Ваучерите в џеб и право на езеро, бања или планина, над 3.500 граѓани ќе одмораат на државен трошок

Министерство за економија- табла / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Годинава на повикот на Министерството за економија се одзваа 39 хотели на езеро, планина или бања. Ваучерите се со вредност од 18.000 денари, а за оваа мерка, согласно Програмата за поддршка на домашен туризам за работници со ниски приходи, се обезбедени 1 милион евра

Над 3.500 македонски трудбеници и годинава ќе одмораат на државен трошок, а нив ќе ги дочекаат 39 хотели во Охрид, Струга, Маврово, Негорци, Кичево, Дебар, Стар Дојран, Стрмица, Берово, на Попова Шапка, Пелистер и Пониква. Тие се одзваа на повикот на Министерството за економија, а меѓу нив има со две, три и четири звезди. Дел од овие објекти, веќе неколку години им нудат можност на граѓаните да ги искористат своите ваучери, кои годинава се со вредност од 18.000 денари.

За оваа мерка, согласно Програмата за поддршка на домашен туризам за работници со ниски приходи, се обезбедени 1 милион евра. Програмата трае од 2018 година и вкупно биле доделени околу 3 илјади ваучери поради ограничениот буџет, а годинава сумата предвидена за домашните летувалци е три пати зголемена, рече Крешник Бектеши, министер за економија во заминување. Министерството за економија, годинава додели 3.555 ваучери за одмор во домашните туристички центри за работниците чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето приходот од 50.000 денари. Јавниот повик, беше објавен на 12 февруари, а право на учество имаа сите физички лица кои се вработени.

Главната цел на оваа мерка за која и изминатите години имаше голем интерес е да им се овозможи на лицата со ниски приходи да искористат годишен одмор, и во исто време да им се помогне на туристичките центри во зголемување на обемот на работа надвор од туристичка сезона.

Хотелиерите се задоволни од мерката, за што говори и фактот дека добар дел од нив редовно учествуваат на повикот на Министерството за економија.

-Резервациите се уште не се почнати, бидејќи потврдата ќе може да се искористи од моментот на добивање до 30 јуни 2024 година и од 15 септември до 1 декември годинава. Очекуваме добар интерес од граѓаните, како што впрочем се случуваше и во претходните години – ни рекоа во охридскиот хотел „Галеб“.

И во хотелот „Молика“ на Пелистер, очекуваат добар одзвив од граѓаните.

-Цените се поволни, а граѓаните можат да си ги распоредат средствата и да одберат колку дена ќе искористат во јуни, а колку во септември. Има многу кои сакаат да одмораат на планина, на чист воздух и да избегаат од градската врева, а доделените средства се доволни за еден скромен одмор – велат за нашиот весник од овој планински хотел.

Од хотелот „Негорски бањи“ велат дека мерката е добра, но не знаат каков ќе биде интересот на граѓаните.

-Ние сме редовни учесници на оваа иницијатива на Министерството за економија, но каков ќе биде интересот, зависи од вкуост на граѓаните – вели директоро Димитар Јаневски за „Слободен печат“.

Оваа мерка во минатото даде видливи резултати, истакна на промоцијата на мерката, Бектеши. Според него, бројот на домашни туристи во континуитет се зголемува во последните години, а нивните ноќевања веќе и го надминаа бројот на странски туристи.

Некои одмораа, а други правеа ујдујрми со ваучерите

Црна дамка врз оваа мерка фрлија обидите на дел од граѓани кои во 2020 година, добија ваучери за туризам вредни 6.000 денари, ги продаваа и за двојно пониска цена. Истата година, пазарната инспекција проверуваше неколку сместувачки објекти поради можни измами со ваучерите.

Инаку, во 2021 година, 4.086 граѓани аплицираа на повикот за добивање ваучери со вредност од по 200 евра. Но, за разлика од 2020 година, кога на располагање беа повеќе од 100.000 ваучери, тој број по една година се сведе на само 1.250. Вредноста на ваучерите во 2020 година изнесуваше 6.000 денари, плус џепарлак од 3.000 денари, односно платежна картичка за да плаќаат во кафеаните и кафулињата.

И во 2022 година беа доделени меѓу 1.500 и 2.000 ваучери со вредност од 15.000 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот