Ѓорѓи Цуцковски, директор на НУ „Охридско лето“

Разговор со Ѓорѓи Цуцковски, директор на НУ „Охридско лето“: Креираме сензитивна, емотивна и атрактивна програма

Камерниот оркестар „Профундис“ на 29 ноември ќе настапи како дел од оф-програмата на најпрестижниот македонски уметнички фестивал „Охридско лето“, која годинава, за првпат, ќе биде претставена пред скопската публика.

Под светлината на илјадници свеќи – амбиент што низ светот прерасна во современ симбол за интимно, емотивно и визуелно импресивно музичко искуство – камерниот оркестар „Профундис“ на 29 ноември, во 20 часот, ќе одржи концерт на кој ќе биде изведена музика од композиторите Филип Глас, Давид Попер и Петар Илич Чајковски.

Диригент ќе биде маестра Ѓурѓица Дашиќ, солист на виолончело ќе биде Петар Пејчиќ, а деталите за целиот проект ги дознаваме од Ѓорѓи Цуцковски, директор на НУ „Охридско лето“.

Како се случи соработката со камерниот ансамбл „Профундис“, што резултира со концертот на 29 ноември во Скопје?

– По завршувањето на фестивалската програма, сѐ уште исполнет со импресии од спектакуларните настани, почувствував потреба да се доискажеме, да понудиме уште нешто што подразбира најдобро од најдоброто. Поддршка и промоција на македонските уметници е благородна мисија и токму затоа нашиот интернационално реномиран камерен ансамбл „Профундис“, воден од маестра Ѓурѓица Дашиќ и солистот на виолончело Петар Пејчиќ, ќе бидат дел од програмата на „Охридско лето“ со концерт што ќе донесе совршена магија под свеќи во салата на Македонската филхармонија.

Слободно можам да кажам дека ваквата соработка е резултат на нашата заложба да го поддржуваме домашниот врвен уметнички потенцијал и да создадеме простор за проекти што носат свежина и висок квалитет. Успеавме заедно со ансамблот да реализираме програма што ќе понуди нешто навистина специфично за нашата публика.

Концертот ќе се одржи на 29 ноември во Македонската филхармонија

Што на програмски план ќе донесе концертот?

– На концертот ексклузивно ќе биде изведен саундтракот од филмот „Часови“ („The Hours“), дело кое носи силна атмосфера, длабока емотивност и суптилни динамики што прекрасно одговараат на звукот на ансамблот „Профундис“.

На програмата е и Унгарската рапсодија на Давид Попер, едно од најпознатите и највиртуозни дела за виолончело, кое секогаш предизвикува воодушевување поради неговата драматичност, техничка комплексност и раскошен карактер, и секако во овој случај моќта на солистичката изведба на совршениот Петар Пејчиќ.

Ќе бидат изведени и Рококо варијациите на Чајковски, најелегантните и најчесто изведувани дела од романтизмот. Во целина, станува збор за програма која е доста сензитивна, емотивна и, пред сѐ, атрактивна.

Камерен оркестар „Профундис“

Зошто одлучивте годината да ја завршите со концерт во Охрид и каква програма носи тој концерт?

– Новогодишниот концерт ќе биде вистинска празнична вечер. Подготвуваме програма со познати композиции, со многу позитивна енергија сѐ со цел да ѝ се заблагодариме на нашата публика за поддршката. Програмата што ја подготвивме е внимателно избрана за да донесе празнична атмосфера, но и уметничка сериозност.

Концертот на 20 декември во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид со познатиот тенор Рамирез Дроз Реиналдо Елаис во пијано придружба на Барбаџелата Франческо го подаруваме на градот, на градоначалникот, на охридските угостители и сите субјекти што безрезервно нѐ поддржуваат и помагаат и најважно на охридската верна публика, која претставува столб на нашите летни концерти, публика што знае да ја цени висококвалитетната уметност што ја нудиме.

Што за НУ „Охридско лето“ значат овие концертни „излети“ надвор од летната програма на фестивалот?

– Овие концертни активности надвор од летниот период претставуваат важен дел од нашата стратегија за континуирана видливост и развој на фестивалот. За Националната установа „Охридско лето“ тоа е начин да ја задржиме врската со публиката во текот на целата година, да понудиме дополнителна културна содржина и да покажеме дека нашата уметничка мисија не се ограничува само на летните месеци.

Покрај тоа што институцијата во овој период работи на подготовка за претстојното фестивалско издание со ваквите „излети“, како што вие ги нарекувате, од една страна создаваме нови партнерства, создаваме можност за поддршка на домашните уметници, ја градиме препознатливоста на Фестивалот и, секако, најголемата вредност е што преку овие концерти ја почитуваме публиката, создавајќи чувство дека „Охридско лето“ е жива културна приказна што се гради цела година.

„Охридско лето“ за првпат се појавува како организатор во престижната сала на Македонската филхармонија, чии уметници се наши чести гости во рамките на Фестивалот. Институциите во културата мора да соработуваат, да се помагаат, сѐ со цел на нашите граѓани и туристите да им понудиме поширок спектар на вонвременски уметнички доживувања и една богата културна понуда, достојна на нашата татковина.

Концертните активности надвор од летниот период претставуваат важен дел од стратегијата за континуирана видливост и развој на фестивалот

Каков предизвик, а каква одговорност носи раководната функција на установата „Охридско лето“?

– Предизвик и одговорност – да, но гордост и достоинство, пред сѐ. По едно фестивалско издание обележано како едно од најуспешните во изминатата декада со статистички рекордна продажба на билети, рекордна финансиска помош од македонските компании, највисоки оценки за квалитет од нашите уважени посетители, предизвикот и одговорноста во синергија галопираат кон следното фестивалски издание, но гордо и достоинствено имајќи предвид дека „Охридско лето“ е препознатлив бренд како чувар на трајните вредности во светски рамки.

Каков личен белег сакате да оставите со Вашата работа како директор на фестивалот и на установата?

– Токму онаков каков што сум: човекољубец со колегите, гостопримлив со посетителите, галантен со уметниците, но немилосрден кон лажните вредности и непрофесионализмот. Се надевам, како што покажавме изминатото издание, дека ќе ја збогатиме енциклопедиската ризница на фестивалот со имиња достојни на оние на кои изминативе повеќе од 60 години сѐ уште се гордееме. „Охридско лето“ е национално богатство, но и редок пример на европски фестивал со богата традиција и уникатна препознатливост.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 309, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-30.11.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот