Рекордните заплени на марихуана се сведоа на неофицијални лицитации со тони и партиски пресметки
Акцијата за заплена на марихуана во Скопје и Струмица засега е сведена на неофицијална лицитација со бројки, односно колку тони се запленети, но и партиски обвинувања, но без одговор како пет тони марихуана завршиле од Македонија во Србија.
Препорачано
Неофицијалните бројки на запленета дрога од 27 пораснаа на 40 тони, но официјални информации уште нема ниту од Министерството за внатрешни работи ниту од МВР. Најгласни се партиите, а последните обвинувања се дека над две третини од 27 тони запленета дрога е од фирма на кадар на СДСМ, соработник на Зоран Заев.
– Фирмата „CBD Medplant“ во формална сопственост на Христијан Котев, а реална на неговиот татко Тони Котев викан М’гчев, кој е поранешен претседател на ОО Ново Село на СДСМ и близок по бизнис со Вице Заев и Гидан Колев, во периодот од 30.6.2025 година до 11.2025 година, има испорачано 19 тони марихуана према скопската фабрика, по документ испорачана количина. Дополнително, утринава од струмичката фирма се изнесени 21 тон дрога. Патем, уште во 2020 година, укажувавме дека лиценците за одгледување на марихуана за медицински цели се добиваат исклучиво по блискоста со СДСМ, односно во тоа време со Зоран Заев, Вице Заев и со Венко Филипче. Тогаш, владата на Заев и Филипче додели лиценци на 2 фирми, „Еко Енерџи-Космос“ од Ново Село и „Лајтинг Лукс“ од Струмица, во сопственост на синот на Боро Малборо и Христијан Котев погоре споменатиот. Дали има вмешаност од страна на Заеви? Зошто Заев лично се јавувал на телефони во Царинската управа и се интересирал за овој случај? Каква е улогата на Вице Заев во овој случај? – рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
СДСМ пак уште брои колку денови институциите молчат за запленетата дрога во Србија.
-Помина цела недела откако беше објавен картелскиот скандал со 5 тони дрога од Македонија, запленети во соседна Србија.Без поддршка од власта, структури во МВР, во Царина, во други институции, не може 5 тони да се шверцуваат. Поврзаноста на криминални структури во Македонија и во Србија е пред очите на јавноста.Молкот од власта е најсилна потврда. Со медиумска кампања на заплени канабис власта дополнително се заплетка. Ако се запленети 40 тони нелегално произведена марихуана тогаш што правела власта изминатите 2 години? Има точно пропишана законска процедура за производство и чување на медицински канабис за што се надлежни повеќе институции. Ако незаконски се произведени 40 тони сега владата треба да одговори кој ќе понесе одговорност од врвот на власта? – велат од СДСМ.
Запленувањето на марихуана во македонските компании кои имаат лиценца за одгледување на канабис за медицински потреби почна од средата, а минатата недела беше рекордната заплена во Србија. Еден од уапсените е еден од сопствениците на ваква компанија во Скопје. Министерството за внатрешни работи и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција уште немаат излезено официјално за акцијата.
ВИДЕО | Српската полиција откри пет тони марихуана во Шумадија – најголема заплена во историјата


