Рецепт за пита со спанаќ, гастрономско уживање од Дијана Иваноска

Фото: Приватна архива

Дијана Иваноска со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување. Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови. Своите рецепти почнала да ги споделува со своите следбеници и пријатели од почетокот на пандемијата.

„Го сакам секој дел од процесот, но најмногу уживам во фотографирањето на храната“, ни открива Дијана.

Инвентивната Дијана денеска споделува рецепт за едно гастрономско уживање – пита со спанаќ.

Фото: Приватна архива

Состојки:

За тестото:

– 350 грама брашно
– 150 милилитри млеко млако
– 1 сув квасец
– 1/2 лажиче шеќер
– 1лажиче сол
– 1 јајце
– 2 лажици масло

За филот:

– 300 грама урда
– 200 грама спанаќ исечкан
– 100 грама кашкавал рендан
– 2 јајца
– 1 белка

За премачкување:

– 1 жолчка
– 2 лажици вода
– сусам или друго семе за посипување

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Во млекото додајте го квасецот и шеќерот и оставете го да отстои 5 минути.
Во подлабок сад ставете го јајцето, солта и маслото. Додајте ја смесата со квасецот и со брашното замесете тесто.

Покријте го тестото со проѕирна фолија и оставете го околу половина час да нарасне.

Во спанаќот ставете малку сол и оставете го да отстои околу 10 минути. Исцедете ја течноста од спанаќот и измешајте го со останатите состојки за филот.

Загрејте ја рерната на температура од 180 степени Целзиусови.

На набрашнета површина расукајте го тестото во круг 28 см. Засечете ги краевите со нож околу 2 см должина и 1 см ширина. Завиткајте ги краевите кон внатре со преклопување.

На средината ставете го филот.

Краевите премачкајте ги со жолчката изматена со две лажици вода.
Ставете сусам по краевите, или други семиња по желба. Јас ставив ким.
Печете на 180 степени Целзиусови, 25 минути.

Уживајте!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот