Ретка средба со комета што последен пат ја виделе неандерталците пред 500 века

НЕОВИСЕ беше последната комета видлива со око во 2020 година - Фотографија ЕПА, Томаш Шоки

При крајот на овој месец ќе имаме единствена можност да видиме комета што се приближува до Сонцето и до Земјата на секои 50.000 години.

Кометата Ц-2022 Е3 првпат била забележана лани во март, кога поминувала покрај Јупитер. Приближувајќи се од најдалечните граници на Сончевиот систем, таа ќе биде најблизу до Сонцето задутре и, откако ќе го заобиколи, ќе биде најблизу до Земјата на 1 февруари, кога ќе може најлесно да се забележи на небото. Астрономи укажуваат дека Ц-2022 Е3 сигурно ќе може да се види со мал телескоп или со двоглед, па можеби и без нив, ако ноќта е ведра, без Месечина и без светлинско загадување од урбаните центри.

– Кометата со дијаметар од околу 1 километар е составена од мраз и прашина и поради близината на Сонцето има зеленкаста аура – објаснива Никола Бивер, астрофизичар од Париската опсерваторија. Таа е значително помала од НЕОВИСЕ, последната комета видлива без телескоп, што помина покрај Земјата во март 2020 година, а особено од Хејл-Боповата комета со дијаметар од 60 километри, која со денови беше јасно видлива на небото во 1997 година.

Иако е мала, новооткриената комета ќе биде видлива зашто ќе помине многу поблизу до Земјата. Таа ќе помине најблизу и ќе биде најсјајна во првата недела од февруари, но во тој период Месечината ќе биде полна. Бивер објаснува дека на северната хемисфера кометата ќе може полесно да се забележи во последната недела од јануари, при млада Месечина. На небото ќе биде видлива помеѓу соѕвездијата Мала Мечка и Голема Мечка.

Кометата доаѓа од Ортовиот облак, појас со мистериозни ледени објекти на самиот раб на Сончевиот систем. Кога претходниот пат Ц-2022 Е3 се приближила до Земјата можеле да ја забележат неандерталците. Бивер истакнува дека ова може да биде и последно пропатување на кометата околу Земјата, бидејќи поради истегнатата елиптична орбита може да биде целосно исфрлена од гравитациското влијание на Сонцето.

Кон Ц-2022 Е3 ќе бидат вперени инструментите на вселенскиот телескоп „Џемјс Веб“, за да се утврди составот на кометата и на нејзината опашка – површинскиот слој од мраз стопен од сончевите зраци.

– Реткиот посетител ќе ни даде информации за елементите од Сончевиот систем што се неколку пати подалеку од најдалечните планети – вели Томас Принс, професор по физика на Калифорнискиот институт за технологија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот