Анкета на ИРИ: Граѓаните поддржуваат влез во ЕУ, но сметаат дека Унијата не е сериозна во намерите да понуди членство

ЕУ инфо центар во Скопје
Луѓе пред ЕУ инфо центар во Скопје / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Во регионот има широка поддршка за приклучувањето кон Европската унија (ЕУ) и силно мнозинство кое ја смета руската војна против Украина за неоправдана. Ова го покажуваат резултатите од последното мултинационално истражување за Западен Балкан од страна на Центарот за анкетни истражувања (CISR) на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

На прашањето дали би го поддржале приклучувањето кон ЕУ доколку денес се одржи референдум, во пет од шесте земји силно мнозинство би гласало за приклучување кон Унијата и тоа од 68 отсто во Македонија и во Босна и Херцеговина до 92 отсто во Албанија. Во Србија, повеќето од 40 отсто го поддржуваат приклучувањето кон ЕУ.

Анкета на ИРИ/Фото: Принтскрин https://www.iri.org/

Но, сепак поголем дел од граѓаните во Македонија или 47 проценти, сметаат дека Унијата не е сериозна во намерите да понуди членство на земјите од Западен Балкан.

Анкетата е спроведена во Албанија, Босна и Херцеговина (БиХ), Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија во периодот меѓу 2 февруари и 5 март 2024 година, соопшти ИРИ Македонија.

Анкета на ИРИ/Фото: Принтскрин https://www.iri.org/

Пол Мекарти, директор за Европа во ИРИ, коментирајќи ја анкетата оценува дека постои силна желба низ Балканот за зајакнување на врските со западните економии и за приклучување кон ЕУ.

-Оваа широка поддршка покажува дека луѓето од целиот регион веруваат дека понатамошната интеграција во Европската унија може да помогне за постигнување одржлив просперитет, вели Мекарти.

Всушност, кај приоритетите на граѓаните за владите на Западен Балкан доминираат економските прашања. Освен Албанија, каде што невработеноста е главен проблем, високите цени и трошоците на живот претставуваат најголема грижа за граѓаните во другите пет земји од Западен Балкан.

Покрај тоа, во сите шест земји, корупцијата се појавува како еден од првите три приоритетни проблеми.

Граѓаните во Македонија сметаат дека најкорумпирани се политичките партии, судовите, Собранието. На прашањето „Каков вид на корупција е најприсутен во земјата?“, мнозинство од граѓаните или 26 отсто одговориле намерно или лошо управување со средства, како  и ставање на личните интереси пред интересот на граѓаните.

Анкета на ИРИ/Фото: Принтскрин https://www.iri.org/

Анкетата, исто така, покажа дека мнозинството во пет од шесте анкетирани земји верува дека руската војна против Украина е целосно или донекаде неоправдана. Во Србија, пак, повеќето од 49 отсто целосно или донекаде ја оправдуваат Русија.

– Иако овие бројки се претежно позитивни, српските одговори се вознемирувачки. Доколку мирот и безбедноста се долгорочни цели на Балканот, подобра опција за Србија ќе биде да ги отфрли руските предлози и да изгради посилни врски со Западот, смета Пол Мекарти од ИРИ.

Анкетата за ИРИ ја спроведе Ипсос. Податоците се собрани преку интервју лице-в-лице кое беше администрирано со компјутерски асистирано лично интервју (CAPI) во домовите на испитаниците со користење на метод на повеќестепена веројатност кој е дизајниран да резултира со репрезентативни примероци на национално ниво во секоја од земјите. Стапките на одговор се движат од 21% до 40%. Големината на примерокот по земја варира меѓу n=1.036 и n=1.238, а маргината на грешка се движи од 2,8 до 3,0 поени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот