Размена на затвореници: Соборец на Мадуро разменет за десет Американци

Фото ЕПА

Десет Американци кои досега биле незаконски задржани во Венецуела се ослободени во операција на размена на затвореници меѓу Вашингтон и Каракас, јавија денеска од Националниот совет за безбедност во Белата куќа.

За возврат, Венецуела го добива назад Алекс Сааб, соработник на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, кој во 2019 година во Флорида беше обвинет за перење на пари, во 2020 година уапсен во Република Кабо Верде и екстрадиран во САД следната година, каде очекуваше судење. Тој е помилуван од претседателот на САД Џо Бајден.

Шестмина од Американците биле незаконски задржани. Eден е бегалец од законот, Леонард Глен Францис, познат како „дебелиот Леонард“, кој во 2015 година беше обвинет за најголемиот случај на корупција во историјата на американската морнарица. Откако бeшe уапсен и ставен во домашен притвор во Сан Диего во 2018 година, тој лани успеа да побегне од земјата но по неколку недели беше уапсен од венецуелските власти по потерница на Интерпол.

Во рамките на договорот, Венецуала ќе ослободи и 20 политички затвореници.

Договорот е постигнат со посредништво на Катар, но Венецуела се заложи да го почитува Договорот од Барбадос постигнат меѓу власта на Мадуро опозицијата за одржување на фер и инклузивни избори во земјата во 2024 година, изјави претставник на советот за безбедност на САД

Венецуела исто така добива шанса да започна разговори за омекнување на нафтените санкции на САД кон оваа земја, но тоа претежно е поврзано со исполнување на Договорот од Барбадос, рекоа од Белата куќа.

Успешната операција со ослободувањето на овие затвореници предводена од советникот за национална безбедност, Џејк Саливан, е дел од напорите на државниот секретар Ентони Блинкен и претседателот на САД за ослободување на американски државјани незаконски задржани наскеде, вклучително и оние во Русија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот