Разговор со Дени Омерагиќ, басист на „Светлост“: Интеракција во просторот за слободен израз

Во текот на карантинскиот период групата „Светлост“ имаше два онлајн настапи во рамките на проектите „Култура во време на корона“ и „Шишка виа МКЦ“, а со басистот Дени Омерагиќ разговараме за активностите на групата претходно, но и за тоа што следува.

Групата „Светлост“ е еден од најфлексибилните состави на современата македонска музичка сцена. Во основата на групата е трио кое служи како платформа за поврзување и соработка со повеќе музичари од различни профили. Композициите што ги создаваат се движат кон повеќе стилски правци, како слободен џез, пост-рок, електро-акустична музика, минимализам и амбиентална музика.

Минатата година под етикета на „ПМГ Џез“ групата го објави деби-албумот „Одрон ритуал оркестра“, кој имаше одлични рецензии и од критиката и од публиката. Во снимањето на албумот учествуваа 11 музичари.

Кои музичари се основата на групата, а колкумина досега биле дел од составот за различни проекти?

– „Светлост“ е флексибилна група затоа што и предводниците на групата – Кристијан Новковски, Нинослав Спировски и јас – сме отворени за соработка со сите креативни луѓе, без разлика од каков профил. Ние тројца ја основавме групата и сè уште најчесто работиме како трио, ама музиката добива други димензии со присуството на други карактери и други инструменти, како и присуството на различни гледишта и читања на материјалот. Ова е во најголем дел импровизирана и(ли) спонтано компонирана музика, која зависи од интеракцијата помеѓу музичарите што ја изведуваат во одреден контекст.

Инаку, во последниве неколку години дваесетина музичари имаат свирено под името „Светлост“ (со или без додавки), од кои сега активно функционираат две формации – триото и 11-члениот ансамбл, кој го сними првиот албум и настапува под името „Светлост + Одрон ритуал оркестра“.

На кој начин го градите концептот на музичкиот материјал кога се вклучени повеќе музичари, како на албумот „Одрон ритуал оркестра“?

– Досега целиот материјал што го изведуваме и го имаме снимено е напишан преку процес на спонтана композиција на триото. Потоа материјалот го подобруваме и дефинираме преку снимање и негово преслушување, како и свирење без разлика на составот. На пример, композициите што се поместени на албумот „Одрон ритуал оркестра“ се напишани во февруари 2018 година и се свирени од сите претходно споменати дваесетина музичари во периодот пред да се снимат од 11-члениот оркестар во мај 2019. Со секоја верзија се добива нешто ново и различно, па така истите теми се наоѓаат и на трио албумот „Six Years“, а не е исклучено дека ќе се најдат и на други албуми. Ова, секако, се однесува и за другите наши теми. Темите се исти, но не е истата музика.

Во практика, свирењето со повеќе музичари значи лабаво врамување на темите и оставање простор за слободен израз. Во тој контекст рамките се повод за музицирање, никако ограничувања!

„Светлост + Одрон ритуал оркестра“: Музиката добива други димензии со присуството на други карактери и инструменти, како и присуството на различни гледишта и читања на материјалот

Настапивте на онлајн проектите „Култура во време на корона“ и „Шишка виа МКЦ“. Има ли разлика меѓу настап пред публика и настап пренесуван преку интернет?

– Има разлика. Импровизираната музика се случува во одреден контекст, а присуството или неприсуството на публика го дефинира тој контекст. Концептот на акција/реакција е присутен, како меѓу изведувачите, така и кон публиката.

На настапот на оркестарот беше помалку важно, бидејќи има доволно музичари на сцена, така што само интеракцијата помеѓу нив е доволна како музичко „гориво“. Особено поради тоа што ретко свириме сите заедно. За настапот на триото беше друга приказна – како трио сме навикнати да свириме сами за себе или пред малку публика, а тоа да не е секогаш пресудно за квалитетот на музиката. Добро се познаваме. Во принцип настапуваме доста интровертно, без да се обидуваме да ја ангажираме публиката со што било друго освен со звукот – нешто што е посвојствено за „Палиндром“ и „Фајтинг виндмилс“ (Fighting Windmills), другите групи во кои работиме.

Како група „Светлост“ постои од 2014, а деби-албумот го издадовте во 2019 година. Има ли уште материјал што чека објава?

– Имаме еден целосно реализиран албум чие издавање се одложи поради одложувањето на фестивалот „Крај Вардарот џез“, каде што требаше да биде промовиран. Имаме и многу напишана музика, која ќе се реализира концертно и студиски кога условите ќе го дозволат тоа. Да се надеваме дека летото ќе донесе поволна клима.

Како се одвива соработката со „ПМГ Џез“ и има ли можност за објава на нов албум и кај друга дискографска куќа?

– Соработката со „ПМГ Џез“ е одлична, најмногу поради фактот што во практика тие работат на албумите како партнер на авторот, со што на крајот сите имаат чувство дека заеднички учествуваат во креација на квалитетен производ, кој е одраз и на авторот и на издавачот. Издавачка задруга е добар опис за принципот на функционирање.

Што се однесува до другиот дел од прашањето – има можност и расположение за соработка со други издавачки куќи. Веќе имаме остварено контакти со еден реномиран европски издавач на џез и креативна импровизирачка музика, што се надевам ќе вроди плод во наредните 18 месеци. И во тие проекти „ПМГ Џез“ ќе биде партнер и поддршка.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 33, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 30-31 мај 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот