Билатерална филмска копродукција ќе биде прикажана на Канскиот филмски фестивал

Филмот „Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно тричлено семејство

Светската премиера на филмот „Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka – Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на РСМ, ќе се одржи на Канскиот филмски фестивал.

Долгометражниот игран филм „Киука – Пред летото да заврши“ на Костис Харамуданис во Кан ќе биде прикажан како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.

„Лист Продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, додека „Херетик“ од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.

Филмот „Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно тричлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената која ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе отпочне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, додека долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.

Сцена од филмот „Киука – Пред летото да заврши“

Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува девет долгометражни филмови, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати остварувања од целиот свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.

Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, додека постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје. Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.

Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студијата за постпродукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“, известија од Агенцијата за филм.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот