Маричиќ: Само стабилен СДСМ може да спречи старо-нов режим и тоа е нашиот приоритет

Вицепремиерот Бојан Маричиќ / фото: racin.mk

Во интервју за Рацин.мк првиот вицепремер Бојан Маричиќ зборува за пораките добиени од граѓаните по првиот круг на претседателските избори и за натамошните чекори и насока по која ќе се движи СДСМ.

– СДСМ добро ги разбра граѓаните. Испратена ни е многу сериозна порака и ние ја прифаќаме и разбираме еднакво сериозно. И во минатото имало слични предизвици за СДСМ, но партијата како високо организирана, масивна и демократска организација секогаш успеваше да остане во директен контакт со граѓаните, да покрева нова инспирација и нова енергија од базата и од теренот и да се исправи во заштита на интересите на државата и на граѓаните – вели Маричиќ.

Тој додава дека консолидацијата во партијата е започната. Посочува дека продолжуваат понатаму, на терен, на средби со граѓаните, со цел да се допре до секој човек, во борба за секој глас.

– Но, во исто време, добро знаеме, а добро знаат и сите граѓани со каков ризик се соочува Македонија. Граѓаните знаат дека е ризично една политичка опција, особено со авторитарно минато, да добие многу голема политичка моќ и затоа СДСМ нема да се откаже, напротив ќе се исправи и ќе биде бедем за демократијата, на слободата, на солидарноста, за социјалната правда, за рамномерниот економски раст – вели Маричиќ.

Тој посочув, дека само стабилен СДСМ, може да спречи старо-нов режим какои дека тоа е приоритет и во партијата внатре и цел на изборите на 8 мај.

– Ќе ги фокусираме сите сили на граѓаните да им кажеме јасно и гласно дека СДСМ е политичката сила која може да ја продолжи приказната за европска Македонија, приказната дека сме на вистинскиот пат – вели првиот вицепремиер.

На прашањето во врска со слоганот на СДСМ во оваа кампања „Нема откажување од иднината,“ мислејќи вклучително и на членството во ЕУ, и колку е навистина реална заканата по нашите евроинтеграции доколку ВМРО-ДПМНЕ добие мандат да ја состави новата Влада, Маричиќ вели дека нема откажување значи дека нема откажување од борбата, без разлика дали ќе биде водена од СДСМ од позиција на власт или од опозиција.

– Нема да дозволиме да пропадне продолжувањето на преговорите или да се оддолжи долго и да се изгуби темпото на пристапување што го започна СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ и понатаму е без план на оваа тема. Не е добро за државата ако започнатите преговори се вратат назад во политичките институции на Бугарија, кои, како што стојат работите, уште долго ќе бидат во неизвесност заради нивните внатрешни политички турбуленции – порача Маричиќ.

Тој додадава дека нема да се дозволи да се отвора простор за дискусија за европската иднина на државата и да се собираат поени на македонското прашање при чиста ситуација за македонскиот јазик, за македонскиот идентитет, кој е јасно и на писмено потврден со преговарачката рамка.

– Ние подобра позиција во односите со Бугарија не сме имале од независноста досега, со таа разлика што сега нашата позиција ја потврдува и цела ЕУ. Таа работа е завршена. Ќе им се спротивставиме на сите структури кои не ѝ мислат добро на нашата држава, ниту на регионот и се со тенденција да нѐ фрлат во изолација и без перспектива – истакнува Маричиќ.

Тој потенцира дека многу е важно државата да се задржи на европскиот пат.

– Ние може и помалку да ја спомнуваме ЕУ, но тоа нема да го промени фактот дека само ЕУ и Западот инвестираат во Македонија, никој друг. Може и да повторуваме повеќе пати дека имаше моменти кога ЕУ не беше докрај праведна со нас, но тоа нема да го промени фактот дека сега имаме отворена врата, План за раст од 6 милијарди евра за Западен Балкан, конкретни придобивки, фондови, патокази и помош за реформи. За ваквата помош не нѝ се бара ништо, освен да останеме посветени на европските реформи. А, добро знаеме дека ВМРО-ДПМНЕ нема намера да се занимава со европските реформи. Исто како што добро знаеме дека народот наш ниту се откажал, ниту ќе се откаже од ЕУ. Затоа што, колку и да има граѓани кај нас кои се неутрални по однос на геостратешките определби, сепак сите знаат дека Русија и Истокот не инвестираат во Македонија, не нудат ништо за регионов, ниту пак предложиле некаков план за поддршка – истакна Маричиќ.

Тој посочува дека иако патот до ЕУ бил трновит, не треба да размислуваме за одлагања или за алтернативи. Затоа што седнувањето на преговарачката маса со ЕУ, значеше и простор да бидат изнесени ставовите на државата и да се влијае. Тој посочува и дека СДСМ нема да се откаже од уставните измени кои ќе обезбедат континуитетот на преговорите.

На прашањето дали СДСМ погрешила кога одлучила да инсистира на наративот за европската агенда, на сметка на прашањата од областа на економијата, социјалните реформи итн, наспроти темите кои главно имаат емотивен набој, Маричиќ, посочува дека национализмот е силна страна на политичките опции на кои им недостасуваат прогресивни, современи идеи, односно на оние кои сакаат да манипулираат наместо да носат развој.

– СДСМ нема да посега по наративи и реторика кои се косат со прогресивните, космополитски и автентично демократски партии. Ние сме сосема свесни дека немаме шанса да опстанеме како општество и држава доколку национализмот победи и доминира и на тоа силно и со аргументи, разум и тактики ќе се спротивставуваме секогаш – порачува Маричиќ.

Вицепремиерот Бојан Маричиќ / фото: racin.mk

Национализмот е инструмент на слабите политички опции, кои немаат ниту сила, ниту храброст да им одговорат на сопствените гласачи како ќе ги решат проблемите, вели тој.

– Има легитимни десничарски опции кои не подразбираат национализам. Ние имаме низ Европа многу сериозни и легитимни демократски десничарски партии кои имаат своја идеологија, која ја промовираат и ја унапредуваат во општествата без национализам. Но, и овие избори кај нас покажаа дека ние немаме таков десен десен центар. Ние имаме радикална десница, како ВМРО-ДПМНЕ и Левица, кои профитираат на страв од другиот – вели првиот вицепремиер.

Според Маричиќ, национализмот е искористен при немање на план за ЕУ, за да се најде оправдување за истото, како и да се префрли вината на другиот.

– Затоа велам, национализмот е инструмент на слабите политички опции, кои немаат што да понудат и кои се кријат зад националистичката идеја, бидејќи немаат ниту сила, ниту храброст да им одговорат на сопствените гласачи како ќе ги решат проблемите, како ќе ја решат нашата пречка кон Европската унија која денес може многу едноставно да ја завршиме – вели тој.

Тој посочува дека ВМРО-ДПМНЕ во борбата за власт заборава дека национализмот може да стане најголем непријател на стратешката определба на државата за членство во Европска Унија. Притоа додава дека нема дилеми, затоа што национализмот секогаш прави дефокус и од реформите и од бројните обврски кои произлегуваат од преговорите со ЕУ и од реформирање на економскиот пазар, и од отворање на пазарот за многу можности кои досега ги немало, користење на европски фондови кои досега не сме имале можност да ги користиме, и од сè она што живот значи за секој наш граѓанин.

– Тука мислам и на безбедноста и стабилноста секако – посочува Маричиќ.

Во Македонија не постои друго толку силно политичко јадро, освен СДСМ, кое има и платформа, и сила и порив да ги брани прогресивните вредности, додава тој.

Тој потсети и на минатото, од времето на НОБ.

– СДСМ и членовите добро знаат и постојано се повикуваат на тоа дека идеолошката основа на партијата влече континуитет од АСНОМ како темел на државноста. Додека нашите претходници од Народно-ослободителната борба се кренаа против фашизмот и ја востановија македонската државност, тогашното ВМРО беше на другата страна. Социјал-демократската идеја отсекогаш била обеднувачки фактор и за партијата и особено за граѓаните и за државата, и таква и ќе остане – порача првиот вицепремиер Бојан Маричиќ.

На прашањето за понатамошната соработка на СДСМ со ДУИ, земајќи ја предвид нивната националистичка реторика во кампањата, Маричиќ се осврна на понатамошниот правец на делување на СДСМ, а тоа како што посочи е широка платформа за достоинствено претставување на македонскиот и на сите други народи во институциите на државата, во Собранието и во застапувањето на политиките на извршната власт. И додаде дека тоа ќе биде платформа која ќе води грижа и ќе ги почитува сите граѓани без разлика на било каква нивна определба, етничка, родова, социјална, која било .

– СДСМ останува платфрома преку која ќе го оствариме стремежот на мнозинството граѓани кои својата иднина ја гледаат како граѓани на ЕУ. На таа платформа може да ѝ се придружат политички структури кои споделуваат исти или комплементарни вредности и тоа здржување, ако треба да биде формално, може да се направи врз основа на заеднички договор за оставрување на целите на таа заедничка платформа – порача Маричиќ.

Тој посочи и дека изборите ги гледа и како можност за еден нов почеток, којшто сигурно подразбира и кадровски промени со цел зајакнување на редовите на партијата.

А во однос на колацирањето со ДУИ рече дека доколку не дојде до тоа тогаш ќе биде искористено како можност за ослободување од нивните грешки кои им се препишуваа и на СДСМ.

За потребата од „прочистувањето“ од кадри на СДСМ, на ДУИ и на другите партнери во досегашната коалиција, Маричиќ истакна дека тоа мора да се направи затоа што тоа е пораката од граѓаните, со оглед на исходот од првиот круг на претседателските избори.

– Ако нашата агенда, нашата платфрома е за европска Македонија и ако за неа се здружуваме за да имаме широк општествен легитимитет, тогаш мора да ги уважиме уважувањата на сите граѓани. Европскиот фронт не е европски ако е во исто време се однесува националистички. Почитувањето на рамноправноста на сите етнички заедници во државата е концептот којшто секогаш бил победнички. Затоа сум убеден дека ако сакаме да градиме заеднички европски блок на партии ќе мора да се посветиме на реформите и на корегирање на сопствените грешки –  вели тој.

На прашањето дали гледа нешто од социјал-демократската идеологија на партијата ЗНАМ, Маричиќ вели дека таа групација ја злоупотребила социјал-демократската идеја, користејќи моментум на акумулирано незадоволство кај граѓаните и јавајќи на бранот на популизмот.

– Се противам на заговорите дека за Македонија може да биде добра опција која во исто време се декларира за лева, а на терен дејствува десно. Тоа е апсолутно спротивно на автентичната соција-демократска и социјалистичка идеја. Само еднаш во историјата социјализмот и национализмот се споиле и така настана национал-социјалистичката партија во Германија која на светот му ја донесе една од најголемите хуманитарна катастрофа, фашизмот и Втората светска војна. Национализмот, заедно со дезинформативната пропаганда со говор на омраза, се најтешките болести на демократијата – вели Маричиќ.

Тој притоа додава дека, ЗНАМ е создадена на бранот на личните амбиции на нивниот лидер и само се дооформила со дел од некои од поранешните членови на СДСМ. Како и дека истите само се надоврзале и им дале дополнителна гласност на пораките на ВМРО-ДПМНЕ.

– И ЗНАМ се против уставните измени, и тие се против договорите со Бугарија и Грција, и тие се против преговарачката рамка. Исти како и на ВМРО-ДПМНЕ. ЗНАМ треба да знае, а не да биде клон, имитатор на ВМРО-ДПМНЕ. Очигледно не се чувствуваа добро во рамките во кои е определена прогресивната социјалдемоктратија, а кога немаш сопствена идеологија којашто треба да те движи, најлесно е да напаѓаш. Но, јасно е дека целта на нападите врз СДСМ што дојдоа од таа партија беше да се замени безидејноста на тие политички опции, да се надополни со национализам. Сакам да им упатам порака на сите социјалдемократи, и сегашни и поранешни, глас за ЗНАМ и за Максим Димитриевски е глас за ВМРО-ДПМНЕ. Да немаат дилема околу тоа прашање – посочи првиот вицепремиер.

Маричиќ заклучи дека во деновите по првиот круг на избори СДСМ е на терен, меѓу граѓаните, затоа што СДСМ е силна партија која што ќе остане силна, ќе продолжи и ќе се развива како столб на демократијата и слободата.

– Историјата запиша, а Македонците ќе паметат: СДСМ го заштити македонскиот јазик, култура и идентитет. И како што го обезбедивме членството во НАТО, нашата цел останува најдоцна до 2030 години ќе станеме дел и од европското семејство на држави. СДСМ никогаш не се откажа и така ќе продолжиме. Нема откажување од европската иднина. Ќе покажеме дека сме посилни од тоа што го видовме како резултат од првиот круг на претседателските избори – посочи Маричиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот