Шанкер кој преживеал во „Пулс“ и денес има ниска сатурација – бара отштета, но не се приклучи на кривичниот прогон
Потресни сведоштва и детали за борбата за живот во дискотеката „Пулс“ и денеска можеа да се слушнат од преживеаните на судското рочиште за кочанската трагедија каде загинаа 63 луѓе и 200 беа повредени. Еден од преживеаните во несреќата Петар Марковски кој бил редовен гостин во дискотеката пред судот раскажа како настанал пожарот и како се спасил тој.
Препорачано
– Кога се активираа прскалките, се запали плафонот од сунѓер. Знам дека беше сунѓер, бидејќи се гледаше сунѓерот. Настана паника. Луѓето почнаа да бегаат кон излезот, а пожарот се ширеше со огромна брзина. Настана стампедо кон вратата. Јас се онесвестив. Кога се освестив, бев под тројца. Пробав да ги разбудам, не успеав. Не можев да станам, морав да ги соблечам патиките, за да се извлечам. Истрчав надвор, видов еден од другарите како лежи. Помагав, на сите им требаше помош. Се упативме кон болницата да помагаме и таму останав до изутрината – сведочеше Марковски.
Марковски, кој имал обука за прва помош, останал во болницата до утрото помагајќи им на другите, иако и самиот бил тешко повреден. Подоцна бил префрлен на лекување во Словенија.
-На отпусното писмо пишува дека 100 проценти ми биле црни белите дробови, ми биле изгорени дишните патишта. И денеска чувствувам последици, намален капацитет на дишење – заврши сведокот.
Дејан Манасиев пак, кој работел како шанкер во дискотеката „Пулс“ од самото отворање во 2012 година кажа дека персоналот работел без договори, немале никаква обука за заштита од пожари, а кобната вечер голем дел од вработените не успеале да излезат живи.
Манасиев, кој се бори со тешки здравствени последици и намалена сатурација, истакна дека наредбите ги добивале директно од газдата Деко, вработените немале никаква обука за заштита при работа и не бил сигурен дали воопшто имало хидранти, освен неколку противпожарни апарати.
Манасиев низ солзи раскажа за загубата на колегите.
-Од вработените таа вечер само Анастасија преживеа. Починаа другите шест-седум – рече тој.
Самиот тој претрпел сериозни повреди на дишните патишта, лекувајќи се во Штип, Скопје и девет дена во Грац, Австрија. Последиците ги чувствува и денес.
-Сега повторно ми е падната сатурацијата после 10 месеци, падната ми е на 65 проценти – рече откри сведокот. Тој не се приклучува кон кривичниот прогон, но ќе бара отштетно побарување.


