Академик Беџети: Наместо англискиот треба да ги форсираме локалните јазици, посебно македонскиот

Фото: Слободен печат

Академик Абдулменаф Беџети кој воедно е и ректор на Универзитетот на Југоисточна Европа вели дека се почесто студентите не ги разбираат доволно локалните јазици.

Ова е проблем и треба да се обрне поголемо внимание оти единствената забелешка кога се вработуваат нашите студенти во државните институции е недоволното познавање на македонскиот јазик.

Форсирањето на англискиот јазик доведе до тоа студентите меѓусебно да комуницираат на англиски јазик, а локалните јазици се запоставуваат.

„Нашиот студент кога доаѓа веќе трета година е одличен со странскиот јазик, но проблем имаме со локалните јазици. Наместо да го форсираме англискиот, треба да ги форсираме локалните јазици, би подвлекол посебно македонскиот јазик. И Македонците не одат напред во однос на албанскиот јазик, а најмалку Албанците во однос на македонскиот и тоа е голем проблем и затоа ние го следиме ова. Сите наши студенти кои се вработуваат во институциите единствена забелешка е ова, кога јас добивам некој повратен извештај од НРБМ оттаму велат дека се е во ред, но со македонскиот јазик се слаби. Тука ние мора да делуваме односно да ги подготвиме нашите студенти оти знаеме ова е двојазично општество, мултикултурно и се знае кои се јазиците кои треба да бидат во примена. Но, треба тука да работат и претходните образовни институции пред и се средните училишта каде што потфрлиле многу во делот на јазиците. Верувајте Албанците меѓу себе зборуваат на англиски, младите генерации не само Македонец и Албанец што зборуваат меѓу себе на англиски, туку меѓу себе и Албанците зборуваат на англиски, а често и Македонците меѓу себе зборуваат на англиски“, вели академик Абдулменаф Беџети.

На денешниот саем на кариера кој го организираше УЈИЕ, претпријатијата-учесници го потврдија јазот меѓу тоа што го нудат образовните институции и тоа што го бараат компаниите.

Фото: Слободен печат

Најголемиот проблем вели академик Беџети е тоа што законот не бара задолжителна практична настава. Од друга страна во некои сектори имаме доволно кадри но без да се обрне внимание на квалитетот, особено во јавната администрација.

„Ние работиме на тоа поле да имаат вештини и да бидат подготвени на пазарот на трудот, но проблем е што законот не бара да имаат практична настава студентите, порано тоа беше регулирано со закон, но и тогаш беше само некоја про-форма. Но, сега за среќа и стопанските асоцијации се повеќе и погласно ја подвлекуваат оваа потреба. Велат не можеме да финансираме неподготвено образование кое не профилира кадри со практично искуство. Јавната администрација е преполнета, но таму нема соодветен кадар, универзитетите пак се рангираат во светот во однос на тоа колку студентите наоѓаат за кратко работа“, додава академик Беџети.

На денешниот Саем на кариера најавени се 80 вработување за студентите од страна на претпријатија кои презентираа работни места од повеќе профили.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот