Енџи Николоска, актерка, новинарка и едукатор / Фотографија: Фуат Сулејман

Разговор со Енџи Николоска за перформансот „Тело-простор“: Зрели општества се оние во кои владее рамноправност

Во форма на повик за трансформација, љубов, слобода, емпатија и повторно раѓање, актерката Енџи Николоска на 8 март во КСП „Центар-Јадро“ со своите соработници го реализираше перформансот „Тело-простор“.

Како актерка, новинарка и едукатор, Енџи Николоска е активна на повеќе полиња. Како дел од нејзините иницијативи за личен развој, но и за превенција и потрага по решение за културата на насилство и вознемирување, реализираше перформанс во кој ги сублимира нејзините социјални истражувања и искуства.

Во КСП „Центар-Јадро“ го претстави перформансот „Тело-простор“, кој има социјална заднина. Која беше иницијалната идеја за перформансот?

– Идејата за реализација на перформансот „Тело-простор, документарна инсталација“ доаѓа по секојдневното регистрирање нови случаи, официјални и јавно достапни информации, неискажаните приказни, (не)вистини и сите скриени приказни што завршуваат со траума или смрт.

На брдовитиот Балкан на тема вознемирување и насилство се зборува само кога во системот ќе се регистрира уште една нова жртва, а потоа во општествата сѐ се заборава, а фокусот се префрла на прашањето: „Што направи жртвата за да го испровоцира насилникот?“ Македонија е трета во Европа по број фемициди. Статистиките на Балканот укажуваат дека голем дел од жртвите се жени. Сведоци сме на регистрирани случаи на жени убиени од партнери или поранешни партнери, додека паралелно се пријавуваат илјадници случаи на сексуално и семејно вознемирување и насилство, демнење… Прашањето што се наметнува е уште колку случаи има за кои како заедница не знаеме, ниту можеме да забележиме несекојдневна промена кај нив?

Мојот став е дека ако сакаме колективна промена, исклучително е потребна индивидуална иницијатива, со цел правилно да се реагира, а најмалку е потребно да се биде пасивен гледач. Претходно сум била дел од иницијативи и акции што биле во соработка со институции и професионални организации, целта била да се забележи што преземат граѓаните за спречување на непосакувани ситуации, односно укажување дека треба да се реагира. Исходот беше отсуство на реакција. Тука се запрашав зошто никој не тргнува од својата позиција на дејствување и не презема ништо? Ова се основни работи за кои нѐ учат уште од најмлада возраст, но како што растеме многумина влегуваат во еден друг круг.

Со овој перформанс идејата ми беше дека исклучително е важно да се отвораат општествени теми кои поттикнуваат јавни дискусии, како што е вознемирувањето и насилството. Зрели општества се оние во кои владее рамноправност. Перформансот се темели на истражувачки, аналитички, театарски и танцови методи и на специфичен начин се поставува и изразува телото во просторот, а остварува интимен дијалог со гледачот.

„Тело-простор, документарна инсталација“ е повик за трансформација, храброст, слобода, емпатија, повторно раѓање, превенција, за детското небо кое е поголемо од она на возрасните, за детето во себе. Мислам дека треба да сме борци за подобра заедница.

Перформансот беше изведен во просторот на КСП „Центар-Јадро“ / Фотографија: Фуат Сулејман

Што значеше прифаќањето на идејата од страна на „Талент академија“ во Сараево и со какви проекти се занимава академијата?

– Пред половина година како учесник од Македонија бев селектирана на „Хелем нејсе талент академија“ во Сараево. На талент-академијата имаше пет програми, една од нив новинарство и документарен филм. Според мене, комбинацијата на овие две дисциплини е основа за дејствување во заедницата и, всушност, она што го споменав претходно, отворање јавни дискусии.

Драго ми е што имав можност одблиску да се запознаам со работата и личните ставови за дејствување на предавачи – професионалци од различни земји – универзитетски професори, режисери, визуелни уметници, сценаристи, новинари од Центар за истражувачко новинарство – БИРН БиХ, коментатори и водители на Олимписки игри, автори и водители на регионални програми кои несебично со нас споделија искуство од реалниот живот. Агендата беше целосно исполнета со предавања, но тоа ми беше дополнителен мотив за понатамошен професионален развој.

Потоа, како дел од мрежата АЛУМНИ, се отвори можност за дел од таа заедница да добие поддршка, вмрежување, работа на своја идеја, простор за раст, односно општествена промена и активистички дух.

Перформансот содржи и документарен сегмент

Низ колку фази на развој помина проектот до реализацијата на перформансот?

– Сметав дека перформансот треба да се темели на објективни анализи. Оттука првата фаза беше истражување, прибирање информации од балканските простори, анализирање. Потоа во Скопје се одржа сесија со ограничен број учесници и истите споделија свој личен став за темата, за пасивноста од одредени групи, вклучувајќи и предлог-мерки за превенција. Сите овие информации и податоци од двете фази беа претставени во перформансот „Тело-простор, документарна инсталација“ со документаристички сценски јазик.

Самата реализација вклучува документарен, театарски и танчерски сегмент. Кои луѓе беа вклучени во реализацијата на перформансот, не само на сцената?

– Се стремам кон тимска работа и различни соработки. Драго ми е што секој од свој агол на дејствување го прифати мојот предлог за соработка. Идејата ја прифати и ја поддржа Фондација „Екипа“ и „Хелем нејсе талент академијата“ од Сараево. Соработка прифатија и скопскиот Културен центар „Јадро“, Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, „Авангарт“, „Булфрогс балет скул“, „Булфрогс балет продакшн“, „Балун твистер“, „Платиниум лајф ивентс“.

Беа вклучени две учеснички од Босна и Херцеговина и од Србија, а врз основа на податоците до кои дојдоа беше направена визуелна илустрација, која беше дел од просторот во кој се изведуваше перформансот, како и двеминутен сублимиран аудиозапис.

Од Македонија беа вклучени видеографи за реализација на документаристичките видеозаписи, како и колешка која работеше на дизајнот на плакатот за овој перформанс. Дополнително беа вклучени и перформери со што се придонесе за целосна реализација на документаристичкиот перформанс. Се разбира дека тука ќе споменам и еден круг на луѓе кои се поддршка зад секоја моја реализирана идеја.

Фотографија: Фуат Сулејман

Колку во овој проект новинарската професија беше поткрепа на твоите актерски предизвици?

– Актерството и новинарството се многу повеќе поврзани отколку што изгледа на прв поглед. Тргнувајќи од основните прашања за креирање на целосната слика, дополнително двете професии бараат присутност, дисциплина, внимателност, способност да се разберат останатите и нивните мотиви и потреби. Воочување и препознавање детали, емоции, нијанси беа моите алатки за да создадам автентични моменти. Конкретно, додека работев на проектот бев целосно ангажирана во секој сегмент и се трудев да не се направи никаква грешка со цел вистинско и искрено претставување на идејата.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 324, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15.3.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот