Родителите бурно реагираа на исказот на шанкерот – за кого лажеш Дејан, за твојот газда Деко ли, седум колеги ти загинаа!
Родителите на дел од загинатите во дискотеката „Пулс“ бурно реагираа на сведочењето на шанкерот Дејан Масиев кој работел во дискотеката од 2012 година.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
-Дејан седум твои колеги, другари ти загинаа. За кого лажеш ќе те молам, за кого лажеш, за кого, за твојот газда Деко ли? Дека плафонот не бил спуштен. 100 сведоци кажаа дека е спуштен, дека тој плафон е со сунѓер во којшто имало цијанидни примеси кои се причина нашите деца да бидат отруени како Евреите во логорите. Како не ти е срам Дејан? Три деца имаш, да ти се живи и здрави, само да не тргнат по патеката на татко им. Нека ти служи на чест – рече револтирана мајката на загинатиот Андреј, Марија Петрушева.
Синот на Петрушева, кој работел како келнер во дискотеката, всушност бил со шанкерот и тој и ги раскажал неговите последни моменти, а како докази дека не ја зборува вистината таа нуди комуникација со него на „месинџер“.
-Тој ми кажа: „Тргнавме тројцата кон излезот, беше толку зачадено што ништо не се гледаше. Јас тргнав кон тоалетите за да видам дали има некое дете останато таму, додека Андреј и Ице се упатија кон излезот“. Денес, Дејан вели дека забележал 30 млади лица кои снимале со телефони и дека тоа го предизвикало стампедото, што е сосема спротивно од првичната изјава – рече мајката.
Тие реагираа на неговото тврдење дека имало клуч од помошната врата и се користела за излез од малолетници, а мајката вели дека имало фотографии дека на вратата имало катанец, а внатрешна квака воопшто не постоела.
– Во изјавата во обвинителството кажа дека имало еден, можеби најмалку два апарати, а сега веќе ги дотера до три. Не знам што се случува и зошто ја измени изјавата. Ова е контрадикторно и затоа ние родителите ќе понесеме кривична пријава против него – рече таа.
Шанкерот кој работел во „Пулс“ од самото отворање рече дека ќе бара отштета, но не се приклучи на кривичниот прогон на обвинетите, конкретно не и на сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов Деко, чија одбрана исто го предложила како сведок.
Тој во исказот тврдеше дека имало клуч на задната врата и панични светла на средината на објектот. Исто така тврдеше дека на надворешноста на дискотеката не биле вршени никакви интервенција, а братот на газдата, работел во дискотеката за дневница.
На неговите одговори реагираше Обвинителството, кое му предочи повеќе негови искази дадени во истрагата кои се разликуваат од тие што денеска ги дал во судница. Во Обвинителство кажал дека задната врата била заклучена, кажал други работи за Противпожарните апарати и времето кога дошол газда Деко.


