Разговор со Горан Андоновски: ГРК Охрид има квалитет, нè очекува најизедначен плеј-оф во поновата историја

фото: ГРК Охрид

Во повеќе македонски клубови има квалитетни тренери кои одлично работат. Сметам дека треба да се прошири ростерот на репрезентативци – вели тренерот на ГРК Охрид, Андоновски.

По репрезентативните, продолжуваат клупските ракометни обврски во Македонија. На 12 февруари ќе започне пролетниот дел од сезоната во машката Суперлига, се очекува и оваа сезона битката за трофејот да ја водат Вардар и Еурофарм Пелистер. Ќе се обрне внимание и на останатите екипи кои ќе ја бараат својата шанса во плеј-офот за што повисок пласман и место во Европа.

Помеѓу тие конкуренти е и составот на ГРК Охрид предводен од тренерот Горан Андоновски кој е задоволен од досегашните подготовки и верува дека со напорна работа на тренинзите, ќе дојдат и добрите игри и резултати.

фото: ГРК Охрид

Супер лига – плеј-оф (1 коло, двојки)
РК Бутел Скопје – РК Еурофарм Пелистер
РК Вардар 1961 – РК Пролет 62
ГРК Тиквеш – РК Алкалоид
РК Еурофарм Пелистер 2 – ГРК Охрид

Табела:
1.РК Вардар 1961 3 бодови
2.РК Еурофарм Пелистер 3
3.РК Алкалоид 2
4.РК Пролет 62 2
5.РК Бутел Скопје 1
6.РК Еурофарм Пелистер 2 1
7.ГРК Охрид 0
8.ГРК Тиквеш 0

По заминувањето на Халил Озтурк и тешката повреда на Тоше Ончев, ГРК Охрид ангажираше нови засилувања. Средниот бек Стефан Дрогришки, потоа најдобриот стрелец во словенечката лига Гал Цирар, турскиот репрезентативец Ерај Каракоч, алжирскиот лев бек Абдерахим Будрали, а продолжена е соработката со десниот бек Деан Шешиќ.

Охриѓани ја темпираат формата и преку контролни натпревари, во Шабац (Србија) претрпеа минимален пораз од Црвена звезда со 34:35, а го совладаа Партизан (28:26). Убедливо славеа во тестот против МРК Куманово со 27:17 во салата „Билјанини извори“.

фото: ГРК Охрид

– ГРК Охрид по влез во плеј-оф се судри неочекувано со кадровски проблеми на бековските позиции со некоректното заминување на Озтурк и повредата на Ончев кои требаше да бидат носители на нашата игра. Ги пополнивме редовите со Дрогришки, младиот Каракоч и Будрали, а тука е и одличниот во есенскиот дел, Даниел Андоновски. Првите двајца веднаш се прилагодија на нашиот систем на игра и сум презадоволен. Будрали е со нас само една седмица и прерано е да судиме за него. Цирар беше наш најдобар стрелец на трите контролни натпревари. Посебно ме радува победата над вицешампионот на Србија и СЕХА лигаш Партизан која предскажува дека сме на добар пат. Сите играчи ни се потпишани со договори на 2 години и само треба напорна работа, бидејки дефинитивно квалитет има. Нè очекува најизедначен плеј-оф во поновата историја со исклучок на Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер во кој секој секого може да победи.

фото: EPA-EFE/Lukasz Gagulski

Заврши Светското првенство 2023 во Полска и Шведска каде што Македонија го освои 27 место од 32 учесници со биланс од три победи и четири порази.

– Самиот пласман на Светско првенство на нашиот национален тим земајќи во предвид двата бараж натпревари со Романија и Чешка кои се респектабилни противници е успех сам по себе. Сигурно како ракометна нација не сме задоволни од 27 место и сè уште верувам дека имавме шанси против Аргентина за нешто повеќе. Но, најважно е што го продолживме континуитетот на настапи на светски и европски првенства.

По Мундијалот ќе следуваат анализи, доста се зборува дека треба да се работи во клубовите за да се произведуваат потенцијални репрезентативци.

– Во повеќе македонски клубови има квалитетни тренери кои одлично работат. Сметам дека треба да се прошири ростерот на репрезентативци без разлика од кој клуб доаѓаат и да се изберат најдобрите.

фото: EPA-EFE/Jessica Gow

Данска третпат по ред е светски шампион. Што ја краси оваа репрезентација, оваа земја да биде повторно на врвот во ракометот?

– Сосема заслужено Данска е светски првак и е комбинација на искуство и младост и континуитет на квалитет. Минатото првенство го исфрлија на врвот како играч Матијас Гидсел (23), а сега Симон Питлик (22). Непресушен извор на таленти и професионална и стручна работа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот