Стрип-табли од конкурсот „Велес 2025“

Рекорден број автори се пријавени на стрип-конкурсот „Велес 2025“

Рекордни 396 стрип-автори од целиот свет се пријавија на 22. Меѓународен салон за стрип „Велес 2025“. Од нив 164 се од нашата земја.

Сите пристигнати дела ќе бидат прегледани од жири-комисија составена од стрип и ликовни дејци од Велес, а дел од нив ќе бидат изложени на свеченото отворање на Меѓународниот стрип-салон во Велес, најзначајна стрип-манифестација кај нас, што ќе се одржи на 20 август во Велес.

Според Томе Трајков, програмски координатор на Стрип-центарот на Македонија (СЦМ), надминувањето на ланската рекордна бројка се должи на континуираната активност како во, така и надвор од нашата земја.

– Освен докажани стрип-мајстори многу радува откривањето на нови стрип-имиња од македонската стрип-сцена, кои заслужуваат поголема афирмација и внимание. Тоа е, секако, одраз и на соработката со училиштата ширум државата, вклучително и со ликовните педагози, но и со специјализираните едукативни студија. Скопје како метропола е солидно застапен, но деметрополизацијата во делувањето на СЦМ, исто така, ги дава своите резултати.

Што се однесува до меѓународните контакти, добра основа претставува и постојаната соработка со стрип-сцената од поранешните Ју-републики, но секако и комуникацијата со автори од Западен Балкан и од други континенти.

Со зголемувањето на вкупниот број пријавени стрипови на овој конкурс, секако треба и зголемена поддршка, во смисла на зголемен фонд на награди, присуство на наградените автори на свеченото отворање, составување на жири од меѓународни стрип-автори, и така натаму – потенцира Трајков.

Меѓународниот стрип-конкурс, како и Меѓународната стрип-колонија се два дела од Меѓународниот стрип-салон „Велес 2025“. Како засебни, но секако поврзани проекти, се поддржани од Министерството за култура и туризам на Македонија, како и од Општина Велес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот