Разговор со Марко Митев: Од огромно значење за ракометот во Македонија е континуитетот на големите натпреварувања

фото: EPA-EFE/Zsolt Czegledi

– Со самиот факт дека целта е остварена и веќе сме пласирани на ЕП 2024 кај нашата репрезентација се потврдува квалитетот, борбеноста и пожртвуваноста за македонскиот дрес што воедно сметам дека беше и пресудно во остварувањето на целта – вели средниот бек на РК Алкалоид.

Македонија по осмипат во својата историја ќе игра на европските ракометни првенства во машка сениорска конкуренција. Избраниците на селекторот Кирил Лазаров во квалификациската група „1“ го освоија второто место, зад Португалија, а пред Турција и Луксембург, што беше доволно за пласман на следниот континентален собир кој ќе се одржи во Германија од 10 до 28 јануари 2024 година.

Во последниот шести натпревар против Турците во СЦ „Борис Трајковски“ кога се завери „билетот“ за ЕП, значаен придонес имаше средниот бек Марко Митев (20) кој во одлучувачките моменти запиша четири гола што беше клучно за триумфот од 30:27. Заедно со пивотот Жарко Пешевски беа први стрелци во победата во Скопје со по пет погодоци. Митев вели дека ова е голем заеднички успех и задоволство за сите кои го сакаат ракометот во Македонија.

фото: Ракометна федерација на Македонија

– Со резултатот и успехот што го постигнавме, го продолжуваме континуитетот на големите натпреварувања. Тоа е од огромно значење за ракометот во Македонија и самата држава воопшто. Ракометот во последниве години станува спорт во Европа кој оди во нагорна линија и се игра квалитетен, модерен и брз ракомет. Веќе речиси и да нема слаби екипи. Секоја екипа е предизвик и затоа можам слободно да кажам дека голем успех е да се биде со најдобрите и да се учествува на едно вакво големо натпреварување. Од настапот во квалификациите сум задоволен, но секогаш може и работиме да биде подобро. Со самиот факт дека целта е остварена и веќе сме пласирани на ЕП 2024 кај нашата репрезентација се потврдува квалитетот, борбеноста и пожртвуваноста за македонскиот дрес што воедно сметам дека беше и пресудно во остварувањето на целта.

Жрепката за групите на ЕП 2024 ќе се одржи на 10 мај во Диселдорф со почеток од 17.45 часот, а нашата репрезентација од третиот шешир ќе ги чека противниците. Ќе бидат извлечени шест групи од по четири репрезентации во прелиминарната фаза.

Шешир 1: Шведска, Шпанија, Данска, Франција, Норвешка, Исланд
Шешир 2: Германија, Холандија, Словенија, Унгарија, Португалија, Австрија
Шешир 3: Хрватска, Босна и Херцеговина, Полска, Чешка, Србија, Македонија
Шешир 4: Швајцарија, Романија, Црна Гора, Грција, Грузија, Фарски Острови

– Сè што можам да кажам е дека независно од противниците, целта на Македонија е победа на секој натпревар и добар пласман. Не потценувам никого и цврсто верувам во нашата репрезентација.

фото: РК Алкалоид

Оваа сезона Митев ги брани боите на ракометниот клуб Алкалоид, чиј проект доста успешно се претставува во своето деби во Супер лигата. Откако го совладаа РК Бутел (20:22) играчите на Лазаров моментно се на третата позиција што обезбедува место во ЕХФ Европската лига следната сезона. Доказ за добрите игри е и победата над клубот со најмногу титули во првенството, РК Вардар 1961 (22:21) во салата „Автокоманда“.

– Задоволен сум од моите настапи за РК Алкалоид сезонава. Напредувам, се работи професионално и максимално посветено. Атмосферата во клубот е одлична и се сложувам со вашата констатација дека РК Алкалоид е успешен во суперлигашката елита. Одличните услови за работа што ги имаме, посветеноста на секој тренинг како од страна на стручниот тим, така и од страна на играчите, темелните подготовки за секој натпревар го прават Алкалоид клуб кој не само што од месец во месец станува сериозен противник и предизвик на секоја екипа, туку Алкалоид е клуб од кој да се биде дел е вистинско задоволство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот