Различни принципи на дискриминација се посочени во претставата „Франкенштајн“

Прес-конференцијата се одржа во фоајето на ТДМ на 5 јули 2023 година

Театарот за деца и младинци (ТДМ) во Скопје на прес-конференција ја најави својата прва премиера за 2023 година. Станува збор за претставата „Франкенштајн“, работена по мотивите на делото на Мери Шели, а во режија на гостинот од Србија Кокан Младеновиќ. Претставата е модерно читање на романот на Мери Шели. Претставата се препорачува за возраст 14+.

– Претставата се занимава со темата за создавање чудовишта во секојдневието и нивното општо неприфаќање. Како и секогаш, се обидовме да направиме нешто поразлично од претходното, така што и оваа претстава содржи иновација, новитет, нешто различно од претходните претстави – посочи Катарина Илиевска Силјановска, директорка на ТДМ.

Режисерот Кокан Младеновиќ објасни дека долго се договарале со ТДМ кога ќе соработуваат и која претстава ќе ја постават и на крајот на заедничко задоволство се договориле за поставување на претставата „Франкенштајн“. Тој во ТДМ работеше со својата авторска екипа, во која се наоѓаат драматургот Димитрије Коканов и костимографот Александра Пециќ Младеновиќ, додека во театарот се сретнал со прекрасната млада и разиграна актерска екипа. Тој посочи дека автори на текстот во претставата се сите заедно, што значи режисерот, двајцата драматурзи и актерската екипа.

– Сите заедно истражувавме и се обидувавме да откриеме што е Франкенштајн во нашето време, кого тоа ние го дискриминираме и зошто, кого го отфрламе од друштвото заради некоја негова карактеристика, кои се дискриминираните групи во општеството во кое живееме, кон кого сме агресивни само затоа што тој од нас се разликува според изгледот, верата, нацијата, сексуалната определба и така натаму. Претставата е повод да раскажеме приказна за нашето време, да откриеме како нашето време нѐ направи да бидеме чудовишта, како ние сме чудовишта во нечии други очи, или како како општество се однесуваме како чудовишта кон некои кои го немаат својот глас во општеството, па затоа одлучивме да бидеме гласот на сите оние што се дискриминирани и да го претставиме преку оваа претстава – објасни режисерот Кокан Младеновиќ.

Драматургот Димитрије Коканов посочи дека претставата е создадена како колективен глас на сите што учествувале во процесот на нејзиното создавање. Притоа рече дека во нашето општество има различни принципи на дискриминација и дека сите учесници во процесот се соочиле со „чудовиштата“ на одреден начин и дека тоа не е „хипотетска тема“, туку секој од учесниците преку своите искуства го дал својот придонес во претставата.

– Оваа претстава се обидува да одговори на прашањата за тоа како се случуваат девијациите во однесувањето на луѓето и од што истите се предизивикани. Дали секоја акција е реакција, и дали се раѓаме со перцепција за тоа што е исправно/ добро/ прифатено/ правилно, или пак, тоа е нешто стекнато, она на што нѐ учи мнозинството. И секако, на крајот ова е претстава за стравот, за тоа дека стравовите ни ги всадуваат уште од најраното детство и потоа, обидувајќи се да се одбраниме од тие стравови реагираме на начин на кој создаваме чудовишта од себе си и од другите околу нас – истакна драматургот Драгана Лукан Николовски.

Во претставата играат актерите Никола Наковски, Матеа Јанковска, Ангела Димитрова, Симона Спировска, Наташа Петровиќ, Бојан Кирковски и Ненад Митевски.

Речиси едногласно, секој од нив истакна дека поминале одличен процес при создавањето на претставата и дека секој од нив покрај работата на текстот работел и на себеси.

– Ни требаат вакви процеси, бидејќи и ние како Театар за деца и младинци, на некој начин, сме „чудовиште“ меѓу другите театри во државата – иронично забележа актерот Бојан Кирковски.

– Во текот на процесот ги откривме дискриминаторите меѓу себе – истакна актерката Симона Спировска.

На новинарско прашање за пораката што претставата ја носи, режисерот Младеновиќ објасни дека заедно со децата што ќе ја гледаат претставата сакаат да направат подобар свет за сите нас, а притоа посочи и дека „ние ги учиме децата да дискриминираат со тоа што им ги полниме нивните глави со предрасуди за различностите“.

Во однос на малиот простор на сцената на ТДМ, режисерот рече дека просторот не е пресудната работа за добра претстава, но рече дека ТДМ треба да добие подобри услови за работа.

Во однос на општествениот ангажман што и режисерот и актерите го имаат во низа свои претходни проекти режисерот рече дека тоа го прави затоа што нема проблем со препознавањето на правдата, додека некои од актерите истакнаа дека се среќни што своите општествени ангажмани можат да ги реализираат и на својата матична театарска сцена.

– Се најдовме со човек (мисли на режисерот) кој размислува исто како нас и затоа со претставата испраќаме добра порака – посочи актерот Ненад Митевски.

Сценографијата во претставата е на Кирил Василев, костимограф е Александра Пециќ Младеновиќ, композитор на музиката е Лука Кантарџиев со текст на Никола Ристески и на целата актерска екипа. Кореограф е Олга Панго, на видеоматеријалите работеше Емил Петро, додека автори на фотографиите и на дизајнот на плакатот и на брошурата се Соња Ставрова Кирковски и Марија Мишева. Премиерата на претставата „Франкенштајн“ во Театарот за деца и младинци во Скопје ќе се одржи на 6 јули, со почеток во 20 часот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот