Грција од денеска воведува нови мерки и полициски час

epa08789030 A man wearing a mask walks by a restaurant at the tourist district of Plaka in central Athens, Greece, 31 October 2020. Greece will shut down, for the first time since May, restaurants, bars, cafes, cinemas and gyms across a great part of the country after a surge in coronavirus cases. Greek Prime Minister announced new measures which will take effect 03 November 2020 and will last for a month. EPA-EFE/YANNIS KOLESIDIS

Угостителските објекти, кафулињата, фитнес центрите, музеите, театрите од денеска ќе бидат затворени во 27 региони во Грција што се во т.н. црвена зона, а во целата земја стапува во сила и забраната за движење, односно полициски час од полноќ до 5 часот наутро, јави дописничката на МИА од Атина.

Γрција, односно 74-те региони се поделени во две зони: Зона А- жолта и зона Б –црвена.

Во првата, што е „под надзор” се 47 региони, а останатите 27 се во црвената, односно „со зголемена опасност”, меѓу кои речиси цела северна Грција и Атина.

Мерките што ќе важат за целата земја се: задолжителна маска и внатре и надвор; полициски час од полноќ до 5 часот наутро; задолжително најмалку 50 отсто работење од дома во државниот и приватниот сектор; задолжителни онлајн предавања за студентите и забрана за собири.

Во цела Грција, остануваат отворени, продавниците за малопродажба и за храна, пазарите, фризерските салони, хотелите и училиштата и не е забрането движење меѓу регионите.

Во регионите што се во црвената фаза, затворени се угостителските објекти, кафулињата, баровите, со исклучок на „delivery” и „take away”, музеите, театрите, кината, забранети се секаков вид собири, забрането е одржување конференции,  дозволено е само индивидуално спортување и натпревари само во првите лиги во фудбал и кошарка, како и учеството на екипите во европските натпреварувања.

Превозните средства во сите делови на земјата ќе функционираат со 65 отсто од капацитетот, а во црвената зона, дозволени се до три лица во патнички автомобил (со исклучок на семејствата), додека пак за такси возилата е дозволен само еден патник.

Црквите и религиските објекти во црвената зона ќе останат отворени, со максимално дозволен број до девет лица на литургија или обреди и свечености.

Новите мерки, што ќе бидат во сила еден месец, во саботата ги соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во телевизиска порака до граѓаните, истакнувајќи дека не станува збор за „целосно замрзнување на секојдневието”.

Паралелно повтори дека „целосен lockdown е последниот чекор, што ќе ги погоди економијата и општеството”.

Од почетокот на епидемијата во Грција се регистрирани 40.929 случаи на ковид-19, а починаа 635 лица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот