Реакција од Данска: Ракометарките веќе не сакаат да играат во бели шорцеви
Дебатата за задолжителните бели шорцеви во женскиот ракомет е повторно во центарот на вниманието откако Данска, Норвешка и Шведска се обидоа да извршат притисок врз Меѓународната ракометна федерација (ИХФ).
Препорачано
Нивната цел е да го укинат правилото што ги принудува женските национални тимови да носат бели шорцеви на големите натпреварувања. Причината за ова е и практична и лична за ракометарките. Данската ракометна федерација го истакнува ова прашање со години, но сега на шест недели пред почетокот на Светското првенство за жени официјално е побарана промена на правилата.
Според важечките прописи на ИХФ, националните тимови мора да учествуваат со два сета дресови за големите натпреварувања: еден светол и еден темен.
Во пракса, ова обично значи дека „светлиот сет“ вклучува бели шорцеви. Потпретседателката на Данската ракометна асоцијација, Мете Вестергард, поранешна ракометна ѕвезда и двократна олимписка и европска шампионка, истакнува дека правилото не е усогласено со реалните потреби на жените.
„Девојките се чувствуваат исклучително несигурно поради ова, а за време на менструацијата тоа станува голема грижа. Долго време сакавме промена и сега официјално ја побаравме“, изјави Вестергард за данска телевизија.
Според неа, алтернативата веќе е испробана на претходните натпревари, но разговорите со ИХФ не дадоа резултати. Данска сега инсистира проблемот да се реши систематски и официјално да се вклучи во правилата. Сепак, најгласни се самите спортистки. Долгогодишната норвешка репрезентативка Вероника Кристијансен исто така изрази незадоволство.
„Лично ми е и непријатно и срамно. Не можете да го контролирате вашиот менструален циклус. Затоа, укинете ги белите шорцеви!“, вели таа.
Преземено од: Спорт.ком.мк


