Разговор со Ќендрим Ријани: Работата со актерот е главната задача на режисерот

Театарскиот режисер Ќендрим Ријани минатата година постави три фантастични претстави

Претставите кои режисерот Ќендрим Ријани ги постави на сцените во Битолскиот, Албанскиот и Театар Комедија зрачат со нова театарска енергија, современа драматургија, филигрански изработени ликови и модерен сценски дизајн.

Првата средба со Ќендрим Ријани ја имав на „Шекспир фест“ во Битола минатата година, каде гостуваше со „Венецијанскиот трговец“ од Шекспир во изведба на театарот „Андон Зако Чајупи“ од Корча, Албанија. Тоа беше период откако веќе ја имаше добиено наградата за најдобра режија на 56. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп за претставата „Артуро Уи“, која ја постави во Битолскиот народен театар.

Следната средба се случи на премиерата на „Три сестри“ од Чехов во Албанскиот театар во Скопје. Претставата ги доби наградите за најдобра претстава, најдобра режија на Ќендрим Ријани и најдобра компонирана музика на Тримор Доми на фестивалот „Мојсиу“.

Пред десетина дена видов уште едно одлично остварување на Ријани. Со „Жени во Собрание“ во Театар Комедија дефинитивно го потврдува својот свеж, креативен и модерен театарски сензибилитет.

Минатата година успеавте да реализирате три големи претстави во различни театри. Почнавте со „Артуро Уи“ во Битолскиот театар, следуваше „Три сестри“ во Албанскиот театар во Скопје, а на крајот од годината премиера доживеа и „Жени во Собрание“ во Театар Комедија. Претставите се поставени според текстови на Брехт, Чехов и Аристофан. Дали изборот на овие текстови и автори е случаен?

– Како резултат на пандемијата, во склоп на условите и околностите, овие три проекти со голема тежина и значење се наредија за реализација еден по друг. Почнав со Битолскиот театар, со едно моќно дело во еден театар кој во текот на процесот, но и со успехот на претставата, не само што ми овозможи да станам подобар, туку и ме надополни со инспирација за следниот проект. Продолжив со Албанскиот театар, кој е мој матичен театар, со еден проект кој беше посебен со тоа што ми даде многу можности за креативност, како од страна на човечките ресурси, така и од страна на новата инфраструктура. На крај, ја заокружив годината со Театар Комедија, каде што заедно со соработниците успеавме да направиме претстава која, пред сѐ, мислам дека ќе остави белег на еден поинаков проект во матичната куќа.

Монументалното дело „Артуро Уи“ од Брехт е поставено во Битолскиот театар

Обично изборот на автори и текстови го започнувам од можностите и каузата која извира од делата. Така, во соработка со Битолскиот театар го избравме „Артуро Уи“, монументално дело со кое преку актерите успеавме да ја оживееме Брехтовската револуција на сцена. Исто така, делото „Три сестри“ за првпат дојде на сцената на Албанскиот театар. Моќно дело преку кое верувам дека успеавме да ја пренесеме болката, монотонијата, но и Чеховската среќа да ѝ ја пренесеме на публиката, а „Жени во Собрание“ од Аристофан за првпат го донесовме во Театар Комедија. Она што ги обединува овие три драмски дела и овие автори се каузите со тежина, кои ги содржат делата.

Верувам во театар кој го преживува времето со тоа што е отворен за нова човечка енергија – концептуална и инфраструктурна

Во Вашите претстави прво се забележува сериозна драматуршка работа во процесот на подготовка и многу работа со актерите? Што значи да се работи претстава „на“ и „според“ текст на споменатите драмски автори?

– Во однос на работата со актерот мислам дека тоа е главната задача на режисерот. Нашата професија е создадена за да му помогнеме на актерот да се префрли во друга димензија. Работата со актерот, или поточно, работата на создавање простор на слобода за тој да „лета“ е моeто „raison d’etre“ (суштинска цел). Во однос на текстот, конкретно Аристофан, таткото на комедијата, поради временската димензија во неговиот драматуршки јазик, стана далечен за денешната публика. Но, она што стана помоќно во овој временски распон се неговите теми. Така, на темите на Аристофан, заедно со Билјана Крајчевска и актерките, верувам дека успеавме да донесеме нов Аристофан со стари теми, кои не стареат 20 века.

Фантастичен одѕив кај публиката има претставата „Три сестри“ од Чехов во Албанскиот театар во Скопје

Кастингот на улогите е исклучително битен за секоја претстава. Во Битолскиот и Албанскиот театар работевте со речиси целиот актерски колектив, додека во „Жени во Собрание“ во Театар Комедија правите избор на шест актерки со различен генерациски и театарски бекграунд. Што е пресудно кога правите кастинг за одредена претстава?

– Освен некои „by the book“ норми, кои се професионални правила при изборот на актерите, за мене, исто така, е важно да се има професионална хемија во однос на патот по кој ќе се движиме во процесот, но и за целта што мораме да ја достигнеме заедно.

Најновата претстава што Ријани ја постави во Театар Комедија е „Жени во Собрание“ според Аристофан

При поставувањето на претставите се чини дека сакате да излезете од класичниот сценски театарски простор и претставата да ја расположите низ повеќе сцени и простори. Со каква цел?

– Мојата возраст, сѐ уште, е во период во кој повеќе сум во потрага по нови театарски форми кои отвораат нови хоризонти, отколку во рестилизирање на старите форми кои носат повеќе носталгија. Секогаш се трудам да ги искористам сите авторски, актерски и сценски можности за да стигнам до производот. Верувам во театар кој го преживува времето со тоа што е отворен за нова човечка енергија – концептуална и инфраструктурна. Верувам дека големите автори не се големи затоа што мораме да ги ставиме во иста форма како што биле поставени кога биле напишани, туку дека се одлични затоа што во нивните дела создале можности кои ние денес ги поставуваме и ги искусуваме, комбинирајќи ги со можностите кои ни ги нуди времето во кое живееме.

Кои се следните театарски предизвици што би сакале да ги реализирате?

– Мојата работа во театарот последнава година кај нас и претходната година надвор од државава беше толку интензивна што не ми даде можност да бидам доволно подготвен да ги прифатам следните покани што ми беа понудени. Затоа оваа година си дозволив време за малку одмор и подготовка. Следната година, секако, ќе ме врати со автори и каузи преку кои ќе се обидам да не ја разочарам публиката и колегите што создадоа доверба во мене.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 165, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 февруари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот