Дело „Пред полетување“ (1987-88)

Ретроспективната изложба „Меѓу реалноста и сонот“ на Кирил Ефремов е поставена во Даут пашиниот амам

Во пресрет на новогодишните празници, на 25 декември, во 19 часот, во Даут пашиниот амам ќе биде отворена ретроспективната изложба „Меѓу реалноста и сонот“ со творештво на академскиот сликар Кирил Ефремов. Во објектот на Националната галерија изложбата ќе биде поставена во текот на јануари 2026 година.

Сликарот Кирил Ефремов (Штип, 1938 – 2020) своето присуство во македонската уметност го најавил во почетокот на 60-те години на 20. век. Сликарство завршил на Училиштето за применета уметност (проф. Лазар Личеноски и други), а Академија на ликовни уметности (I степен) во Белград.

– Кирил Ефремов во почетокот на своето творештво и последователно ја потврди својата определеност за предметното творештво во временски периоди кога доминираше енформелот и апстрактната уметност. Неговата ориентираност кон сликарство со надреално-фантастични карактеристики ќе биде поттикнато од сликарите на белградскиот круг, особено припадниците на групата „Медијала“, која се залагаше за концептот на „интегрална слика“, со теоретски претпоставки во контекстот и релацијата на современата уметност во однос на традицијата.

Таквиот став ги отсликуваше извесните противречности во модерната уметност, со нагласка на барањето на синтетичната уметност и универзалната личност на уметноста која треба да содржи философски, етички и сознајни премиси. Ефремов на свој начин го изрази немирот на тој временски период внесувајќи иреалност и романтичен дух во своето сликарство.

Следи период на интензивно барање на нов „релационизам“ во врска со класичната и модерната уметност, меѓу реалноста и фантазијата. Покрај големите сеопфатни теми на денешницата Ефремов е длабоко поврзан со домашниот амбиент и традиција, со еден специфичен свет на „личната митологија“. Тој вложи напор да ја прошири тематиката на метафоричното, како и на алегориското сликарство, обработувајќи исто така и теми од националната историја.

Дело „Појадок на сликарот“ (1988)

Во духот на отвореноста и љубопитноста кон нови искуства и сознанија Ефремов во 70-те години се свртува кон некои идеи и решенија на Салвадор Дали и поп-артот со разновидни модалитети на фигуративното со елементи на новата фигурација и на фотореализмот. Еротиката и психолошките моменти, изразноста и „грчевитата убавина“ со примери од ренесансното сликарство и модернизмот станаа негови опсесивни теми.

Со не помал интерес Ефремов обработува теми и проблематика од современиот свет, фасциниран со секојдневното поставено во неочекувани односи и со универзални значења. Значајна беше неговата општествена и професионална активност (меѓу другото бил претседател на Друштвото на ликовните уметници на Македонија), особено обемната изложба организирана во Уметничката галерија (денес Национална галерија) во 1984 година.

Творештвото на Кирил Ефремов во доменот на надреално-фантастичното сликарство има посебно значење во поширокиот контекст на македонската уметност. Изложбата е ретроспективна низ која публиката ќе има можност да го согледа во целина творештвото и развојниот пат на Кирил Ефремов укажувајќи на неговото место и значење во развојот на македонската современа ликовна уметност – напиша проф. д-р Владимир Величковски.

Автор на текстот на монографското издание е проф. д-р Владимир Величковски, додека куратор на изложбата е Горанчо Ѓорѓиевски.

Сликарот Кирил Ефремов завршил сликарство во Училиштето за применета уметност во класата на Лазар Личеноски во Скопје и на Академијата за ликовни уметности во Белград. Член бил на ДЛУМ од 1966 година и негов претседател во периодот 1995 – 1997 година. Остварил студиски престои во Франција, Италија и Швајцарија. Изложувал на многу групни изложби во Нови Сад, Словенградец, Анкара, Истанбул, Јаши, Пјатра Њамц, Ферера, Белград, Рим, Тузла, Бања Лука, Цетиње, Скопје, Струмица, Зрењанин, Приштина, Париз, Пожаревац, Горни Милановац и други.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот