмо: Тренчевска да не ја штити разрешената директорка на градинката или ќе ѝ ги донесеме децата таа да се грижи за нив

Од Министерството им одговорија на родителите дека настаните поврзани со директорката во установата, во никаков случај не ги засегаат децата кои се згрижени во установата, од причина што за нив се грижи стручен кадар кој својата дејност ја обавува со големо внимание и љубов кон децата.

Стотина родители на деца од градинката „Детска радост“ во Автокоманда упатија отворено писмо до министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, во кое бараат Министерството да не ѝ ги одзема ингеренциите на Општина Гази Баба во управувањето на градинката и да не ја штити разрешената директорка која, како што велат, работела спротивно на закон. Во спротивно, тие се закануваат дека ќе ги донесат децата пред зградата на Министерството и ќе ги остават министерката да се грижи за нив.

Тие во своето отворено писмо укажуваат дека во градинката се запишани 614 деца, кои не го заслужуваат она што се случува во изминатите три недели.

Дали Вие како министер за труд и социјална политика сте информирани дека нашите деца често се оставени гладни и без храна, благодарение на менаџментот на градинката под раководство на разрешената директорка Анета Петровска? Дали сте информирани дека во нашата градинка на дете му беше дупната главата со лажица од страна на вработена во градинката? И што се случи? Вработената си продолжи со работа, само распределена од еден во друг клон – ја прашуваат родителите министерката.

Во отвореното писмо се наведува дека покрај месечниот надоместок што го уплатуваат во градинката, дополнително мора да купуваат материјали за работа на децата, како и марамчиња, пластични чаши и друго, затоа што за тоа немало пари од буџетот на градинката. Тие ја прашуваат Тренчевска и дали знае во каква состојба се клоновите на градинката, но и зошто се става во заштита на жена, која како што тврдат била разрешувана од директорка во градинка во Петровец за идентични дела како и сега.

Родителите велат дека нема да дозволат нивните деца да бидат згрижувани во детска градинка со која раководи лице кое според документите, работело спротивно на многу закони.

Градинка „Детска радост“ / Фотографија од загрижени родители

Од Министерството им одговорија на родителите дека настаните поврзани со директорката во установата, во никаков случај не ги засегаат децата кои се згрижени во установата, од причина што за нив се грижи стручен кадар кој својата дејност ја обавува со големо внимание и љубов кон децата.

Наводите во отвореното писмо за криминални дејанија од страна на дитекторката не може да ги коментираме од причина што за откривање на кривично дело и санкции доколку истото постои надлежни се други органи и институции. Наводите дека децата се гладни и без храна до сега родителите можеле да ги пријават до нашето министерство, но од редовен инспекциски надзор во установата извршен од страна на инспектори оваа година и увид во листите на јадења и дневното мени констатирано е дека исхраната на децата е согласно пропишаните стандарди и нормативи. За детето кое беше повредено со „лажица” извршен е инспекциски надзор и донесено е соодветно решение од страна на инспектори при МТСП, а понатамошниот тек за утврдување на вина на воспитувачката е во рамките на инститициите на системот. На крајот ги информираме родителите дека основачот на предучилишната установа односно општината, мора да ги почитува одредбите од Законот за заштита на децата. Во спротивно следат соодветни реперкусии за истиот – се вели во одговорот на Министерството до родителите од каде уверуваат дека децата во градинката се безбедни и дека згрижувањето и воспитанието се одвива непречено.

Деновиве градоначалникот на Општина Гази Баба информираше дека Министерството за труд и социјална политика официјално застанало во одбрана на незаконското работење на разрешената директорка на ЈУДГ Детска радост и дека до Општината е испратено Укажување чија цел е да се одземат ингеренциите на Гази Баба врз детската градинка.

И покрај тоа што од страна на општина Гази Баба на инспекторите кои дојдоа во просториите на општината им беа доставени бараните документи, Министерството во укажувањето наведува паушални наводни прекршувања на постапката за разрешување, велам наводни бидејќи целокупната документација за која министерството вели дека недостасува е тука и постои во предметот и истата беше доставена до инспекторите од Министерството за труд и социјална политика кои беа во посета на општина Гази Баба – информира градоначалникот Бобан Стефковски.

Од Министерството за труд и социјална политика реагираа дека имаат надлежност да вршат надзор на работата на градоначалниците и Советите на општините во областа на детската заштита.

Медиумското излагање на градоначалникот на Општина Гази Баба е неиздржано и очигледно политички иницирано, затоа што министерството до денот на давањето на неговата изјава нема доставено никаков пишан документ ниту до општината ниту до ЈОУДГ „Детска Радост“, Општина Гази Баба – велат од Министерството.

Оттаму констатираат дека се работи за чиста политичка пропаганда насочени кон Министерството за труд и социјална политика и предучилишните установи.

Стефковски: Директорката е разрешена по барање на Управниот одбор поради незаконско работење

Градоначалникот на прес конференција пред неколку недели информираше дека е направена ревизија на работата на градинката од независна ревизорска куќа која утврдила многу неправилности.
Тој наведе дека е направено прекршување на член 40 од Законот за јавни набавки, каде законските одредби упатуваат на соодветна постапка за секоја набавка чија вредност надминува 60.000 денари без ддв, но и прекршување на член 40 став 6 од Законот , односно направени биле набавки каде што е надминат годишниот законски максимум за мали набавки кој изнесува до 12.000 евра во една година.

Направени се трошоци за репрезентација. Сите овие средства се потрошени за угостителски услуги. Ако се видат фискалните сметки ќе се утврди дека повеќето од нив се направени по завршување на работното време и во сметките е наведено дека е нарачувано и храна за носење. Извршена е набавка на мебел во детската градинка, но не мебел за децата, туку за кабинетот на менаџментот. Во моментот на набавката на мебелот, согласно донесениот Годишен финансиски план за тековната година не биле предвидени средства за ваква набавка, со што исто така е направено прекршување на Законот. Со извршениот увид во налозите за користење на патничкиот автомобил сопственост на градинката за службени дејствија е констатирано, користење на возилото за приватни цели. – рече Стефковски.

Поради сето ова Управниот одбор на градинката во согласност со членовите 124 и 125 од Законот за заштита на децата по целосно спроведена постапка на 19 април доставил барање за разрешување на директорката на градинката „Детска радост“, по што Стефковски донел одлука за разрешување.

 Недозволиво е некој кој постапува спротивно на Закон да води установа за згрижување на нашите деца и за сите законски прекршувања утврдени согласно Извештајот на независниот ревизор ќе поведам постапки пред соодветните институции во Република Македонија. Апелирам до Министерството за труд и социјална политика да ги почитува законите и утврдените процедури – рече градоначалникот на тогашната прес конференција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот