Депонија Буково / Фото: Фејсбук

Решение за Буково на куково лето

Молк Од СВР Охрид не беа достапни за да одговорат зошто се толерира присуството на диви собирачи на отпад на депонијата и што презема полицијата за да не се пали ѓубрето.

Охридската депонија Буково повторно гори, а надлежните, наместо да бараат решение за загадувањето, тие постојано, повикувајќи се на закони, правилници и одлуки бараат кој е повеќе одговорен. Од Министерство за животна средина упатуваат на локалната самоуправа, бидејќи, законски, третманот на отпадот е во надлежност на општините; од Општина Охрид потсетуваат дека според Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион и според препораките од УНЕСКО депонијата Буково треба да биде затворена.

Преземањето на оваа мерка, велат од охридската локална самоуправа, зависи од одлуката за одредување локација и за отворање депонија за југозападниот регион, а обврските за решевање на овој проблем се во надлежност на Министерството за животна средина и просторно планирање.

– Како и пред два месеца, кога на депонијата имаше запален отпад и овојпат пожарот го гаснат екипи на охридското јавно комунално претпријатие. Се работи за нов пожар, бидејќи претходниот го изгаснавме и жариштето беше прекриено со земја – вели за „Слободен печат“ директорот на охридското јавно претпријатие, Љупчо Грданоски.

Тој најавува дека јавното претпријатие ќе ја санира состојбата за што доби рок од седум дена од Државниот инспекторат, смета дека мора да има соработка со полицијата за да се спречи предизвикување општа опасност, односно палење пожари. Но, според него долгорочно решение на проблемот е затворање на оваа депонија бидејќи се користи долго, капацитетот и е одамна надминат, а градежните машини имаат малку простор за маневар.

Директорот на охридското јавно претпријатие наведува дека на самата депонија неовластено се присутни лица од битолско и од ресенско – имаат поставено и шатори – и тие пребаруваат по отпадот, го палат и притоа му се закануваат на  чуварот. Депонија има чуварска служба, но таа не може да ги контролира сите прилази (има седум-осум шумски патишта), не може да има увид во тоа што се случува на депонијата зашто се работи за огромна површина, а јавното претпријатие нема ингеренции да се справува со диво населените собирачи на отпад, кои прават вакви проблеми.

Од Општина Охрид тврдат дека поднесле пријави до надлежните безбедносни служби во врска со последните пожари, со барање да се вршат почести контроли на локацијата за депонирање и во нејзина близина. Очекуваат  сторителите да бидат пронајдени и казнети.

Од СВР Охрид не беа достапни за одговор на прашањето што презема полицијата во врска со собирачите на отпад сместени на депонијата Буково и со спречувањето на постојаните пожари.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот