Ременски за отисок на пописот: Сите ја лапнаа јадицата на оваа “дебата”, а фелата молчи

Професор д-р Фросина Ременска преку социјалната мрежа Фејсбук објаснува за иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ на престојниот попис на населението во април да се спроведува со отисок од прсти заради идентификација.

-Не знам со која цел НУЖНАТА ПОТРЕБА ОД ПОПИС на населението кое не сме го спровеле 20 години (единствена земја во светот сме!) во моментот се сведува на дебата за тоа дали било скапо и долго набавувањето на терминали за отисоци од прсти, или пак дали таа постапка ќе ги увери сите во веродостојноста на резултатите од пописот.

Не знам исто така, дали е ова уште еден ПР-СПИН за дефокус од клучните одговори на тоа, дали воопшто е можен попис со отисоци од прсти ⁉️

Гледам дека сите ја лапнаа јадицата на оваа “дебата”, а фелата и струката молчи.
Зошто⁉️

За мене оваа тема има две димензии.

За едната (кривично-правната) зборував, докажав и ќе зборувам и докажувам уште – се додека ветингот не ги исфрли на површина “извршителите” на криминалните нарачки.

За да ја разбијам квази-дебатата од прес пултови за “попис со отисоци од прсти” ќе ја истакнам втората димензија (фактичката, научната, институционалната) која ги руши сите глупоштони од прва.

А тоа е следново:

1. Не постои ниту еден пример на земја во светот што спровела “попис со земање на отисоци од прсти” од граѓаните за нивна идентификација. Ако нема пример, нема од кого да се црпе искуство, предности и недостатоци!

2. Дактилоскопирањето (земање на отисоци од прсти заради идентификација) е криминалистичка метода, а не е статистичка постапка и операција!

3. Отисокот од прст како уникатен биометриски податок на човекот не може и не смее да се зема од било која институција или за намена за која тоа не е дозволено. Биометриските патни исправи содржат таков податок заради системот на гранична контрола и идентификација!

4.Поседувањето на биометриска патна исправа и лична карта (имам дилема за личната карта!?) е доволен податок дека лицето се наоѓа во базата на биометриски податоци на МВР. Во попис идентитетот, на пример на децата се докажува и со извод од матичната книга на родени, од причина што не секое малолетно луце има патна исправа!

5. Отисокот од прст може и има законско право да го колектира, мечира и обработува институцијата (полиција) која издава и изработува биометриска документација во постапка на строго пропишани законски услови за заштита на личните податоци на граѓаните!

6. Порано, водењето на базата на отисоци од прсти се вршеше со помош на картонски датотеки. Денес, овие бази се заменети со новите методи на компјутерска обработка на овие податоци, со специјални системи кои ги користат криминалистичко-форензичките институции: APIS (automatic palmprint identification system) и AFIS (automatic fingerprint identification system), односно системи за компјутерска обработка на отпечатоци од дланки и прсти‼

7. Точно утврдување на идентитет на лице преку отисок од прст може да направи само институција која располага и управува со базата на отпечатоци од прсти. Тоа кај нас е МВР. Тоа значи, да има постапка во која човек ќе аплицира отисок од прст на апарат кој ќе го трансмитира отисокот до базата, односно до стручното лице кое работи на системот на обработка и преку постапка на мечирање (совпаѓање) ќе изврши повратен одговор за лицето, односно потврда на неговиот идентитет‼

8. Не сите граѓани на една земја се дактилоскопирани, односно нивните отисоци од прсти се наоѓаат во базата на податоци на МВР!

9. Пописот на населението согласно закон и сите важечки европски стандарди го прават Заводите/Директоратите за статистика на земјите, во ниту еден случај МВР. МВР во својата законска регулатива има услови и цели за примена на полициско овластување “утврдување на идентитет на лице”. Попис на населени преку идентификација на граѓани преку отисоци од прсти не е законска надлежност на МВР‼

10. Пописот на населението не опфаќа само попис на лица, туку и попис на стока, движни и недвижни ствари, земјиште и сл.

Ова се само неколку од клучните аргументи дека оваа дебата е безпредметна и класично непознавање на материјата и дефокус од клучното прашање дека попис мора да се спроведе.

Во точката 6. го спомнав AFIS системот за обработка на папиларните линии (отисоците од прсти). Во тој контекст сакам да потсетам дека, во фингирана, фалсификувана, криминална постапка во која учествувале владини функционери и припадници на МВР во 2010-2013 година се набавени три (3) AFIS системи, од кои еден е во МВР (?), а по другите два (2) фиктивно и со “лупа”, 7,5 години трагаше ОЈО Гордана Смаќовска од ОЈО за ГОКК

Што најде⁉️

Нашироко ќе слушате и читате по божиќните празници – тука на мојот профил.

Кога ќе имаме институции кои ќе умеат и можат да ги заштитат базите на лични податоци на граѓаните од неовластени упади од внатре и од надвор, тогаш ќе се убедам дека може да изведеме сложена операција.

Хакирањето на веб страната на ДИК во која се наоѓа базата на лични податоци на граѓаните со право на глас, добиена со компарирање на 17 бази на податоци од различни институции во 2016 година, покажа колку (не)знаеме да заштитиме критична инфраструктура

Молкот на МВР и ОЈО кои беа должни ова да го истражат дополнително потврдува со каква стручност, брижност и нужност (не)сме постапиле

Во следен пост ќе потсетам дека истите тие институции не постатуваат по пријави за ? двојни идентитети (пријавени).

На пример, мене уште ме интересира “Дали Митар и неговиот близнак имаат ист отисок од прст⁉️ (објавен пост со пријава).

Но, да не се лажеме, ова не е прашање за попис, туку прашање за истрага и одговорност.

Ако слушнам некои од овие наведени аргументи “против” попис со отисок од прсти, нека имаат доблест да кажат ММЕ кој прв почна, освен ако дефокус, а не аргументи се целта.

П.С Никола Тодоров да си го земете (сите) да ви (до)објасни за пописот со отисоци од прсти. Има и други експерти де, но Никола е уникатен

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот