Ковачевски: Гласањето „против“ е краткорочна казна со долгорочни последици за државата

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на митинг во Крушево / фото: СДСМ

Замислете драги Крушевчани, Илинденците при првиот предизвик да се откажеле од својата цел за слободна Македонија. Кога пред изборите ме прашуваа за реузлтатот по општини едно знаев, во Крушево сигурно ќе победиме. За тоа има причина. Ако идејата за независна македонска држава прв пат била резлизирана во Крушево, благодарение на храброста на крушевчани и идејата за европска Македонија ќе почне токму тука во Крушево, благодарение на Македонци, Власи и сите други заедници кои живеат во нашата држава, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на митингот во Крушево.

Тој додаде дека ниту Асномците се откажале при првата пречка од својата идеја за македонска држава, ниту нашите претходници во 90тите се откажаа од идејата за европска Македонија.

– Тоа би било исто какао ние да се откажеме од идејата за нашата цел за европска Македонија. Тоа значи откажување од ијдејата нашите деца да живеат подобар живот и да го имаат она што го добиваат талкајќи по туги држави, бидејќи некој немаше храброст да донесе одлуки што ќе не направат членка на ЕУ – рече Ковачевски.

Тој додаде дека СДСМ била и ќе биде силна партија која не се откажува кога е најтешко и не потклекнува кога се очекуваат тешки одлуки.

– СДСМ е обединета и силна партија, која издржала и време и невреме, која издржала и добро и лошо. Партија која секогаш останала на браникот на татковината. Партија направена од цврст материјал и подготвена да се бори за граѓаните и за иднината на државата – рече Ковачевски.

Тој додаде дека така беше и изминатите години, кога за време на најтешката енергетска и економска криза, не ги остави граѓаните сами во ниту еден момент и ги зголеми платите и пензиите.

– Така беше и кога донесовме тешки, но исправни одлуки за Македонија да стане дел од НАТО и да ги почне преговорите со ЕУ. Никогаш не се откажавме и нема да се откажеме од нашата визија за европска Македонија со европски животен стандард и европски вредности и правила на игра – рече Ковачевски.

Претседателот на СДСМ додаде дека знае оти граѓаните ги паметат грешките, но нагласи дека Владата предводена од СДСМ спроведе многу успешни политики кои се гарант дека има сила, знаење, енергија и посветеност да оди напред и да ги оствари ветувањата.

– СДСМ им подава рака и ги повикува сите прогресивни сили на мобизација на 8 мај. Да не дозволиме државата да застане, да се врати назад во темното режимско минато, во времето на внатрешни конфликти и поделби. Во време кога началници шетаа по градот по две недели додека имаше избори за да конторлираат како ќе гласаат граѓаните. Вие најдобро знаете во Крушево и затоа не дозволувате да ве газат како што ве газеа 11 години – рече Ковачевски.

Тој додаде дека изборите на 8 мај ќе бидат тешки, СДСМ е подготвена за секаков резултат, но во ниту еден момент нема да се откаже од борбата.

– Знам дека голем број граѓани сè уште немаат одлучено кому да го дадат својот глас. Затоа ги повикувам убаво да размислат кој заслужува да ја води државата. Убаво да размислат дали сакаат да гласаат „за“ или сакаат да гласаат „против“.  Гласањето „против“ не ѝ носи добро на Македонија и само со гласот „за“ може да се оди напред и да се изгради подобра држава за нашите деца. Со глас „против“ можеби ќе казните некого, но во исто време ќе ги казните и сопствените деца! Таа краткорочна казна може да има долгорочни последици за државата. Затоа ве повикувам да гласате за европска иднина! Да гласате за Стево Пендаровски за претседател и за СДСМ и Коалицијата за европска иднина – повика Ковачевски.

Не дозволувајте сејачите на магла од Белата палата да манипулираат дека тие владееле подобро, додаде тој.

– Кое е нивното подобро? Дали се повеќе од една и пол милијарда евра потрошени за криминалниот проект Скопје 2014 кои ние моравме да ги враќаме? Дали нивното подобро се заробените медиуми, замолчените вработени во јавниот сектор, натепаните студенти? Тоа ли е нивното подобро? – праша претседателот на СДСМ.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ вложуваше во жални врби, додека СДСМ вложува и ќе продолжи да вложува во граѓаните.

– Сетете се кој го слушаше гласот на граѓаните, а кој се обидуваше да ги замолчи. Кој владееше демократски, а кој авторитарно. Кој гради европска иднина, а кој продава лажно минато за лично да се богати и да профитира – рече Ковачевски.

Претседателот на СДСМ додаде дека ако десничарска партија како ВМРО-ДПМНЕ и гордиот наследник на Груевски добие преголема моќ, тогаш тоа ќе ги убие нашите европски перспективи.

– Доволно долго седевме во чекалната за Европа и верувам никој од вас не сака пак да се вратиме таму. Уште повеќе сум сигурен дека ниту еден граѓанин не сака да се вратиме повеќе од 20 години наназад и повторно да се распалат меѓуетничките тензии. Но, очигледно ВМРО и ДУИ се подготвени и на тоа само за да соберат некој политички глас плус – рече Ковачевски.

Тој додаде дека не може некој да се нарекува Европски фронт и да продава идеја за Европа, а на митинзите да нема ниту едно европско знаме и да извикува пароли кои нè враќаат повеќе од 20 години во минатото, кое е закопано и заборавено.

– Драги мои Македонци, Албанци и сите останати етнички заедници кои живеат во Македонија – ние сме заедно со сите вас и ве повикуваме да не дозволите преку ноќ да го растуриме мултиетничкиот соживот што напорно го градиме повеќе од три децении. Ние друга држава немаме! Нашите деца тука треба да ја градат својата иднина! Македонија е Европа во мало со разноликост на заедници – порача Ковачевски.

СДСМ е модерна, прогресивна партија и единствена политичка сила која може да ја однесе Македонија во подобра иднина, додаде тој.

– Слушав за идеолошките матрици на партиите и затоа велам одиме во Крушево да им кажеме што е идологијата на СДСМ. Да чујат и за борбата во 1903 и за социјалистот Гоце Делчев и за партизаните и нивни потомци од 1941, да ги видат наследниците на Киро Глигоров, современиците на оние кои ги донесоа одлуките за НАТО и почеток на преговорите со ЕУ и оние со кои Македонија ќе стане члнека на ЕУ. Тоа е идеологија за граѓаните, а не за лажен патриотизам – рече претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на митингот во Крушево.

Тој додаде дека никогаш и по ниту една цена СДСМ нема да се откаже од она во што верува и ќе се бори додека не успее тоа да стане реалност.

– Нема да дозволиме никој да ја уназадува државата! Нема да дозволиме никој да си игра со иднината на нашите деца. На 8 мај сите заедно одлучуваме каква иднина ќе градиме за нашите деца и внуци! Нема откажување од иднината! Да живее европска Македонија – рече Ковачевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот