Митрески: Да не дозволиме младите да бидат жртва на политичари кои сакаат да нè вратат 30 години назад

Носителот на ИЕ 5 на СДСМ и Коалицијата за европска иднина, Јован Митрески / фото: СДСМ

Првиот збор е што сакам да го кажам вечерва е благодарам. Благодарам за подршката што ни ја давате овој период, што вечерва сте тука со нас и заедно ја делиме идејата за прогресивна, напредна, стабилна и просперитетна Македонија. Вечерва тука од Крушево ја испараќаме пораката до граѓаните на цела Македонија, до сите поддржувачи на идејата за единствена праведна реформска Македонија, земја членка на НАТО и земја која чекори на патот кон ЕУ, дека ние не се откажуваме!, порача Јован Митрески, носителот на ИЕ 5 од СДСМ и Коалицијата за европска иднина, вечерва на граѓанскиот митинг во Крушево.

Тој посочи дека нема откажување од иднината затоа што мнозинството граѓани, сакаат да ја видат Македонија модерна, развиена, и пред се Македонија без поделби и меѓуетнички тензии.

– Граѓаните во првиот изборен круг ни пратија јасна порака. И ние таа порака ја примивме. Но, сега пак државата се наоѓа на крстопат. И сега не е лесно, но никогаш не било лесно. Како земја никогаш лесно не сме поминале. Никогаш ништо лесно не сме добиле, ниедна битка лесно не сме ја добиле. Пред сите граѓани на оваа убава земја е уште една одлука за нејзината иднина. Ние имаме одговорност за иднината на татковината. Државата мора да оди напред. Не смееме да дозволиме младите да бидат жртва на политичари кои сакаат да нè вратат 30 години назад. Да не дозволиме поделеноста по етничка основа да биде наша тема во следните години – рече Митрески.

Тој посочи дека тоа е долг кон предците за херојското минато и за создавање на самостојна и независна држава, но и кон идните генерации за својата иднина да ја градат во својата држава.

Митрески ги повика сите граѓани, да се обединат и со здружени сили да се шири пораката кон сите.

– Да ја шириме пораката до нашите и вашите пријатели, роднини, соседи, до разочараните од различни причини, до оние кои сакаат да останат дома. Да не дозволиме да се вратат оние кои Македонија ја донесоа до бездна. Следните денови се клучни. Осми мај е клучен ден. Да застанеме сите обединето, да застанеме сите сложно зад бројот 1, на пратеничките исти, и за бројот 1 за нашиот претседател Стево Пендаровски – порача Митрески.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, коносителка на ИЕ 6 во своето обраќање рече дека се горди на тоа што ни го оставија Илинденците.

– Многу често знаеме и да го читаме и да го цитираме Крушевскиот манифест. Но, овие од ДПМНЕ, а сега можам да кажам и трговците од ЗНАМ, не го разбираат Крушевскиот манифест. Не е лектира за да го прераскажете. Крушевскиот манифест не е алатка за да дојдете на власт. Тоа е мудрост испишана на јазик кој обединува. Тоа е повик за напредок и иднина. Тоа е повик да се биде храбар и одлучен, но пред сè, искрен. И затоа сме искрени. Искрени сме кога ги признаваме грешките. Но, и нудиме решенија како да ги поправиме. Искрени сме кога велиме дека се грижиме за минатото и го чуваме националниот идентитет и затоа денес македонскиот јазик е признат во сите документи на Европската Унија и во НАТО. Искрени сме и кога велиме дека ја сакаме Македонија. Погледнете ја денес македонската армија – рече Петровска.

Таа подвлече дека платите во армијата повеќекратно зголемени и се повисоки од просечната плата.

– Секој ден реновираме објект. Набавуваме и нова опрема. Се вработуваат млади војници и офицери. Се менува ликот на современа армија. Како што велат, пред фактите и боговите молчат. За седум години, владата на СДСМ во армијата вложи повеќе од една милијарда евра, пари на граѓаните и на државата, а ДПМНЕ крадеа и изградија Бела палата за себе. Го избришаа името Македонија од нивниот статут. Ова не е патриотизам – потенцираше Петровска.

Таа додаде дека денес навршија 23 години од загинувањето на припадниците од безбедносни сили кај Вејце.

– Загинаа затоа што ДПМНЕ тогаш, а за жал и денес, посакува војна. Цели 11 години беа власт, но не се сетија да изградат достоен споменик на овие бранители. Ама затоа изградија споменици и Скопје го излепија со барок. Искрено се поклонувам пред делото на загинатите. Започнав постапка за изградба на споменици на местата на кои загинаа и тоа ќе го направам – потенцираше Петровска.

Таа додаде дека е горда што е Македонка и затоа нема откажување од иднината.

Потпретседателката на СДСМ и носителка на листата во ИЕ 5 на СДСМ и Коалицијата за европска иднина Бисера Костадиновска-Стојчевска рече дека и во најголемата економска и енергетска криза ВМРО-ДПМНЕ го блокираше македонското Собрание.

– Дали нашата најголема грешка е тоа што секогаш ги исправаме последиците од оние кои глумат патриоти? Дали е грешка што денес имаме минимална плата од 22.500 денари? Дали е грешка што за 300 отсто ја зголемивме социјалната помош? Што од 2017 година до денес имаме изградено 84 градинки? Што го направивме одржлив пензискиот фонд? Што просечната пензија ја зголемивме за 55 отсто и денес и денес изнесува 21.400 денари? Што платите во култура во последните 4 години ги зголемивме за 52 отсто. Ако ова е наша грешка, тогаш што беа 10-те години кога сè опустошија, кога владееја со страв, заплашуваа, заќутуваа, и со претходно нарачани дневни вести. Не покажаа интерес и грижа за граѓаните кога беше најпотребна, и во најголемата економска и енергетска криза, ВМРО-ДПМНЕ го блокираше македонското Собрание, уценуваше, бараше предвремени избори, само за лични интереси – рече таа.

Таа порача дека само СДСМ е партијата која се темели на вистинска социјадемократска идеја и мисла, а сите други само манипулираат.

– Вчера беше 27 април, ден кога пред 7 години, задскриени зад насилници извршија упад во законодавниот дом. Подло и секогаш зад некого. Крв течеше во Собранието, а тие зборуваа за слобода и демократија. Затоа ние сме од нив различни. Затоа што си ја сакаме државата. Си ги почитуваме сите граѓани, не бегаме од проблемите, туку се соочуваме со нив. Да потсетам, премиерите на СДСМ се сите тука, ниту еден не побегна – порача Костадиновска – Стојчевска.

Таа подвлече дека на 8 мај не е потребен вулкан туку се неопходни гласови за спокојна, безбедна, слободна и држава со иднина.

– На 8 мај да се потсетиме дека со пенкало турнавме режим и дека не смееме сега да се откажеме. Затоа што ние немаме резервни татковини како нив. И за нас Македонија е единствената адреса. На 8 мај гласаме 1, за Стево Пендаровски, 1 за СДСМ. За македонската култура во Европа – порача Костадиновска- Стојчевска од Крушево.

Првиот вицепремиер Бојан Маричиќ, кој е дел од листата за пратеник на ИЕ1 истакна дека Македонија ќе продолжи по храбрите државнички одлуки на СДСМ.

– Оваа вечер тука сме инспирирани и со големо срце инспирација да кажеме – нема откажување. Не се откажаа ниту славните војводи на македонската револуционерна организација кога ја основаа Крушевската република. Ниту партизаните во вториот Илинден со АСНОМ кога се оствари вековниот сон, држава на македонскиот народ и на сите други кои се собраа заедно да го остварат вековниот стремеж покажувајќи пример за пркос, визија и одлучност. Нема откажување велиме и ние кои денес сакаме да ја градиме нашата борба за успех на изборите на 8 мај. Гласна е пораката на граѓаните од првиот круг на претседателските избори, но СДСМ е партија којашто е прекалена во тешки битки, со славни победи, но и со сериозни удари – рече Маричиќ.

Тој додаде дека СДСМ секогаш е достоинствена кога е најмоќна, жилава кога е ранлива и цврста како бедем кога е најсилно предизвикана.

– Овие денови граѓаните каде и да одиме со право ни велат СДСМ жртвуваше многу од својот политички капител за да донесе тешки стратешки одлуки за државата и за евроатланскиот пат. На сите им велам да, точно е. Но, точно е уште нешто, дека сите тие тешки одлуки кои ги донесе СДСМ го положија тестот на времето и денес се столб на нашата државност. Одлуки за најважните и најдраматичните настани со кои сме го зацрствувале темелот и обезбедувале напредокот на Македонија. Сите тие тешки одлуки секогаш биле оспорувани од ВМРО-ДПМНЕ и секогаш се кревале во националистички кампањи после тие тешки одлуки. Но,  ипокрај тие националистички кампањи, никогаш не поништиле кога биле во можност да го направат, ниту оспориле. Така ќе биде и сега! Македонија ќе продолжи поплочен по храбрите државнички одлуки на СДСМ. Го плукаа и омаловажуваа членството во НАТО за да денес велат дека сме горда НАТО членка која ќе ги почитува стандардите. Исто така ќе биде и со почетокот на преговорите со ЕУ, тоа што денес го плукаат утре ќе го фалат затоа што се лажни патриоти, затоа што се демагози и популисти. Така било во минатото, така е сега, така ќе биде и во иднината – потенцираше Маричиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот