Протести во Црна Гора - Извор Нова.рс.

Речиси 9.000 Турци ја напуштија Црна Гора по инцидентот со избодениот Црногорец

Од крајот на октомври, кога Владата на Милојко Спајиќ привремено воведе визи за турските граѓани, речиси 9.000 од нив ја напуштиле Црна Гора, додека во истиот период биле одобрени 194 барања за виза за граѓаните на таа земја, јавува Нова.рс.

Според претходните податоци од Министерството за внатрешни работи, околу 13.000 турски државјани официјално престојувале во Црна Гора. Министерството за внатрешни работи (МВР) за „Вијести“ изјави дека од 27 октомври, кога извршната власт воведе визи за турските граѓани, до вчера (26 ноември), 8.935 турски државјани ја напуштиле Црна Гора.

На прашањето колку турски државјани кои имале постојан или привремен престој во Црна Гора ја напуштиле, Министерството за внатрешни работи одговори дека за точно да се утврдат овие податоци, ќе биде потребно да се спроведе детална проверка на секој поединечен случај.

„Таквиот процес би барал значително време и ангажирање на голем број службени лица, бидејќи вклучува обемна проверка на евиденцијата“, додадоа тие.

Министерството за надворешни работи (МНР) за „Вијести“ изјави дека од 30 октомври, кога стапи на сила одлуката за привремено воведување визи за турските граѓани, обработени се 320 барања за црногорски визи.

Тие изјавија дека 194 барања биле одобрени, 29 биле одбиени, а преостанатите 97 се во процес на обработка од страна на надлежните органи.

Причината Владата да го укине безвизниот режим со Турција беше инцидент што се случи на 25 октомври во подгоричката населба Забјело, кога жител на Подгорица, М. Ј. (25), беше избоден со нож. Иако полицијата првично тврдеше дека во ранувањето биле вклучени турски и азербејџански државјани, на крајот се покажа дека жителот на Подгорица наводно бил ранет од двајца азербејџански државјани.

Дел од јавноста ја критикуваше одлуката за воведување визи за турските граѓани, нагласувајќи дека тоа е последица на избрзан популизам и дека извршната власт подлегнала на ксенофобичната атмосфера во земјата.

Ваквиот потег на извршната власт предизвика загриженост и на економски план, со оглед на тоа што податоците од Централната банка на Црна Гора (ЦБЦГ и Заводот за статистика (Монстат) покажуваат дека Турците се најголемите инвеститори, дека тие сочинуваат пет проценти од туризмот и дека поседуваат 20 проценти од компаниите во Црна Гора.

Министерот за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ на прес-конференција на 17 ноември изјави дека верува оти визите за турските граѓани ќе бидат укинати за 10 до 15 дена. Одделот што го раководи, како и кабинетот на премиерот Спајиќ, вчера не одговорија на прашањето од „Вијести“ за тоа кога ќе бидат укинати визите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот