Сеад Хаџиќ – Сецко, музичар

Разговор со гитаристот Сеад Хаџиќ – Сецко за јубилејниот концерт „40 години музика“: Тежнеам да бидам брутално искрен

Концертна вечер во која ќе се свири опусот од музичките дела на Сеад Хаџиќ – Сецко, кои се создавани во изминативе 40 години со бендовите „Ласт експедишн“, „Ексик“, „Мугер фугер“ и „Карла Левински“, ќе се одржи на 12 декември во МКЦ.

Директен повод за концертот се четириесет години музички непокор, движење зглобови и прсти без компромис со никого и ништо, чист талент, енергија, љубов и човечка искреност целосно во служба на сопствената публика.

На сцената ќе застанат Сеад Хаџиќ – Сецко, Огнен Мангаровски – Оки, Виктор Гајтановски, Сашо Митревски, Андреј Коларовски, Стефан Момиќ, Андреа Салпе, Андреј Анастасов Даскаловски. Специјални гости ќе бидат Енис Хаџиќ – Енко („Ласт експедишн“), Димитар Петров („Ласт експедишн“), Ристо Солунчев – Ицко („Чиста околина“), Горан Трајкоски – Готра („Падот на Византија“, „Апореа“, „Мизар“, „Анастасија“). Како предгрупа ќе настапи Хана Корнети.

Сеад Хаџиќ – Сецко е познат како гитарски фанатик и рокенрол фрик, кој незапирливо го гради својот музички универзум со посветена работа, енергичен пристап, длабоко чувство и искрена емоција.

Голем јубилеен концерт организираш на 12 декември во МКЦ. Какво е чувството да се опстои 40 години на музичката сцена?

– Не сум сигурен дека точно ќе одговорам на прашањето, бидејќи чувствата ми се измешани деновиве, ама во едно нешто сум сосема сигурен – дека сѐ уште не се чувствувам изморено и знам дека повторно ќе ѝ дозволам да мојата љубопитност ме поведе на некое непознато патување. Затоа и мислам дека со концертот на 12-ти ќе се заврши еден убав циклус, а потоа ќе се впуштам во некоја нова авантура.

Според имињата на музичарите што ќе настапат на концертот, практично тоа е ретроспектива на твојот музички живот, воопшто. Дали тоа значи дека ги покани сите со кои некогаш си настапувал?

– Можеби ќе звучи нескромно, но точно е дека кога би ги повикал сите свои соработници, концертот би требало да трае цел викенд, затоа и се одлучивме да направиме една мала ретроспектива на сѐ она што било значајно во моето музичко патешествие.

Акцентот на концертот е ставен на „Ласт експедишн“, „Ексик“, „Мугер фугер“ и „Карла Левински“. Од денешна дистанца, какво чувство те обзема за секоја од овие формации поединечно?

– „Ласт експедишн“ по чувство на детството, „Ексик“ по чувство на раскинување, „Мугер фугер“ по чувство на пијано лудило и „Карла Левински“ по романтичен анархизам.

Фотографија од времето на „Ласт експедишн“

Ако почетоците беа со младешкиот бунт на „Ласт експедишн“, зрелоста со „Ексик“ и „Мугер фугер“, а со „Карла Левински“ претстави антикапиталистички и антиглобалистички концепт, тогаш како музиката го менуваше човекот Сеад Хаџиќ – Сецко?

– Па, јас би рекол обратно, дека кога јас се менувам ,тоа ја менуваше и музиката во мене. Не сакам да сум секогаш различен, но се стремам да бидам брутално искрен во тоа кој сум јас и што е мојот измислен свет. Затоа секогаш им се радувам на своите нови албуми.

Со колку други групи и музичари си соработувал?

– Имам многу соработки, а со тоа и различни искуства. Понекогаш сум влетувал во студио да свирам сосема случајно, понекогаш тоа било добро испланирано, понекогаш се појавував како член на бенд, како, на пример, соработката со „Чиста околина“ и Готра – Горан Трајкоски. Какви и да биле моите соработки, јас засекогаш оставав таму дел од себе.

На концертот ќе понесам четири гитари, едно мандочело, два засилувачи, пет педали и толку многу љубов

Каков е генералниот план за концертот во МКЦ и со колку гитари и педали планираш да се поставиш на сцената?

– Ние како бенд сме доволно гломазни, бидејќи на бината свират осум музичари, а на нив ќе им се приклучуваат и многу гости. Морам да кажам дека секој од нас ќе си понесе доволно опрема за себе, а тоа значи дека ќе има доволно фетиш опрема на сцената. Ете, јас лично со себе ќе понесам четири гитари, едно мандочело, два засилувачи, пет педали и толку многу љубов.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 310, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-8.12.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот