Реновирани се шест од планираните 10 операциони сали на хируршките клиники
Отворени се шест реновирани хируршки сали на хируршките клиники во Клинички центар „Мајка Тереза“.
Препорачано
-На ваков начин ќе добиеме оперативен блок со светски стандарди. Нашите специјализанти кои ги праќаме на обука во странските центри, ќе имаат можност да работат во истите услови како и сите светски и европски доктори, рече директорот на ТОАРИЛУЦ, доктор Игор Мерџановски додавајќи дека поради реновирањето изминатиот период ТОАРИЛУЦ, Урологија и Детска хирургија работеле напорно некои дури и трисменски, за листата на чекање да е намалена, и покрај големиот притисок од пациенти кон терциерното здравство.
Во проектот, како што информираше доктор Мерџановски, е влезена и нова хируршка сала во Ургентниот центар, која ќе помогне да се зголеми бројот на еднодневни операции.

-Таа ќе се користи како сала што ќе помогне сите пациенти што имаат инфекции и треба да им се извршат ампутации на екстремитетите. Тие се „шетани“ низ државата. Сега ќе имаме можност тие да бидат комплетно изолирани надвор од хируршкиот блок и да се работат во одделна сала каде нема да ги загрозат другите пациенти што треба да се оперираат – рече директорот.
Министерот за здравство Азир Алиу информираше дека овие операциони сали имаат стогодишна гаранција за квалитет на нивната инфраструктура.
-Во нив ќе може да се вгради и телемедицина, за да може да има асистенција од надвор, но и да се овозможи учење од далечина, за нашите студенти да може од амфитеатар да следат дел од операциите, а физички да не се во операционата сала. Салите се со светски стандарди – истакна Алиу.
За вкупно 10 операциони сали предвидено е да се потрошат 282 милиони денари за реновирање.
-Во процес сме на продолжување на вработувањето на 300 доктори кои ќе бидат дел од здравствениот систем, информираше Алиу.
Според него владата за првпат прави стратегија за дигитална трансформација на здравството која за три недели ќе биде во владина процедура. Запрашан дали очекува да биде променет од министер за здравство со владината реконструкција, министерот рече дека не губи време да размислува на таа тема, туку се фокусира на работата додека е на функцијата.


