Режирани фотографии од вреќи со трупови се споделуваат како доказ за лажна пандемија

„Знае ли некој со што се хранат и каде тренираат вака силни здравствени работници?“, „Гледаме театарска претстава Ковид-чин 2“, „Измамници, имаат ли овие здравствени работници фамилии?“, „Медицински сестри како Чак Норис“, се само дел од коментарите на Фејсбук оставени под инсценирана фотографија од наводни здравствени работници, која е направена за комерцијални цели.

Некои со оваа фотографија споделуваат и фотографија од протест во САД на која, според нивното уверување, се гледаат „лажни мртви тела“ на починати од коронавирус.

Фотографиите се споделуваат со саркастични коментари од типот „не знаев дека овие што починале од корона можеш да ги носиш со една рака!“ и „тие две со два прста изнесуваат починат“.

Спорните фотографии ги споделуваат пред се оние што не веруваат во постоењето на коронавирусот и тие совршено се вклопуваат во приказната за глобалната „пландемија“ иако тоа, секако, нема никаква врска со фактите.

 

На првата фотографија е прикажан момент од протести во САД против начинот на кој владата раководела со пандемијата на коронавирусот. Фотографијата првобитно е објавена на сајтот на Европската пресфото агенција ЕПА, а е направена на 27 мај 2020 година во паркот „Факелот на пријателството“ (Torch of Friendship Park) во Мајами.

Фото: ЕПА

Во описот на фотографијата на ЕПА е наведено дека тоа е „симболична погребна поворка во знак на протест против повторното отворање на стопанството без финансиска помош за санирање на последиците од пандемијата“. Фотографирани се активисти што носат вреќи со трупови, а кои се симбол на  економските жртви на пандемијата.

Втората фотографија, пак, со медицинските работници што изнесуваат труп од починат од коронавирус, е всушност илустративна (сток) фотографија, која за одредена сума се продава за користење на сајтовите „Гети имиџис“ (Getty Images) и „АјЕм“ (EyeEm).

Фото: Гети Имиџис

Автор на фотографијата е Панјават Бунтаном, а е направена во покраината Таи Мјуанг на Тајланд.

Бидејќи во описот на фотографијата не е наведено дали станува збор за реален приказ на медицински работници на Тајланд или за инсценирана ситуација за потребите за снимање илустративни фотографии, порталот за проверка на факти, Раскринкаванје.ба, за објаснување се обратил на платформата EyeEm.

„Авторот на фотографијата ни потврди дека таа е илустративна и е режирана и на неа се наоѓаат модели што се платени да учествуваат во правење на фотографијата“, се наведува во одговорот на оваа платформа за Раскринкаванје.ба.

Проверувачи на факти од Италија дури дошле и до видеоснимка од снимањето на оваа фотографија на која се гледа дека глумците сепак добро си ја вршат работата и дека носилката на која се наоѓа вреќата со трупот, сепак ја придржуваат со цела рака, а не со „три прста“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот