Репортажа: Портофино, најлуксузното гратче во Италија

Италијанското гратче Портофино е бисер на италијанската Ривиера ди Леванте кое од 1950. е свртилиште на светската елита, иако како луксузна дестинација на Италијанците било познато уште од многу порано.

Италијанскиот новинар Индро Монтанели еднаш напиша „Портофино е всушност единствен спасен агол на ривиерата“. И навистина е така. Во ова мало гратче секоја фасада од куќите е неизменета, тие се обоени во типичните бои на регионот, жолти, античко розови, сини или зелени, додека прозорците пак се во темно зелена боја. „Тука не смеете да ја смените бојата на вашата куќа, дури не смеете ниту прозорче да додадете“, велат реставраторите.

Фотографиите кои датираат од античкото време се доказ дека тука времето застанало. Артистичкиот златник на Европа, како што многумина го нарекуваат, е заштитена област во која буквално ништо не смее да се менува. Секоја одамна изградена куќа има поглед на морето.

Англиските туристи први се вљубија во Портофино. Лордот Монтаг Браун го купи замокот во Портофино претворајќи го во луксузна резиденција. Неговиот брат Фредерик ја купи пак вилата во соседното Параџи. Германскиот богаташ Вон Мам, производител на шампањ, веднаш по нив ја купи најубавата вила Алтакјара кадешто секоја година го гоштеваше својот специјален гостин и пријател од Прусија Кајсер Вилхелм. Францускиот писател Ги де Мопасан маѓепсан од ова место долго се задржувал тука на својата јахта Бел Ами, именувана по неговиот најпознат роман.

До почетокот на 21 век богатите туристи го наоѓаа своето „место под сонцето“ во луксузниот хотел Сплендидо од каде погледот на градот и крајбрежјето е најволшебен. Некогаш на местото од овој хотел постоел најпознатиот манастир на гратчето, но во 1901 година бил трансформиран во неопходно сместувалиште на гостите кои доаѓале од секаде низ светот. Централната локација на овој хотел, како и богатата традиција на познати гости, и денес го става на водечко место на сместување во Портофино, кадешто да најдете преноќиште, особено во сезоната, е речиси невозможно освен ако многу претходно не сте ја направиле резервацијата.

Хотел Сплендидо, фото Фејсбук

Ноќевање во познатиот Сплендидо изнесува најмалку 700 евра, односно често и 1.300 евра. Оваа цена ја држат и другите луксузни хотели во Портофино, додека во оние помалите кои се наоѓаат „истурени“ надвор од градот можете да се снајдете плаќајќи едно ноќевање „само“ 200- 300 евра.

Во историјата на Портофино имаат улога и италијанските политичари, но и светската елита. Насекаде на ѕидовите на Сплендидо се закачени фотографии на гостите кои тука престојувале. Листата на звучни имиња кои биле вљубени во ова гратче-разгледница е долга. Винстон Черчил, Принц Рение и Грејс Кели, Елизабет Тејлор и Ричард Бартон, Хемфри Богарт и Лорен Бекол, па се до оние од поново време, Мадона, Ријана, Роберт Де Ниро, Мег Рајан, Опра Винфри…

Портофино изобилува со ексклузивни бутици. Гучи, Прада, Хермес, Ферагамо, Мисони, Селин…, бројни се и уметничките галерии и продавниците кои нудат најразлични сувенири и традиционални везови. Неколку златарски дуќани го привлекуваат вниманието преку изложените експонати во излозите од кои етикетите со цени се извадени.

Плоштадот е главното корзо каде се наоѓаат рестораните и баровите. „Ла Тераца“ е еден од најславните, но и најскапи ресторани. Лигурианската кујна тука е рај за гурманите. Се што плива или живее во водите на Медитеранот, можете да го најдете и во чинијата. Сепак, специјалитет на куќата е Капон Марго, односно пита со риба.

„Ла Тераца“

Ако веќе седите тука, не прашувајте за цената. Малата порција убаво декорирана, со чаша убаво вино, може да чини исто колку вашиот повратен авиобилет. Сметајќи го за деликатес популарното јадење на оваа област „бјанкети“, кое инаку се прави од евтини состојки, ќе го платите колку и преценетиот кавијар.

Црквата Санто Џорџо е значајна точка не само поради погледот, туку и поради славните венчавки. Многу од италијанските звучни имиња тука ги размениле прстените во присуство на 50-тина сведоци, онолку колку што може да собере оваа црква. Симболиката на овие свадби е и во престижот и гламурот, кои се гарантирани уште со звучноста на местото.

Високата сезона за Портофино започнува на средината на април и трае до средината на октомври. Тоа е период кога цените значително се повисоки од оние вон сезоната. Портофино е исклучително скап и за време на божиќните и новогодишните празници, кога е преполн од богатите Италијанци кои ги користат неработните денови за одмор. Во овие периоди на годината со автомобилот ќе треба да почекате најмалку половина час за да влезете во малото гратче пред да се паркирате. Оттука се продолжува само пеш, движејќи се меѓу тесните улички кои на лето се преполни. Настаните (модни настани, концерти, турнири со јахти, изложби…)дополнително привлекуваат внимание и викенд-туристи во текот на летото.

Во близина на Портофино, поточно само на половина час од него, се прекрасните гратчиња Рапало и Санта Маргерита, кои потстетуваат на францускиот Кан, а кои се далеку поевтини од Портофино. Всушност и добар дел од Италијанците кои сакаат навистина да се одморат се сместуваат тука, блиску до центарот на случувањата. Многу попријатен им е ручекот во Портофино отколку долгиот престој во него. Зашто сепак, во ова идилично гратче после третиот ден ќе сфатите дека немате што многу да правите, освен да ги „бележите“ ѕвездите кои пристигнале за да видат, и уште повеќе за да бидат видени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот