Родители од Гостивар не ги пуштаат децата на училиште поради соученичка со даунов синдром

Илир Адеми, таткото на Ембла, во изјава за Слободен печат вели дека е револтиран од тоа што неговата ќерка била изолирана и неприфатена во образовниот процес / Фото: Фејсбук

За разлика од другите деца, кои учебната година ја започнаа на 1 февруари, 11-годишната Ембла на училиште тргна денеска, но сама. Тоа е затоа што родителите на другите ученици од ОУ „Башкими“ во Гостивар ја бојкотираат наставата под изговор дека Ембла била агресивна кон нивните деца, објави ТВ Клан.

Ембла е дете со посебни потреби – има даунов синдром. Тоа е причината поради којашто родителите на другите деца не сакаат таа да учи со нив.

„Поради попречување на наставата од страна на ученичката Ембла Адеми и поради агресивноста, донесовме одлука ние како родители, да се бојкотира наставата од страна на редовните ученици“, се вели во петицијата што ја покренаа родителите.

Зијадин Нуредини, директор на ОУ „Башкими“ изјави дека се договориле со родителите на Ембла, таа „да циркулира и да ротира во три паралелки“ во текот на наставниот процес.

„На средбата што ја имавме со родителите на Ембла, со институциите што се адекватни за ова тема, тие зазедоа став и се договоривме Ембла да не остане сама во една училница“, рече директорот.

„Денес е прв училишен ден за ќерка ми, вчера не беше поради условите. Во првата пологудина учеше во тешки услови во сала. Но, денес воспитната асистентка ми рече да ја донесам на час со другите деца“, вели Илир Адеми, родител на Ембла.

Таткото на Ембла, кој за случајот објави на социјалните мрежи, негира дека со директорот на училиштето се договориле нивната ќерка да ротира во три паралелки.

„Воопшто не е вистина. Тоа беше компромис пред три-четири години, за потоа да се интегрира со другите соученици. Учеше во голема сала, а се грееше со мал радијатор. Значи, не се помиривме, но во првото полугодие се случи ова и за тоа девојче вчера не започна второто, бидејќи мислев дека ќе продолжи да оди на настава во сала“, додаде Адеми.

Ембла ја посетиле и претставници на Центарот за деца со посебни потреби „Хандимак“, а директорот Адем Идризи вели дека Ембла никогаш не била агресивна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот