Луѓе народ попис / Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Ревизорите утврдија слабости во функционирањето на Централниот регистар на население

Државниот завод за ревизија утврди слабости во функционирањето на Централниот регистар на население (ЦРН), интегрираната база со лични податоци на граѓаните на Македонија.

Според извештајот, само 13,46% од државните институции поврзани на Платформата за интероперабилност ги користат податоците од регистарот, додека кај приватните компании тој процент е речиси трипати повисок – 36,36%. Ова укажува дека токму институциите, кои имаат најголема обврска за ажурирано и сигурно користење на лични податоци, најмалку ги користат ресурсите на ЦРН.

Ревизијата нотира и дека размената на податоци не се врши во реално време, туку најчесто еднаш дневно, што создава простор за несогласување меѓу податоците во изворните бази и оние во Централниот регистар. Тоа, пак, носи ризик граѓаните да бидат третирани со неажурирани информации при остварување на права и услуги.

Дополнителен проблем е отсуството на системски контроли и јасни стандарди за ИТ безбедност. Не постојат дефинирани процедури за проверка на квалитетот на податоците, ниту пак правилник за безбедносни стандарди за органите што управуваат со овие информации. Ревизорите предупредуваат дека ваквата состојба отвора ризик од заобиколување на правилата за пристап и потенцијална злоупотреба на лични податоци.

Иако институциите и органите на локалната самоуправа се должни со закон да користат податоци од ЦРН, на платформата за интероперабилност се приклучени само 52 државни институции и 11 приватни компании, што ја ограничува примената на регистарот и ја доведува во прашање неговата целосна функционалност.

Ревизорите констатираат дека, освен во делот на човечките ресурси и недостигот од безбедносни стандарди, другите аспекти се во согласност со релевантната законска рамка. Сепак, нивниот заклучок е дека постои недостаток од контроли и неажурност во размената на податоци со што се загрозува довербата во системот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот