Разговор со ТВ-водителката Билјана Дебарлиева: И во Кина на шарска плескавица

Фото: Ани Дими/ Приватна архива

ТВ-водителката Билјана Дебарлиева важи за една од најубавите познати дами, кај која годините како да немаат никаква улога. Природната убавина, шармот и препознатливиот топол глас ја одразуваат нејзината автентичност. Билјана не им подлегнува на трендовите, изгледа дека сето она што е и што го прави нема рок на траење.

Со познатата водителка разговаравме за тоа како се грижи за своето здравје, дали практикува диети, дали има некои ритуали при јадењето, за нејзината омилена и не баш омилена храна…
Билјана вели дека нешто за што во последнава деценија многу поинтензивно се зборува и се промовира од страна на докторите и нутриционистите се препораките за здрав и животен стил.

– И тоа е навистина добро, бидејќи на сите ни е потребна здравствена едукација за тоа како треба да го одржиме здравјето и добрата кондиција на телото и организмот. Колку од тоа применуваме останува лична одговорност на секој поединец. Практикувањето на здравиот животен стил, истовремено покажува и начин на однесување што служи како позитивен пример за членовите од семејството, а особено за децата. Кај нас во семејството настојуваме да се храниме здраво, се разбира со одредени отстапки во одредени ситуации, но во секој случај применуваме здрави навики во смисла на умереност во храната, физичка активност, најчесто пешачење, доволно вода во текот на денот и колку што можеме, избегнување на прекумерниот стрес – раскажува водителката.

Фото: Ани Дими

Со липосукциската исхрана ја одржува тежината

Билјана вели дека никогаш не држела ригорозни диети, иако имала потреба во одредени периоди да намали некој килограм.

– Пред точно седум години дознав за неинвазивната липосукциска исхрана и веднаш без размислување ја применив. Тоа е, всушност, диетотерапевтска програма со која постигнувате долгорочна хармонија на сопствениот живот, а со тоа и на здравјето. Не само што се ослободив од вишокот килограми за само три недели, туку научив да пијам по два литра вода буквално секој ден, го исфрлив шеќерот од кафето и генерално како засладувач, воопшто не пијам газирани сокови, јадам многу помалку леб. Го немав оној познат јо-јо ефект од кој сите се плашат дека може да се случи потоа, туку напротив, се ослободив од лошите навики во исхраната, а килограмите ги одржав на исто ниво во сите овие години до денес. Инаку, денот ми почнува со чаша вода со лимон, појадувам некаде околу 10 часот, а во меѓувреме, не го пропуштам утринскиот ритуал на пиење кафе со колегите на работа или за време на викендите дома – вели Дебарлиева.

Со сопругот обожаваат да пешачат

Меѓутоа, нејзин став е дека колку што е важна здравата избалансирана исхрана, уште поважна е физичката активност.

– Секој треба да си одбере што ќе практикува, и според годините и според можностите, во смисла да бидете свесни колку му е потребно на организмот, за да не се префорсирате и да го преморите организмот. Мислам дека пешачењето му одговара секому, но да биде со едно постојано темпо, а не да пешачите како да сте на прошетка на корзо. Тоа го практикуваме со сопругот, зашто пешачењето во друштво е поинтересно и несвесно може да поминете и повеќе километри – вели водителката.

За Билјана храната е уживање, а не претерување и неконтролирано јадење, затоа што секој треба да процени кога му е доста на организмот.

„Уживам во храната, не брзам, сакам многу работи, и благо и солено, но не смеам да се препуштам, си ставам кочница. Во храната треба да се ужива и самите треба да процениме колку ни е потребно за да не се прејадеме и да престанеме со храната во моментот кога ни е најубаво. Тоа е сигнал дека на организмот сме му дале доволно храна. Само така нема да чувствувате замор или тешкотија, нема да ви се спие веднаш по оброкот, ќе имате повеќе енергија, т.е. добро познатото правило дека колку храна ќе внесете, толку треба и да потрошите со физичка активност.“

Во домот на Билјана се консумира разновидна храна, заедно приготвуваат интересни кулинарски комбинации, помодерни, во склоп со денешните трендови, користат многу зачини во храната што дополнително го збогатува вкусот на јадењата. Целото семејство ја обожава кинеската храна, а зеленчукот е секогаш многу поприсутен отколку овошјето на нивната трпеза.

Редовни оброци и чаша црвено вино за здравје

Билјана вели дека нема некој посебен ритуал во јадењето, но внимава да има редовни оброци во текот на денот – оброк наутро, главно јадење за ручек и последниот оброк, нешто полесно, најдоцна до 19 часот.
– Метаболизмот на овие години не функционира исто како во раната младост, па затоа најдобро е да се биде умерен во сѐ, помалку леб, добра комбинација на храната и ќе се чувствувате здраво и исполнето во секој поглед. Половина чаша црвено вино повремено, одличен антиоксидант кој е добар и за здравје и за убавина! – вели водителката.

Фото: Ани Дими

Омилена и неомилена храна

Како и секој од нас, и Билјана има омилена храна во која максимално ужива, но и јадење кое не го преферира.

– Омилена храна ми е паста, сите видиви тестенини… Меѓутоа, интересно е тоа што кога бев мала не јадев леќа, а сега уживам во нејзиниот вкус, па со задоволство и ја готвам и ја јадам. Ги сакам и свежата зелка и празот, но по нивно консумирање имам проблеми со желудникот, па затоа ги јадам во умерени количини.

Исто така, иако се здрави, не преферирам кромид и магдонос, бидејќи ми преовладуваат во вкусот и го земаат приматот на вкусот на примарното јадење. Интересно е тоа што, ако кромидот не го видам во јадењето не ми пречи, но ако видам парче кромид, тогаш го отстранувам. А, инаку, боранијата не ја сакам, можам да кажам дека дури и немам пробано. Од месо, го сакам јагнешкото и, како што е редот, одвај чекам да дојде Велигден бидејќи сакам да се „почестам“ со убаво подготвено јагнешко.

Омилена ѝ е шарската плескавица

Кога сме кај омилената храна, односно кај месото, да напоменеме дека Билјана обожава шарска плескавица, а колку ја сака, покажува и една анегдота поврзана со овој деликатес.

– Пред 17 години со сопругот бевме на патување во Кина, и затоа што претходно каде и да седневме да јадеме во нашата земја, јас секогаш нарачував шарска плескавица, па интересно беше дека сопругот тогаш ми рече: „Е, барем во Кина нема да јадеш шарска!“. Но, на моја среќа, случајно наидовме на српски ресторан во центарот на Пекинг и таму со задоволство си изедов шарска плескавица. Инаку, веројатно љубовта кон кинеската храна ми се разви од посетата на Кина, затоа што оттогаш многу сакам да ја консумирам, како во кинеските ресторани кај нас, така и приготвена во домашни услови.
Билјана има и порака до младите во врска со исхраната, физичката активност и чувањето на здравјето.
– Само би рекла дека треба да бидат физички активни, да имаат добар и здрав сон, колку што можат да ги избегнуваат стресот и нервозите и да се хранат здраво, зашто покачената телесна тежина која сѐ повеќе е присутна кај помладата популација не е веќе само естетски проблем, туку многу повеќе сериозен здравствен проблем. Нека вложат во своето здравје во младоста, за да може да уживаат во благодатите на поодминати години. На крајот, сите треба да се стремиме кон долговечноста!

Рецепт на Билјана Дебарлиева

Билјана сподели еден од омилените рецепти кој ужива да го приготвува и кој редовно се наоѓа на семејната трпеза.

Канелони со мелено месо и томатело
Состојки:

– Едно пакување канелони
– 250-300 гр мелено месо
– 1 литар томатело
– солена хопла во пакувањето од половина литар
– рендан кашкавал или тенко сечен на парчиња
– кромид
– масло
– сол, бибер
– рузамрин
– лук во зачин

Подготовка:

Во тава на загреано масло се пржи ситно сецканиот кромид (кој потоа при вкус речиси не се чувствува) и кога ќе добие заруменете нијанса, се додава меленото месо. Додека се пржи месото, се додаваат гореспоменатите зачини, а може според желба и вкус да се додадат и други зачини. Откако ќе се испржи, месото се трнува настрана малку да се излади. Во стаклен сад, кој е подобро да е правоаголен за подобро да се наредат канелоните, прво се премачкува со масло, а потоа се става сосот од томатело колку да го покрие дното на садот. Со мало лажиче се полнат и се редат еден по еден канелоните кои претходно треба да бидат обарени за да може полесно да се наполнат. Откако ќе се наредат во садот, одозгора повторно се става томатело, буквално да ги покрие канелоните, а врз него и солената хопла, се пече во претходно загреана рерна 25-30 минути на 180 степени, повремено треба да се проверуваат и од око да се процени кога се готови. На крајот се става ренданиот или на тенки парчиња исечен кашкавал, па во исклучена рерна се остава кратко време, колку да се стопи кашкавалот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот