Разговор со Ивана Настески: Уметникот најкомотно се чувствува кога е свој
Неуморна, посветена и креативна, ликовната уметница Ивана Настески годината ја почна со работа на две полиња – во своето ателје подготвува дела за нова изложба, а во виртуелниот простор ја лансираше својата веб-страница.
Препорачано
Ликовните дела на Ивана Настески зрачат со свежина, колорит и грациозност исполнети со љубов. Иако повеќе е позната како графичарка, во последно време почесто ги открива тајните на акварелната техника. Мотивите ги открива од средината во која живее. На нејзините најнови акварели гордо се издигнува Шар Планина, чии стрмни падини се дел од нејзините детство, младост и зрелост, дел од нејзиниот семеен, творечки, но и интимен микрокосмос.
Некако работно ти почна годината во амбиент со повеќе новосоздадени дела. Има ли период (време) кога најкомотно се чувствуваш во креацијата?
– Уметникот најкомотно се чувствува кога е свој! Без притисоци и ограничувања, слободно градејќи го својот свет, без стеги или рокови. Кога говориме за време или период, лично ја преферирам пролетта. Ја доживувам, како лична ренесанса и повторно раѓање / оживување на моите слики. Тогаш имам впечаток, дека четката како сама од себе да слика, а и мислата ми е ослободена.

Живееш и работиш во Тетово, а планински пејзажи се присутни на новите дела. Колку светот околу тебе е свет и во твоите дела?
– Мислам дека делата на еден уметник го рефлектираат внатрешниот микрокосмос на уметниковата личност. Овој пат се одлучив да работам пејзажи што ми се блиски или кои сум ги доживеала. Таа тема не е нова, но начинот на кој ги претставувам, за мене е нов и неоткриен. Со Шар Планина сум опкружена секојдневно, но таа за мене секој ден одново се раѓа. Затоа одлучив, еден голем циклус да ѝ го посветам на оваа раскошна планина и на тој начин да ѝ се оддолжам за сета живописност со која плени овој исклучителен планински масив.

Најмногу те познаваме како графичарка, но често се изразуваш и со други сликарски техники, како акварел. Од што зависи изборот на техниката?
– Експериментирањето со различните (сликарски) техники е составен дел од уметноста, воопшто. Во таа насока, уметникот не треба да се плаши да комбинира различни видови техники создавајќи нов израз. Изборот на техника во мојот случај, често зависи и од изборот на тема или конкретното расположение. Откривајќи го акварелот, открив еден нов, ликовен свет, во самото природно, ненаметливо и суптилно прелевање на боите и тоновите. Тоа за мене, е посебно сликарско доживување и патување.
Почетокот на годината го одбележа и промовирањето на уметничкиот вебсајт. Со каква визија и мисија го создаде и лансираше сајтот?
– Вистина, почетокот на 2022 го одбележа мојот уметнички вебсајт. Идејата ја поттикна мојата колешка и другарка Маја Михајлоска, која во една прилика ме праша: „А зошто Ивана, ти немаш свој веб?“. Така почна патувањето кон вебсајтот. Самата визија / мисија за лансирање на веб-страницата има порака, уметноста да допре до публиката и во најоддалечените точки во светот, да патува, да биде видена или доживеана. Иако е вебсајт, тој да биде искрен во својот мотив, објективен во својата мисла и да го отсликува авторот во неговата срж. Се потрудивме да биде едноставен, препознатлив, прегледен, свеж, без непотребни детали, а носечката форма да биде: И како Ивана и Н како Настески.
Социјалните медиуми овозможуваат директен контакт меѓу уметниците и љубителите на уметноста. Колку за уметниците е важно нивните дела да бидат видени од јавноста, не само во рамки на галериските простори?
– Речиси и да не постои автор, кој би сакал неговите дела да бидат заробени во неговото ателје / простор. Идејата на уметноста, конечно е таа да биде восприемена од публиката, делата да допрат до неа, тие дела да дадат своевиден импулс или искра. Социјалните медиуми умеат да бидат добар лакмус, но незаменливо е чувството кога делата на еден автор се видени од јавноста, кога публиката има личен контакт со уметникот. Тој клик е благородно чувство. Тој жар во очите на гледачот, кој го набљудува делото и посакува да ја допре структурата на платното / хартијата, да поразговара со авторот. Таа комуникација вдахнува жар и тогаш, како вистина делото да оживува и да го добива своето лице. Само така, уметноста расте, се развива добивајќи го својот вистински лик и пат и го живее го својот интимен свет.

Какви планови имаш за 2022 година?
– Секој автор, сметам дека мора секојдневно да создава, па дури и тогаш кога тој физички не е во својот работен простор, да размислува за своите дела, па дури и кога тој не работи со четките и боите. Конкретно, моите планови за 2022 се поврзани со мојата самостојна изложба во Белград, така што интензивно размислувам и работам на мојата најнова продукција.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 114, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-30 јануари 2022)


