Филмскиот проект „Пролетно чистење“ на „Кино око“ ќе се развива на Канскиот фестивал

Програмата „La Fabrique Cinéma“ ќе се одвива во Кан од 14 до 25 мај

Филмскиот проект „Пролетно чистење“ на режисерката Марија Апчевска-Петровска во продукција на „Кино Око“, а по сценарио на Марија Апчевска-Петровска и Ереник Бекири, е еден од 10-те проекти одбрани на 16-та едиција на престижната програма „La Fabrique Cinéma“ на Францускиот институт за препознавање и промовирање на филмаџии и продуценти од целиот свет. Ова е прв македонски проект одбран во оваа програма.

Програмата „La Fabrique Cinéma“ ќе се одвива во рамките на Канскиот филмски фестивал од 14 до 25 мај, каде продуцентот Роберт Насков и режисерката Марија Апчевска-Петровска ќе имаат можност да го претстават проектот „Пролетно чистење“ пред најдобрите агенти за продажба и дистрибутери, како и пред програмери и селектори на најголемите филмски фестивали.

„La Fabrique Cinéma“ претставува програма за идентификување и промовирање на филмаџии и продуценти од земјите во развој, која нуди поддршка по „мерка“ за први и втори филмски проекти, а во тесна соработка со Канскиот фестивал, Филмскиот маркет и бројни професионални партнери.

„La Fabrique Cinéma“ е алатка која поддржува меѓународна копродукција со Франција, покрај фондот „Aide aux Cinémas du monde“, фонд со кој заеднички управуваат Францускиот национален филмски центар (CNC) и Францускиот институт.

Од 2009 година, програмата поддржала 154 проекти од земјите во развој и помогнала на 282 учесници, од кои 43 проценти се жени од 65 различни националности.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот