Разговор со Владан Дробицки од „ПМГ Џез“: Нашата естетика е препознаена од новата генерација македонски музичари

Кога тромбонистот Владан Дробицки се поврза со Мирко Попов од „ПМГ Рекордингс“ ја создадоа дискографската куќа „ПМГ Џез“, а кога ним ќе им се придружи Синиша Евтимов се добива групата „Кантон 6“, а тука разговараме и за фестивалот „Крај Вардарот џез“.

Тромбонистот Владан Дробицки е дипломец на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на вокално-инструменталниот оддел (отсек тромбон) во класата на проф. Јорго Стефановски, а вработен е во оркестарот на Националната опера и балет. На музичката сцена е познат со работата во групите „Сетстат“, „ПМГ Колектив“, а последниве години и со „Кантон 6“. Соработува и со Марија Каева и Глигор Кондовски на нивните нови проекти. Заедно со Мирко Попов се креативната основа на дискографската куќа „ПМГ Џез“, која покажа извонредни резултати и голема продукција на објавени изданија.

Второто издание на фестивалот „Крај Вардарот џез“, на кој концертно се претставуваат дел од изданијата на „ПМГ Џез“, годинава се одвива со активности во неколку вечери во текот на септември и октомври.

Во најава на фестивалот беа претставени двете нови винилни изданија: албумот со филмска музика „Стела“ на групата „Љубојна“, кој концертно беше претставен на 5 септември, и компилацискиот албум „Крај Вардарот џез, Вол. 1“, на кој се објавени осум теми што беа изведени на минатогодишното издание на фестивалот. Во истата вечер со „Љубојна“ настапи и групата „Кантон 6“, додека фестивалот е планирано да заврши со концерт на „Такси Конзилиум“ и пијанистот Дино Имери на 6 октомври, во кино „Фросина“ во МКЦ.

Со групата „Кантон 6“ на 5 септември настапивте на првата вечер на второто издание на фестивалот „Крај Вардарот џез“. На концертот промотивно изведовте материјали од тројниот албум „Џезус“. Како се случи овој спој на електроника и тромбон и практично колку материјал содржи целиот албум?

– Првата официјална соработка, всушност, започна со албумот „Фратернитѐ“ на „ПМГ Колектив“. Поминувавме многу време заедно во нивното студио. Сосема природно дојде моментот во кој решивме да продолжиме со работа на нов материјал под брендот „Кантон 6“. Музички експериментиравме веќе некое време, а зад нас беше и соработката со берлинското дуо Тајхман брадерс. Сето ова резултираше со обемен снимен материјал, кој ќе се финализира во албум трилогија. Првиот дел „Џезус“ е веќе објавен за „ПМГ Џез“. Деновиве ги привршуваме останатите два дела.

Во составот на групата „Кантон 6“ се Мирко Попов, Владан Дробицки и Синиша Евтимов

Во групата настапувате заедно со Мирко Попов, со кого пред 3-4 години ја основавте дискографската куќа „ПМГ Џез“. Се сеќавате ли што беше иницијалниот момент за основање на оваа етикета, под која веќе објавивте 30-ина изданија со современа и џез-музика?

– Во еден момент почувствувавме дека постојните издавачки куќи, кои третираат џез-музика кај нас, не се ни оддалеку доволни и не ги задоволуваат потребите, прво на македонските џез-музичари, а потоа и на домашната публика. Презентацијата која ја правеа за своите изданија не беше задоволителна. За кратко време стигнавме до 27-28 изданија, од кои едно издание е меѓу најдобрите за 2019 година на целата Бендкамп-платформа, едно е меѓу најдобрите за месец мај на неа, а едно е меѓу најдобрите албуми на неделата. Фокусирани сме на дигитално издавање затоа што во денешно време најбрзо и најевтино доаѓа до публиката, но печатиме и ЦД-копии, а во последно време и винилни плочи.

На кој начин ја правите селекцијата на групите што објавуваат за „ПМГ Џез“ и каква е соработката со музичарите?

– Нема некое правило по кое ги избираме артистите. Музиката мора да биде квалитетна, нова, авторска. Нашата естетика е препознаена од новата генерација македонски музичари. Звукот што го продуцираме се одликува со цврст карактер, социолошка порака и слободна мисла, а во поглед на музичко-естетскиот норматив, припаѓа на модерната музика од 21 век. Всушност, заедничките особености на сите наши изданија доведоа до тоа некои странски критичари во нас да препознаваат „Нов бран на џез-сцената“.

Звукот што го продуцираме се одликува со цврст карактер, социолошка порака и слободна мисла

Минатата година имавте успешно прво издание на фестивалот „Крај Вардарот џез“. Какво чувство се појави кај вас кога дознавте дека второто издание нема да биде поддржано од Министерството за култура?

– Во ситуација кога во пандемиска година имате еден од најуспешните настани, без ниедна организациска забелешка, и презадоволна публика, природно е да очекувате работите да продолжат да се одвиваат како што е и ред. Од, за мене, непознати причини, некој во тоа фамозно министерство решил така како што решил и помошта што ја очекувавме изостана. Ние вложуваме во нашата работа, пред сѐ, труд, личен авторитет и образ. Сето тоа нашите соработници го препознаваат и безрезервно наоѓаат начин да ни помогнат. Годинава имаме две фестивалски вечери со вкупно четири концерти, промовираме две винилни и едно ЦД-издание. Во годината што важи за катастрофална за ивент-индустријата ние остваруваме 18 продуцирани изданија. Нека има смелост министерството и понатака ова да го игнорира.

Под етикетата на „ПМГ Џез“ е објавен винилот „Крај Вардарот џез, Вол. 1“

Сепак, второто издание веќе е во тек. Имаше две слушачки промоции и концерт на „Љубојна“. Музика од првото издание на фестивалот веќе објавивте на винил. Со каква цел?

– Проширувањето на стриминг-платформите доведе до тоа ЦД-медиумот да стане застарен. Истовремено се јавува група ентузијасти за аудиозвук, кои преферираат цврсто парче винил во рака со кое добиваат ексклузивност на аудиоматеријалот. Ние сме едни од нив. Сакаме кога добивате готово дело во раце, односно 180 грама винил сместен во бел плик, а околу него со врвна естетика оформен две, четири или шестстраничен омот. Покажуваме решителност дека тоа што го издаваме максимално го вреднуваме, стоиме како „лејбл“ зад изданијата и мислиме долгорочно да бидеме присутни на музичката и џез-сцена.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 96, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12 септември 2021)

Видео на денот