Разговор со Атанасија Гулевска за деби-албумот „Лакримариум“ на АТА: Долг пат до својот автентичен звук
Музичкиот соло проект на Атанасија Гулевска, кој во 2023 година прерасна во составот АТА, на 20 февруари во „Лабораториум“ концертно беше презентиран со деби-албумот „Лакримариум“.
Препорачано
Вокалната солистка Атанасија Гулевска проектот „АТА / аТа“ во 2021 година го започна самостојно. Следуваше период на соработка со музичари од различни музички позадини и настап на повеќе домашни и регионални фестивали.
Во 2023 година составот АТА добива своја стандардна форма и продолжува со фестивалски настапи, но и студиски снимања на нивниот прв албум. По речиси три години работа во студио деби-албумот „Лакримариум“ имаше своја концертна промоција во Скопје.
Минатата седмица во „Лабораториум“ го промовиравте деби-албумот „Лакримариум“. Каков креативен и физички влог беше потребен во реализацијата на албумот во изминативе три години?
– Може да се каже дека песните од овој албум изодеа долг пат додека го добијат својот автентичен звук, а со нив и ние (и тоа во буквална смисла, имаше многу интроспекција и макотрпна борба со самите себеси, набљудување на сопствените корени, запознавање со сопствените вредности и слабости).
Во вообличувањето на албумот влезе голем емоционален, креативен и временски влог. Никој од нас ниту се занимава примарно, ниту заработува од музика, дел студиравме, дел работевме со полно работно време, а најчесто и двете. Андреј во еден наврат се пошегува во студио дека нам ни е проблем што не сакаме да живееме од музика, туку да умираме за музика. Секако, беше предизвик и финансиски и временски, земено во обѕир дека албумот е снимен и издаден самостојно. Но, во никој случај не останавме без помош, на нашата сцена има прекрасни луѓе, професионалци во својата област кои го изоделе овој пат пред нас, па наидовме на помош и разбирање во многу наврати.

На почетокот беше сама, а потоа се појави музичка екипа заедно со тебе. Како се најдовте на иста фреквенција со другите членови на групата?
– На мое изненадување идејата беше упатена до мене: веќе да не ја менуваме поставата на бендот (ова се однесува на Виктор Стојановски, Иво Николовски и Андреј Димовски) по иницијатива на Андреј, едногласно прифатено од сите, освен Мартин, кој најдругарски најави дека сака да експериментира малку повеќе во друга насока во тој период.
Од првиот концерт што го отсвиривме заедно мене ми беше повеќе од очигледно дека ова е јадрото на овој проект, кое го дава неговиот автентичен звук, меѓутоа не сакав да ставам никаков притисок и обврска, така што мене ми дојде како прекрасно изненадување што баш овие луѓе кои ги сакам како личности и ги почитувам како музичари сакаат да инвестираат во реализација на проектот, а морам и да напоменам дека на последните два концерти имаме блиска и драга соработка со Наталија Калајџиеска (клавир).
Каде и со кого е снимен албумот?
– Албумот е најголем дел сниман паралелно во студиото на „Чиста околина“ и во домашното студио на Раде (Биковски), тапаните ги снимавме во Студио „Алшар“, последната песна е снимена дома кај Лука Јанкуловски (клавир). Дел снимавме и во домашното студио на Мартин (Џорлев), а некои гитари Андреј насними и од дома.
Најголем дел од албумот го снимавме сите како бенд, Атанасија Гулевска (вокал), Андреј Димовски (гитари, придружни вокали), Виктор Стојановски (тапани), Иво Николовски (бас гитара), а имавме и гостувања каде снимаа Мартин Џорлев (гитара), Огнен Златанов (придружни вокали, SFX), Даниел Попоски и Андон Ампов (придружни вокали) и Лука Јанкуловски (клавир).
Албумот е целосно сниман, продуциран, измиксан и мастериран од Раде Биковски, кој учествуваше и креативно, не само технички во целиот процес (некои од бас линиите и некои гитари и клавирски линии на некои песни се отсвирени од него), така што ние си го вбројуваме како фиксен и незаменлив член на јадрото на овој музички состав.

Зошто се одлучи за насловот „Лакримариум“?
– По целиот изминат пат со албумов и сѐ што преживеавме во меѓувреме лакримариумот беше симбол кој, можеби, најпрецизно ја опишува приказната која ја раскажуваат нашите песни, се поврзува со македонската жена, но неговата симболика не се ограничува и не застанува таму. Овој лакримариум е посветен на една млада генерација која се соочува со приказни и сценарија познати од антиката, само одиграни на нова сцена. Лакримариумот е симбол што во себе ја носи и тежината и тагата на отсуството и неизвесноста, но ги чува како доказ за надежта и радоста која одново се раѓа.
Албумот е поставен на социјалните медиуми. На Јутјуб е поставен со видеоспотови. Кој работеше на нивната изработка?
– Видеоспотовите ги работеа „Frozentimedrops“ со кои имавме среќа и чест да се најдеме на иста бранова должина околу визуелната поткрепа на приказната. Многу ни е мило што имавме прилика да соработуваме со креативни млади луѓе од Македонија кои си ја работат работата професионално, посветено и со многу љубов.

Дали се планирани и други формати на објава и какви се следните планови на групата?
– Албумот е веќе пуштен и на „Бендкамп“ (Bandcamp), и дистрибуиран до сите стриминг платформи, со исклучок на „Спотифај“ (Spotify) (специфично поради лошата политика што ја водат со артистите). На сите ни е желба албумот да биде издаден и на плоча во иднина, но одиме чекор по чекор.
Идните планови вклучуваат концерти во блиска иднина од крајот на април до крајот на летото, а потоа е најавена преселба на еден од членовите во странство по што овој проект ќе биде во затишје, барем во однос на настапи и концерти, но на нашите албатроси го оставаме овој албум да одѕвонува како песна што ќе трае по нашиот лет на југ.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 322, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28.2.-1.3.2026)


