Рестриктивни мерки низ цела Европа

Фото: EPA-EFE/EDOARDO SISMONDI

Откако минатата недела Германија, Франција и Велика Британија воведоа строги карантински мерки поради растечкиот број на нови случаи од коронавирусот и неможноста на здравствените системи да ги згрижат сите нови пациенти на кои им треба болничка нега, и други европски земји се одлучија на нови мерки со кои ќе се ограничи движењето на граѓаните.

Црни рекорди во Германија и САД, Белорусија поради ковид ги затвора границите

Драстични мерки во Германија

Поради големиот пораст на бројот на новозаболени од новиот коронавирус, Германија од денеска воведува драстични мерки со кои Владата сака да го сузбие ширењето на епидемијата.

Мерките ќе бидат на сила до крајот на ноември, а таа одлука, која прилично го ограничува секојдневието, предизвика бурна реакција од граѓаните.

ВИДЕО: Меркел ја затвора Германија, карантин од 2 ноември

Канцеларката Ангела Меркел нагласи дека Владата е свесна дека бара многу од народот, но дека мора да дејствува веднаш.

– Нашиот здравствен систем денес може да се справи со овој предизвик. Но, ако продолжи со ова темпо, ќе ја достигнеме границата за неколку недели. Затоа се неопходни овие остри мерки, рече Меркел.

Целта е да се намали бројот на нови инфекции до Божик, и притоа економијата да функционира, а училиштата и градинките остануваат отворени.

Полициски час во Грција

Грција од денеска воведува полициски час од полноќ до 5 часот, како и низа рестриктивни мерки преку ден, во зависност од загрозеноста на регионите од пандемијата на ковид-19.

На целата територија, освен забраната за движење во текот на ноќта, воведена е обврска за носење маски во јавни објекти и на отворено, а една половина од вработените и во државниот сектор и во приватните компании ќе мора да работат од дома. Забранети се собирања, а предавањата за студентите ќе се спроведуваат само преку интернет. Отворени ќе останат училиштата, пазарите, продавниците за храна и за основни производи, фризерските салони и хотелите, а не е забрането ни движење помеѓу регионите.

Грција од денеска воведува нови мерки и полициски час

Во зависност од загрозеноста, земјата е поделена на 27 региони „со зголемена опасност“ и 47  региони „под надзор“. Во „црвената“ зона, во која се и Атина и речиси целиот северен дел од Грција, нема да работат кафулињата, фитнес центрите, музеите, кината и театрите, а на угостителските објекти им е дозволено да подготвуваат храна за разнесување и за испорачување на влезот. Спортските натпревари се дозволени само во првите лиги во фудбал и кошарка, европските екипни натпреварувања и индивидуалните спортови.

Јавниот превоз ќе функционира со две третини од капацитетот, во такси-возилата е дозволено транспорт на по само еден патник, а во приватните автомобили по три лица ако не се од исто семејство. Црквите и верските објекти ќе останат отворени и во црвената зона, но со ограничување на по максимум девет лица присутни на литургии и обреди.

Новите мерки, што ќе бидат во сила еден месец, во саботата ги соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во телевизиска порака до граѓаните, истакнувајќи дека не станува збор за „целосно замрзнување на секојдневието“. Од почетокот на епидемијата во Грција се регистрирани 40.929 случаи на ковид-19, а починаа 635 лица.

Заострено и на Косово

И на Косово се заострени рестриктивните мерки откако во изминатите денови беа забележани рекордни бројки на новозаразени од коронавирусот.

Затворени се трговските и угостителските објекти од 21 до 5 часот, освен за разнесување храна. На јавните институции и приватните компании им се наложува да го редуцираат персоналот, а наставата во државните и во приватните институции ќе се спроведува преку интернет. Мерките ќе важат во период од најмалку две недели, по што може да бидат олеснети, ако анализите покажат дека стивнал бранот од пандемијата. На Косово досега биле регистрирани повеќе од 20.000 случаи на ковид-19, од кој починале 688 луѓе. Вчера имаше 3.880 активни случаи.

Србија: Милиционери ќе казнуваат за неносење маски

Комуналните инспектори и комуналната милиција во Србија ќе бидат овластени да контролираат лични мерки на заштита од пандемијата, како што се носење маски, одржување на растојание во простории и на отворено. Тоа ќе биде можно како дел од новите измени и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести.

Кон со прогноза за Србија: Деновиве ќе имаме преку 2.000 нови случаи на ден и двоцифрен број на починати

За предложените измени на законот, според државната телевизија, владата ќе гласа в четврток, а собранието идниот вторник. Засега, прекршочни налози за непочитување на мерките за заштита од ковид-19 можат да пишуваат само санитарни инспектори, кои во Србија ги има едвај 140. Висината на казните ќе се движи од неколку илјади до половина милион динари. Во изминатите четири дена биле поднесени 74 барања за покренување прекршочни постапки но речиси ниту еден против лице кои не носело заштитна маска или не држело дистанца.

Франција во втора блокада, дозволено само во продавница и на лекар

Исклучоците ви дозволуваат да одите на купување по основните намирници или да одите на лекар.

– Да, изолацијата е тест за сите Французи, твитна министерот за здравство Оливие Веран. „Но, ве потсетувам дека Ковид19 е: еден пациент на секои две секунди. Една хоспитализација на секои 30 секунди. Една смрт на секои 4 минути. Да го почитуваме овој карантин, да бидеме обединети. Државата ќе заштити и поддржи “.

Видео I Национален карантин до 1 декември: Франција се затвора за сите држави кои не се членки на ЕУ

Сите ресторани, барови и продавници што се сметаат за „несуштински“ мора да ја спуштат ролетната. Дури и ако некои се спротивставуваат.

Властите ќе прават преглед на секои две недели за еволуцијата на епидемијата од која починаа повеќе од 36.500 луѓе, за да видат дали мерките треба да се зајакнат или олеснат.

ФОТО+ВИДЕО I Во пресрет на новиот карантин: Десетици илјади лица во обид за напуштање на Париз, испразнети полици во маркетите

Италија ќе воведе полициски час

Италија ќе воведе полициски час на целата територија од 21 часот навечер до утро, објави телевизијата Скај ТГ 24 повикувајќи се на изјава од заменик министерката за труд Франческа Пуљези.

Одлуката е донесена на состанок на владата на премиерот Џузепе Конте, а ќе важи на целата национална територија.

Италија воведува полициски час, Конте не гледа друг излез од корона кризата

На тоа инсистирале претседателите на регионите, а бидејќи тешката мерка може да предизвика социјално незадоволство, одлуката на себе ќе ја преземе централната власт, а не одредени региони.

Новата мерка која премиерот денеска ќе ја образложи пред парламентот предвидува забрана за интеррегионално движење, а сите оние кои мораат, од било која причина да патуваат или да бидат на улица по полицискиот час, мора да имаат лична потврда за оправданоста да бидат надвор од куќата.

Исто така новата мерка предвидува намалување на градскиот сообраќај за 50 отсто, затворање на шопинг центрите во викендите, затворање на музеите, баровите, салите за видео игри и изложбите.

Заострување и во Велика Британија

Британскиот премиер Борис Џонсон денеска ќе објасни дека нема алтернатива за затворање на Англија, а Долниот дом на Парламентот се подготвува да донесе одлука за новите мерки за спречување на вториот бран на пандемијата на Ковид-19.

Откако минатиот месец се спротивстави на притисокот за повторно воведување на карантин на национално ниво, Џонсон во саботата објави дека нови рестриктивни мерки во Англија ќе бидат воведени од четврток на полноќ и ќе траат до 2 декември.

Велика Британија, која има најголем број на смртни случаи од Ковид-19 во Европа, се бори со повеќе од 20.000 нови случаи на ден, а научниците предупредуваат дека најлошото сценарио може да се случи оваа зима, односно бројот на смртни случаи да надмине 80.000.

Според новите мерки, продавниците што продаваат основна стока, училишта и колеџите ќе продолжат да работат, но пабовите и рестораните ќе бидат затворени, освен за испораки.

Полициски час во Шпанија од 23 до 6 часот

Владата на Шпанија минатата недела прогласи вонредна состојба во земјата поради коронавирусот и воведе полициски час од 23 до 6 часот наутро.

Со цел да се спречи ширењето на вирусот Ковид-19, Советот на министри, предводен од премиерот Педро Санчез, донесе одлука за воведување втора вонредна состојба во земјата од почетокот на годината. Првата траеше од март до јуни, а втората може да трае до април 2021 година.

Минатата недела Шпанија стана првата земја во Европа и шеста во светот што регистрираше еден милион случаи на инфекција со Ковид-19.

Погребалното во Мадрид се крена на штрајк, тенки се со персонал поради пандемијата

Завчера штрајк одржаа вработените во погребалната служба во Мадрид, со барање за поголем број вработени заради очекуваниот пораст на смртните случаи од коронавирусот при есенскиот бран на пандемијата. Кога Мадрид беше на удар на пролетниот бран на пандемијата, за погреб се чекаше пет до шест дена, а кремирањата беа префрлени во градови оддалечени стотици километри.

Во меѓувреме, граѓаните жестоко протестираат поради новите анти-ковид мерки.

ФОТО+ВИДЕО: Врие низ улиците на Шпанија, повредени 29 полицајци

Двојна плата за медицинскиот персонал во Полска

Полската влада најави зголемување на платите за 100 отсто на лекарите и на медицинскиот персонал вклучен во борбата против пандемијата. Премиерот Матеуш Моравјецки нагласи дека до крајот на следната недела болниците треба да располагаат со 32.000 кревети за пациенти со ковид-19, тројно повеќе отколку што беше потребно пред еден месец.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот