Разговор со Даниел Кунерт од списанието „Арх+“: Современата архитектура не се занимава само со градење нови згради
Јубилејното, 20-то издание на фестивалот за современи уметности „Акто“ се одржа од 2 до 5 октомври во киното на Железничката зграда во Скопје, под тематската рамка „Како се прави?“, а меѓу гостите на фестивалот беше и Даниел Кунерт од „Арх+“.
Препорачано
Предавањето со наслов „Еколошки иднини“ на уредникот и куратор Даниел Кунерт од „Арх+“ (ARCH+) беше вовед кон програмата на јубилејното издание на фестивалот „Акто“. „Арх+“ е водечко германско списание од областите на архитектурата и урбанизмот, основано во 1967 година во духот на еманципаторско самопросветлување, кое критички ги разгледува општествените аспирации на изградената средина во кварталните изданија.
„Еколошки иднини“ е заеднички проект на „Арх+“ и Гете-институт насочен кон еколошките и социјалните предизвици на нашето време. Проектот обединува урбани практичари, уметници, културни чинители, жители, локални заедници, Гете-институти и нивните партнери за да ги истражуваат локалните политики и потреби, развивајќи идеи и практики што придонесуваат за социо-еколошка иднина. Сознанијата од овие соработки се документираат во фонд на алатки кој постојано се дополнува, а служи како архива на знаење и практичен ресурс за примена и на други локации.
– Покрај печатеното издание на „Арх+“, во соработка со Гете-институтот и други партнери работиме на повеќе проекти од областа на архитектурата и урбанизмот. Пред две години бевме куратори на Германскиот павилјон на Архитектонското биенале во Венеција.
Идејата на проектот „Еколошки иднини“, за кој сум поканет од фестивалот „Акто“ да го презентирам во Скопје“, е да поврзе различни луѓе и уметници што работат на слични тематики во една заедничка мрежа. Секој проект и секој контекст е различен, но преку заедничката мрежа, независно дали станува збор за Берлин, за Скопје или за Богота, забележуваме дека луѓето се соочуваат со слични проблеми.
Во светот веќе станува проблем да се обезбеди простор за домување во многу градови, што од една страна е локален проблем, но се чувствува глобално. Целта на проектот е да ги документира стратегиите, методите и знаењата во решавањето на различни студии на случај на различни локации. Во Скопје го документираме проектот „Градот како сцена“, што го реализира организацијата „Факултет за работи што не се учат“, а се однесува на киното во Железничката зграда.

Документирањето значи создавање онлајн архива, во која ги забележуваме алатките, стратегиите и методите што се применуваат тука во реализацијата на обновата на старото кино во Железничката зграда, а со тоа овозможуваме и во други случаи да бидат применети решенијата што се пронаоѓаат тука. Квалитетот на проектот е што се прави обид повторно да се врати во живот руинирано кино кое постои во зградата, а е запоставено и надвор од функција долги години.
Такви иницијативи забележуваме и во Берлин, каде се прават обиди празни или напуштени простори да се вратат во живот. Истото се случува и во Рим, во Италија. Целта на овие иницијативи е да се создадат нови јавни простори, каде што луѓето ќе можат да се среќаваат и да разменуваат знаења и искуства.
На мојата презентација во Архитектонскиот факултет во Скопје се обидов да укажам дека современата архитектура не е насочена само кон градење нови згради, туку дека таа се занимава и со пронаоѓање, реновирање и давање нова енергија во стари и напуштени простори, како што е киното во Железничката зграда во Скопје. Но, тој простор не мора да биде само кино, туку во него може да се изведуваат перформанси, да се одржуваат предавања, а може да се употребува и за други потреби на јавноста, на уметниците, кураторите, како и на станарите во зградата.

Слични проекти досега документиравме во Рим, Ереван, Венеција, Лисабон, Рио де Жанеиро и во Богота. Преку проектот направивме широка мрежа која поврзува точки низ целата планета. Мрежата постојано се надградува, а со тоа се зголемува и бројот на случаите што ги архивираме и документираме, што значи дека се зголемува и знаењето кое може да го примениме во различните проекти. На изложбата во Скопје претставивме седум студии на случај, со што овозможивме размена на знаење. Изложбата беше покана до луѓето да се соберат на едно место и да имаат интеракција, да разменат знаења и заедно да соработуваат – истакна Даниел Кунерт во разговор за „Културен печат“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 304, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.10.2025)


