Рецепт за посна торта Шварцвалд, луксузен деликатес
Торта Шварцвалд – каде што совршенството на чоколадата се среќава со освежителни ноти од вишни, креирајќи го вкусот на една од омилените торти во светот.
Препорачано
Тортата Шварцвалд, позната и како „Црна шума“ (Black Forest), со својот богат вкус и прекрасниот изглед лесно ги освојува срцата на гурманите. Иако нејзиното име е од германско потекло, оваа торта стана глобална класика што се подготвува дури и во најоддалечените делови на светот. Со своите слоеви од чоколадна кора, кремаст фил, парчиња вишни, шлаг и рендано чоколадо, тортата Шварцвалд е синоним за луксузен деликатес кој можете да го подготвите и за специјални пригоди и за обични денови, кога само сакате да се почестите со нешто посебно.
Ова слатко уживање може да си го дозволите и во овој период на пост, но и кога ќе посакате лесен, брз и вкусен десерт.

Состојки:
За кора:
– 600 г шеќер
– 800 мл вода
– 25 полни лажици брашно
– 4 лажици какао
– 8 лажици масло
– 6 лажици џем по вкус
– 4 лажици сода-бикарбона
Фил:
– 600 г вишни
– 300 шеќер
– 100 мл вода
– 300 г посен шлаг
– 100 г посно чоколадо за готвење
Подготовка:
Во водата го растопуваме шеќерот, го додаваме маслото, брашното промешано со сода-бикарбона, какаото и џемот. Добро ги соединуваме и го делиме тестото на три дела
Корите се печат секоја посебно, во правоаголно тавче со димензија 30×40 на 180 Целзиусови степени приближно 30 минути. Печените кори ги оставаме да се изладат пред да ги филуваме.
Ги вариме вишните со шеќерот и водата. Ги процедуваме, но течноста не ја фрламе. На првата кора ги редиме сварените и процедени вишни. Матиме шлаг со водата, а потоа во третина од него додаваме чаша оладен сок од сварените вишни. Со ова ги премачкуваме вишните па ја ставаме другата кора. Втората кора ја мачкаме со шлаг, ја покриваме со третата кора и целата торта ја премачкуваме со остатокот од шлагот.
Тортата ја украсуваме со рендано чоколадо. Пред сервирање тортата се става во ладилник за добро да се зацврсти.
Добар апетит!


